
Скопје, 15.04.2025 Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денес имаше работен состанок со представници на невладини организации и здруженија на граѓани кои работат во областа на животната средина, на кој информираше околу Конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2025 година.
Меџити на состанокот го истакна значењето невладините организации да аплицираат во конкурсот.
‘Целта на оваа Програма е да се поттикнат и финансираат конкретни проекти, активности и иницијативи кои ќе придонесат за заштита, унапредување и одржливо управување со нашата животна средина – нешто што е од суштинско значење за здравјето и благосостојбата на сите наши граѓани’ изјави Меџити додавајќи дека НВО-ата има многу значајна улога во делот на подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со заштитата на животната средина.
Дел од овие финансиски средства, информира Меџити се обезбедуваат од еколошката такса при регистрација на моторни возила, дел од надоместок за био-разградливи кеси за пазарење, надомест кој го плаќаат операторите на инсталации со А – интегрирана еколошка дозвола и средства од други владини услуги, што во пракса значи парите на граѓаните ги враќаме пак кај граѓаните.
На состанокот се истакна дека транспарентноста и објективноста се основата на пристапот на МЖСП, а критериуми за невладините организации се да бидат регистрирани најмалку една година пред конкурсот, да делуваат во интерес на јавноста и да немаат поднесено ист проект за финансирање до други извори.
Рокот за аплицирање е до 29 април, во одделни обрасци и формулари, кои се достапни на официјалната веб-страна на Министерството.