Одржлив развој
Одржливиот развој е развој што ги задоволува потребите на сегашните генерации без да ја загрози можноста идните генерации да ги задоволуваат своите потреби. Одржливиот развој е развој кој е социјално одговорен и правичен, прифатлив за животната средина и кој се потпира врз основните постулати на граѓанското општество Претпоставува вградување на критериумите за заштита на природниот, социјалниот и културниот капитал во секоја политика. Тоа подразбира урамнотежување на економските, социјалните и целите на животната средина и нивно интегрирање секогаш кога е тоа возможно, преку креирање на заемно поддржувачки политики и практики и со изнаоѓање компромиси кога не е возможна интеграција на целите.
Во крајна линија, тоа значи систематичност при размислувањето и стратешки пристап при планирањето. Тоа значи и однесување во кое се вградени фундаменталните критериуми на одржливиот развој, со што ќе се обезбедат одржливи резултати во сите човекови активности.
- Усогласување на економијата со човековите потреби и ограничувањата кои ги поставува животната средина. (Одржливиот развој е чувствителен во однос на човековите потреби во зависност од социјалниот статус, образованието, културата, полот. Во таа смисла, економскиот и социјалниот развој и заштитата на животната средина се меѓузависни и претставуваат компоненти на одржливиот развој. Демократијата, почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи кои го опфаќаат правото на развој, транспаретното и одговорно управување со сите сектори на општеството, како и ефективното учество на граѓаните во јавниот живот, се исто така битен дел на неопходните основи на реализација на социјалниот и кон човекот насочениот развој).
- Преземање на одговорноста за квалитетот на сопствениот развој
- Долгорочна визија и модел за праведен и напреден свет (Бидејќи, одржливиот развој не е прашање на избор. Тој е императив. Мора да направиме се што е во нашите можности, дури иако тоа би значело и одредени жртви во периодот на промени и транзиција. Мора да им оставиме на децата свет во кој вреди да се живее, свет со чиста и здрава животна средина и правично општетство. Ова е наша должност која мора да ја оствариме. Романо Проди)
Инвестиции
Усогласувањето со европската легистратива за животната средина во Република Македонија која воедно е и земја кандидат за членка во Европската Унија, е мошне интензивна, одвивајќи се низ процесот на комплетирање на националните закони, подзаконски акти и процедури Тежиштето на овие активности е поставено во Министерството за животна средина и просторно планирање, низ активното учество на релевантните национални носители на одлуки. Локалната самоуправа исто така е вклучена преку делегираните обврски од доменот на планирање и управување животната средина на локално ниво.
Во овој процес особено е важно постапното градење на институциите, преку обезбедување на човечки и финансиски ресурси и други мерки кои се неопходни за транспонирањето на законодавството и исполнување на обврските што од тоа произлегуваат. Поддршката кон спроведувањето на мерки за инспектирање и санкционирање на несоодветно постапување, а кое е спротивно на усвоените апроксимирани закони, се рангира мошне високо. И покрај тоа, обемот на инвестициите во инфраструктурата, односно во така наречените “тврди” мерки е релативно скромен во изминатиот период.
Причина за ова се висината на потребните инвестициони вложувања, во услови кога приходите остварени од наплата од корисниците на услугите во повеќето случаи се недоволни дури и за покривање на тековните трошоци за одржување на инфраструктура, која што обезбедува ниски стандарди за животна средина. Проблем се јавува и при имплементацијата на инвестициите во животната средина поради недоволниот капацитет на државните органи и локална самоуправа да ги поддржат соодветно критичние стадиуми од инвестициониот циклус: Планирање и поставување на приоритети, Подготовка на проекти и проектна документација, Обезбедување на финансиски средства и/или кофинансирање; Изградба на објектите/инфраструктурата и управување со објектите/инфраструктурата.
Македонија е исправена пред сериозен предизвик во поглед на правилно искористување на расположливите финансиски ресурси при усогласувањето со соодветните барања од доменот на животната средина. При тоа, институционалните, социјалните и културните бариери ќе мора да бидат препознаени и надминати, особено за секторите за кои се потребни интервенции на регионално ниво што вклучуваат интензивни капитални и оперативни трошоци.
