Скопје, 04.12.2024г. Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и амбасадорката на Шведска Н.Е Ами Ларсон Џеин потпишаа Mеморандум за соработка за спроведување на проектот „Поддршка на пристапот на Северна Македонија во ЕУ во областа на животната средина – Фаза 2“.
Со шведската помош ќе се работи на зајакнување на капацитетите на МЖСПП во координацијата и управувањето со процесот на приближување кон ЕУ и олеснување на преговорите од Поглавјето 27, како и подобрување на интерсекторска и меѓусекторска соработка. Исто така, ќе се работи на зголемување на капацитетот и соработката помеѓу креаторите на политики и засегнатите страни на локално, национално и регионално ниво. Проектните активности ќе бидат сконцентрирани во секторот за ЕУ Интеграција на МЖСПП и во делот на управување со биолошката разновидност и климатската адаптација.
Проектот ќе се спроведува до 31 мај 2027 година. Финансиите, во висина од 1.7 милиони евра, се обезбедени преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA), а го спроведува Шведската агенција за животна средина (SwEPA) во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање.