
- Што се случува?
Транспортот ја гарантира нашата мобилност и овозможува пристап до добра и услуги. Понатаму, транспортниот сектор го помага одржувањето и развојот на општествените и економските системи, но истовремено транспортот е еден од главните извори на притисоци врз животната средина, како што се неодржливото користење на природни ресурси, испуштањето на емисии на загадувачки супстанции во воздухот, стакленички гасови и емисии на бучава. Сообраќајот е сектор кој има голем удел во загадувањето на животната средина, а особено деградирачко дејство има во урбаните средини.
Вкупната побарувачка на патнички транспорт во разгледуваниот период пораснала за 100,36%. Учеството на патниот транспорт во вкупниот патнички транспорт изнесува 99,8% во 2023 година, што претставува пораст од 110,98% во однос на 1990 година, додека на железничкиот транспорт изнесува 0,2% во 2023 година, што претставува пад од 11 пати во однос на 1990 година.
Учеството на приватните возила во вкупниот патнички транспорт е најголемо. Во 2023 година има удел од 92,5% и истовремено претставува најголем удел во разгледуваниот период. Зголемената побарувачка на автомобили директно влијае на структурата на патничкиот копнен сообраќај, негативно се одразува на животната средина и здравјето, особено што со голем број возила се превезуваат мал број патници.
Вкупната побарувачка на товарниот транспорт покажува променлив тренд на опаѓање и растење во разгледуваниот период. Во 2023 година во однос на 1990 година, вкупната побарувачка на товарен транспорт се зголемила за 4,1 пати како резултат на зголемување на патниот товарен транспорт за 5,5 пати, додека кај железничкиот товарен транспорт има пад од 81%, што нема поволно влијание врз животната средина.
Бројот на моторни возилата кои користат бензин како погонско гориво континуирано се намалуваат во разгледуваниот период. Во 2022 година има 47% помалку моторни возила кои користат бензин во однос на 1995 година. За сметка на тоа, користењето на нафта има тренд на зголемување од 61,2% во 2022 година. Со оглед на тоа што при согорување на нафтата се испуштаат повисоки емисии на цврсти честички во споредба со согорувањето на бензините, овој тренд на зголемена употреба на дизел горива има штетно влијание врз здравјето на луѓето. Патничките возила кои користат течен нафтен гас (ТНГ) се застапени со 11% во вкупниот возен парк во 2022 година, што претставува зголемување од околу 9% во однос на 2021 година. Ова се должи на подобрување на квалитетот и достапноста до подетални податоци, т.е. од 2022 година во базата на податоци подобро се категоризирани возилата кои имаат вграден дополнителен плински уред.
Согорувањето на горивата во моторните возила претставува најголем извор на азотни оксиди (NOx) според Националниот инвентар на загадувачки супстанции во воздух (Годишен извештај 2023) и учествува со 42%. Патниот транспорт е исто така има значаен удел и во вкупните национални емисии на другите загадувачки супстанции во воздухот CO (12%), Pb (13%), TSP (4%). Меѓутоа треба да се има предвид и значителното влијание на транспортниот сектор врз квалитетот на воздухот на локално ниво, особено во урбаните средини, каде според некои студии локалниот транспорт се детектира како втор по големина сектор кој придонесува во локалното загадување со PM честички.
Патниот транспорт е еден од клучните извори на емисии на стакленички гасови во земјата и е одговорен за 27,7% од емисиите во секторот енергетика во 2019 година. Покрај просечното годишно учество во националните емисии на стакленички гасови, потсекторот патен транспорт се смета за потсектор со најбрзо растечки емисии, имајќи предвид дека емисиите на потсекторот патен транспорт во 2019 година се зголемени за 26,5% во однос на 2014 година, а за драстични 208% во однос на 1990 година.
Автобусите се најчесто застапен начин на организиран превоз на национално ниво. Тие покриваат голем дел од руралните и урбаните подрачја, каде што железничката мрежа не е доволно развиена. Во РС Македонија автобусите се доминантни во меѓуградскиот транспорт бидејќи нудат поголема флексибилност, почести линии и подобра поврзаност. Процентот на застапеност на автобускиот превоз во националниот патнички превоз се движи од 9,4% во 2020 година до 28,5% во 2014 година.