Климатски промени
Република Македонија, покрај Албанија,Србија и Црна Гора, влегува во групата државо кои не влагуваат во Анексот I во Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени (т.н држава во развој), а од друга страна е држава со статус на земја кандидат за полноправно членство во ЕУ (каде сите држави-членки се во групата на т.н развиени држави). Тоа значи дека Република Македонија ги дели општите цели и принципи на Конвенцијата: придонес кон обезбедување стабилизација на концентрациите на стакленичките гасови во атмосферата на ниво кое би ги превенирале негативните антропогени влијанија врз климатскиот систем, како и принципите за еднаквост и поделена но диференцирана одговорност, прифаќање на барањата и условите на земјите во развој, принцип на претпазливост, како и принципот за промоција на одржливиот развој.
Обврска на државата е регуларно известување за активностите на национално ниво за намалување и ублажување на климатските промени, преку изработка и доставување на т.н Национални извештаи за климатски промени. Извештаите се изработуваат по усвоени насоки на Конвенцијата за држави во развој и содржат одредени задолжителни поглавја: инвентар на стакленички гасови, климатски сценарија, мерки за ублажување и прилагодување кон климатските промени, одредби за транфер на технологии поволни за животната средина, истражувања,едукација, обука и зајакнување на јавната свест за климатските промени.
Досега се изработени три Национални извештаи за климатски промени (2003, 2008, 2013), со финансиска поддршка на Глобалниот Фонд за животна средина, спроведуван преку Програмата за развој на ОН (УНДП). Изработката на Национални извештаи претставува и законска обврска согласно Законот за животна средина.
Како држава кандидат за полноправно членство во ЕУ, државата презема и низа подготвителни активности за идно олеснето спроведување на Европското законодавство во областа клима, кое е многу комплексно и опфаќа повеќе сектори.
Функции на секторот
Секторот за одржлив развој и инвестиции има три примарни функции од кои првата е креирање национална политика за животна средина и одржлив развој преку квалитетна анализа на проблемите и можностите, утврдување приоритети и изготвување релевантни програми и стратегии согласно препораките и приоритетите утврдени на меѓународно ниво. Секторот воедно соработува и со останатите органи на државната управа и другите партнери во процесот на интегрирање на различните политики во насока на одржлив развој и спроведување стратешка оцена на влијанието врз животната средина. Секторот дава поддршка на други единици од Министерството со аналитички услуги и услуги на планирање политика. Тој исто така презема иницијатива во поглед на донесување на нови инструменти/механизми на политиката во областа. Во насока на обезбедување на инвестиции во животната средина кои се во релација со препораките на стратешките документи, секторот врши економски анализи и други методолошки анализи при дефинирање на проектите, како и самиот процес на програмирање. .
Секторот воспоставува и функција за национална соработка заради исполнување на високо приоритетните задачи за соработка со локалната самоуправа и другите министерства и владини институции. Овој сектор исто така е во можност да ги препознае специфичните потреби на единиците на локалната самоуправа и на другите институции и да помогне во приспособувањето на услугите на Министерството на нив.
Секторот ги координира активности за подготовка на стратешки документи, програми и проектни предлози од областа на животната средина. Исто така континуирано дава препораки и активно учествува во имплементација на истите, и ја насочува работата на проектните канцеларии за имплементирање на обврските од ратификуваните глобални меѓународни договори, како и меѓународни договори на ниво на ЕУ.
Втората примарна функција на секторот е утврдена врз основа на потребата за спроведување на инвестиции од областа на животната средина, особено за третман на отпадни води и управување со отпад, како и рехабилитација на индустриски жаришта. Во таа насока, секторот е активно вклучен во подготовка на инвестициони програми, со особен акцент на подготовка и имплементација на Програмата за инвестиции во животната средина согласно Законот за животна средина. Исто така секторот се грижи за развивање на проектните досиеја/техничка документација на инвестиционите проекти во текот на целиот животен цуклус на проектот, особено спроведувањето и мониторингот на истите. Посебен акцент во работата на секторот се дава на реализација на подготовка и реализација на проектите кои се финансиски подржани од донаторската заедница и предпристапната помош на Европската Унија.
Третата примарна функција на секторот е истражување и анализа на политики, документи и програми на локално, национално и меѓународно ниво од областа климатски промени, како и одготовка на плански документи од областа климатски промени. Спроведување на активности за планирање и подготовка на оперативни програми – програмирање од областа климатски промени, како и спроведување на проекти од оваа област се активности кои редовно се спроведуваат.
Работата на Секторот за одржлив развој и инвестиции се реализира преку четири одделенија:
- Одделение за одржлив развој
- Одделение за подготовка на проекти
- Одделение за инвестиции
- Одделение за климатски промени