Работен состанок на мрежата на директори на агенциите за животна средина во Европа

Новости
Заменик министерката, заедно со претставници од ММИЦЖС, учествуваа на 43-от состанок на мрежата на високи претставници и Директори на агенциите за заштита на животната средина во Европа
Работен состанок на мрежата на директори на агенциите за животна средина во Европа
11.04.2025

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, заедно со претставници од Македонскиот информативе центар за животна средина, учествуваа на 43-от состанок на мрежата на високи претставници и Директори на агенциите за заштита на животната средина во Европа (ЕПА мрежата) што деновиве се одржа во парламентот на Виена, Австрија. Мрежата е формирана од страна на Европската агенција за животна средина – ЕЕА.

На состанокот, претставниците од ЕЕА изразија задоволство од напредокот на соработката на Министерството за животна средина и просторно планирање со земјите од Европа, потенцирајќи го успехот во известувањата со податоци и информации за состојбата на животната средина во нашата држава. Тие, исто така, укажаа и на успехот од континуираните активности за јакнење на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање и редовното учество во работната програма на ЕЕА, како агенција формирана од Европската Комисија.

Во рамки на настанот, заменик министерката Лашкоска, оствари повеќе средби со претставници од Европската Комисија, директорите на агенциите за животна средина од повеќе европски земји, како и со бројни експерти кои учествуваат во работата на ЕПА мрежата и придонесуваат за ефективна имплементација на европската регулатива за животна средина. 

Како дел од работната агенда, извршниот директор на Европската агенција за животна средина, Лена Ила Мононен, презентираше информации за напредокот на имплементацијата на клучните политики за заштита на животната средина во Европа, предизвиците кои доаѓаат од развојот на AI – вештачката интелигенција, како и потенцијалните влијанија врз животната средина или можностите за користење на овие алатки при решавање на притисоците и предизвиците во животната средина.

Submitted by alfa4 on 11.04.2025 - 15:39