Железничкиот превоз или користењето на возови како колективен модалитет има многу помал удел во националниот патнички превоз, главно поради ограничувања во инфраструктурата (стари железнички линии, недостаток на инвестиции) и споредните брзини во споредба со автобусите. Иако железничкиот превоз е поеколошки и поекономичен, патниците често го избегнуваат поради неажурирани услуги и нередовност. Процентот на застапеност на железничкиот превоз во националниот патнички превоз се движи од 0,7% во 2020 година до 3% во 2015 година, што е навистина занемарлив процент.
Од вкупната проценка на националниот возен парк за 2022 година може да се заклучи дека просечната старост на возниот парк во Македонија е 18 години, што е доста поразителен факт. Просечната старост се менува во корелација со класите на возила и типовите на гориво, варирајќи од просечна старост од 21 година за патничките автомобили кои работат на ТНГ, до 16 години од просечниот стандард Euro 4 за тешките возила/камионите. Разликата во возраста помеѓу вкупниот возен парк и тешките товарни возила е главно во сопственост на задолжителните барања за меѓународен товарен транспорт (CEMT сертификати за еколошка усогласеност на тешките патни трактори).
- Зошто се случува?
Намалувањето на негативното влијание на транспортните системи врз животната средина и климатските промени е високо на агендата на ЕУ, а исто така и на нашата национална агенда. Негативното влијание на трнспортниот сектор врз животнатата средина се должи на повеќе аспекти, како што е стариот возен парк на регистрирани возила, кој според последните статистики покажува дека околу 48% од вкупниот број регистрирани патнички возила на национално ниво се со стандард ЕУР 0-3. Исто така, трендот на зголемување на возила со дизел мотори доведува до зголемување на штетни издувни емисии во воздухот. Оттаму се наметнува потребата од зголемување на привлечноста на јавниот превоз и поврзување преку адаптирање на инфраструктурните капацитети, промена од еден на друг вид на транспорт за превоз на патници и користење на јавниот транспорт. Понатаму, потребно е воведување на бариери за бучава, подобрена инфраструктура за немоторизирани начини на транспорт во урбаните средини и езера, имплементирање на нови стандарди за заштита, изградба и одржување на патната инфраструктура.
Особено во урбаните средини главните извори на емисии на загадувачки супстанци се патничките возила односно моторите со внатрешно согорување вградени во разните сообраќајни средства. Без оглед на степенот на согорување, моторите СВС емитираат загадувачки супстанци кои преставуваат потенцијална опасност за животната средина и здравјето на луѓето, а истовремено ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот.
Во однос на безбедноста на сообраќајот, националните анализи покажуваат дека безбедноста во сообраќајот, особено во патниот сообраќај, не е на соодветно ниво и потребно е вклучување на иновации во примената, систематското и консолидирано собирање на податоци, истражување на несреќи, информирање и подигање на свеста на учесниците во сообраќајот.
- Дали имаме национална цел?
Во склоп на „Националната транспортна стратегија 2018-2030“, предвидено е воведување на зелена мобилност и логистика фокусирана на еколошка ефикасност на транспортниот сектор како Општа цел 3 од Стратегијата. Посебните цели вклучуваат:
- Развој и унапредување на еколошки прифатливи транспортни системи со ниско ниво на јаглерод диоксид
- Стимулирање на промена од еден на друг вид на транспорт
- Зголемување на важноста на интермодалниот и мултимодалниот транспорт во националната транспортна политика
Како Општа цел 4 планирано е воспоставување на сигурен и безбеден транспортен систем преку остварување на посебните цели:
- Подобрување на безбедноста во транспортот, преку разработена мултидисциплинарна стратегија за да се подобрат сите начини на транспорт (вклучувајќи железнички, воздушен, урбан и езерски превоз, ранливи учесници во патниот сообраќај, инфраструктурата, подобрено управување со безбедноста и култура за поддршка на безбедноста преку зголемување на јавната свест)
- Подобрување на безбедноста во патниот сообраќај и безбедноста на патната инфраструктура (вклучувајќи безбедност во урбаниот транспорт)
- Воведување на ИТ технологии и имплементирање на Интелигентни транспортни системи (ИТС) во транспортниот сектор
- Дали националната цел е постигната?
Дел од националните цели се постигнати, дел се во процес на спроведување, а дел се во склоп на Национални стратегии кои треба да се спроведат во иднина. Во однос на разгледуваните индикатори може да се забележи дека сеуште сме далеку од остварување на зацртаните цели.
- Клучни пораки за темата
- Учеството на патничките возила во вкупниот патнички транспорт е најголемо. Во 2023 година има удел од 99,8% и истовремено претставува најголем удел во разгледуваниот период. Зголемената побарувачка за автомобили директно влијае на структурата на патничкиот копнен сообраќај, негативно се одразува на животната средина и здравјето, особено што со голем број возила се превезуваат мал број патници.
- За да се намали притисокот врз животната средина политиките во секторот транспорт треба да фаворизираат се промовираат мерки за намалување на патниот товарен транспорт, а зголемување на железничкиот товарен транспорт.
- Емисиите на загадувачките супстанции потекнуваат од скоро сите економски и општествени активности, а особено емисиите од транспортот имаат големо влијание во вкупните емисии во воздухот. Користењето на алтернативни извори на енергија, обновливи извори, биогоривото и природниот гас се примарни процеси за подобрување на квалитетот на воздухот и треба да бидат приоритетни мерки во политиките во секторот транспорт.
- Најголем удел во вкупниот број на возила имаат возилата со просечна старост од 18 години. За намалување на просечната старост на возилата потребно е спроведување на мерки за обнова на возниот парк.
- Најзначајниот дел од емисиите од потсекторот патен транспорт потекнуваат од дизел тешките товарни возила, дизел патничките автомобили и дизел лесните комерцијални возила.
- Покрај просечното годишно учество во националните емисии на стакленички гасови, потсекторот патен транспорт се смета за потсектор со најбрзо растечки емисии на стакленични гасови.
- Согорувањето на горивата во моторните возила претставува најголем извор на азотни оксиди (NOx) според Националниот инвентар на загадувачки супстанции во воздух (Годишен извештај 2023) и учествува со 42%.
- Од вкупната проценка на националниот возен парк за 2022 година може да се заклучи дека просечната старост на возниот парк во Македонија е 18 години, што е доста поразителен факт.
- Кои активности се/треба да се преземат?
Генерално за подобрување на состојбата во секторот од сите аспекти, се наметнува потребата од зголемување на привлечноста на јавниот превоз и поврзување преку адаптирање на инфраструктурните капацитети, промена од еден на друг вид на транспорт за превоз на патници и користење на јавниот транспорт.
Стимулирање на употреба на еколошки прифатливи возила. Емисиите на загадувачките супстанции потекнуваат од скоро сите економски и општествени активности, а особено емисиите од транспортот имаат големо влијание во вкупните емисии во воздухот. Користењето на алтернативни извори на енергија, обновливи извори, биогоривото и природниот гас се примарни процеси за подобрување на квалитетот на воздухот и треба да бидат приоритетни мерки во политиките во секторот транспорт.
Воведување на бариери за бучава, подобрена инфраструктура за немоторизирани начини на транспорт во урбаните средини и езера, имплементирање на нови стандарди за заштита, изградба и одржување на патната инфраструктура.
За да се намали притисокот врз животната средина политиките во секторот транспорт треба да се промовираат мерки за намалување на патниот товарен транспорт, а зголемување на железничкиот товарен и патнички транспорт.
- 89 МК НИ 035 Побарувачка на патнички транспорт
- 90 МК НИ 036 Побарувачка на товарен транспорт
- 91 МК НИ 054 Патни моторни возила според видот на горивото
- 92 МК НИ 055 Просечна старост на патните моторни возила
- 93 МК НИ 046 Морталитет од сообраќајни несреќи
- МК НИ 113 Удел на автобуси и возови во вкупниот патнички национален превоз
- МК НИ 114 Емисии на стакленички гасови од транспорт
- МК - НИ 115 Емисии од транспорт на загадувачки супстанции во воздух