
Скопје, 8 април 2025 Министерството за животна средина и просторно планирање денеска одржа прес-конференција по повод објавувањето на јавниот Конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година.
На прес-конференцијата, Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, истакна дека Програмата има за цел да поттикне и финансира проекти и активности што придонесуваат за заштита, унапредување и одржливо управување со животната средина – како еден од клучните фактори за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните.
Меџити со апел до општините, здруженијата на општините, граѓанските организации и научно-образовните институции активно да се вклучат во овој процес.
Вкупниот износ што Министерството го распределува оваа година изнесува 229 милиони денари:
- 100 милиони денари за изградба и техничка документација за канализациони системи и системи за пречистување на отпадни води;
- 100 милиони денари за изградба и надградба на водоводни системи;
- 10 милиони денари за образовни, истражувачки и развојни проекти;
- 19 милиони денари за активности за подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со животната средина.
Министерот Меџити потенцираше дека процесот на избор и распределба на средствата ќе се спроведува транспарентно и објективно, со јасно дефинирани критериуми. Апликациите ќе се оценуваат врз основа на повеќе параметри, вклучувајќи организациска структура, ефективност на буџетот, влијание на проектот и усогласеност со национални стратегии.
Рокот за аплицирање изнесува три недели, а формуларите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страна на Министерството и се прилагодени според типот на апликант – со цел да се олесни и поедностави процесот.
Особено охрабрување беше упатено до стартапи и технолошки компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.
„Овој Конкурс е вистинска можност за сите што имаат визија, идеи и капацитет да придонесат кон почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – искористете ја оваа можност“
- изјави министерот Изет Меџити.
Резултатите од Конкурсот ќе бидат јавно објавени по завршувањето на процесот на евалуација.
Линк до конкурсот: Конкурс | Министерство за животна средина и просторно планирање