
1. Што се случува?
Промените во природните екосистеми се перманентни. Процесите не се следат континуирано поради недостаток од воспоставен континуиран мониторинг на состојбата со природата. МЖСПП во 2021 година изготви и донесе Упатство за начинот на вршење теренска опсервација, инвентаризација и мониторинг на биодиверзитетот и живеалиштата на територијата на Република Северна Македонија со протоколи/обрасци за васкуларни растенија, мовови, цицачи, птици, водоземци и влекачи, риби и ракови, без’рбетници, габи и лишаи, како и обрасците за шуми и други шумски живеалишта, отворени живеалишта (тревни површини, вриштини и грмушеста вегетација) и мочуришни живеалишта (тресетишта, блата, езера и реки).
Негативните влијанија врз природата и природните процеси од антропогениот фактор се се почести. Преку реализираните програми и проекти за мониторинг на неколку диви видови растенија, габи, животни и птици кои се од национално и европско значење, утврдени се негативни промени кај водните, блатните, тревестте, шумските и планинските екосистеми и живеалишта што доведува до фрагментација на живеалиштата како и намалување на ареалите и бројноста на популациите на дивите видови животни и растенија.
При подготвување на стратешки развојни проекти кои поради нивниот карактер, обем или локација можат да имат значително влијание врз природата, не се врши во целост оцена на влијанијата односно проценка на потенцијално значајните влијанија врз природата и биодиверзитетот кои можат да произлезат од реализацијата на проектите. Во студиите или елаборатите за оцена на влијанието врз животната средина (EIA) е содржано само поглавје кое се однесува на опис на природното, културното и историското наследство на пределот но без соодветни мерки за спречување или намалување на негативните/штетните влијанија врз природата и биодиверзитетот.
Мрежата на заштитени подрачја континуирано се зголемува со прогласување на нови подрачја вклучително и природни реткости, сепак процесот на ре-прогласување на постоечките заштитени подрачја не е завршен во целост и ефикасноста на управувањето зависи од капацитетите на субјектите за управување.
Оценка на засеганатоста на дивите растителни и животински видови се спроведуваше во изминатите години, постојат податоци за одредени таксономски групи (пр. водоземци, влекачи, цицачи, итн) но не е завршено оценување на сите таксономски групи.
Управувањето и користењето на природните ресурси не секогаш се врши на одржлив начин. Собирањето диви видови растенија, габи, лишаи, животни и нивни делови од природата се врши од страна на обучени собирачи и со претходно добиени дозволи за собирање од МЖСПП. Сепак, има недостаток на податоци за количините кои можат да се собираат од природата како и податоци за вкупно соберени диви видови растенија, габи, лишаи, животни и нивни делови. Ова го доведува во прашање начинот на собирање односно дали сите диви видови се собираат на одржлив начин што може да резултира со загрозување на нивниот опстанок и носење на Олуки за ограничување или забрана за собирање како што е примерот со генцијаната (Gentiana sp.), мечкиното грозје (Arctostaphylos uva-ursi) или дабовиот лишај (Evernia prunastri) се со цел одржување на поволна состојба на зачуваност на овие диви видови растенија. Врз основа на извршена теренска проценка на популациите на видот мечкино грозје на национално ниво, донесена е Наредба за ограничување на собирање на растителниот вид Мечкино грозје (Arctostaphylos uva-ursi) заради користење и трговија (Службен весник на РСМ бр.201/21).
2. Зошто се случува?
Промените во природните екосистеми се условени како од биотските така и од абиотските фактори. Дополнителни нарушувања кај природните екосистеми се регистрирани и од антропогените влијанија. Главни сектори кои имаат негативни влијанија врз природните екосистеми а посебно врз загрозувањето и опстанокот на дивите видови и/или нивните живеалишта се: енергетскиот, транспортниот, шумарскиот и земјоделскиот сектор, преку изградбата на инфраструктурни објекти и други индустриски и урбани комплекси, рударството и неодржливиот масовен туризам. Во последнава деценија главните притисоци се врз водните екосистеми, посебно сливовите на поголемите реки, како и зафаќањето на води од помали водотеци во планинските екосистеми со цел производство на електрична енергија. Се почестото поставување на фотоволтаичните електроцентрали без соодветна оцена на влијанијата кои овие активности ќе ги имаат врз природата и биодиверзитетот доведува до губење на природните вредности и деградација на земјиштето. Негативни влијанија се регистрирани и кај тревестите екосистеми и заедници преку депопулација и намалување на сточниот фонд во руралните подрачја, што резултира со промени во природниот состав на видовите, зараснување на пасиштата (сукцесија) и ширење на инвазивните растителни видови.
Сепак, најизразени се промените кај водните екосистеми, пред се влажните живеалишта, блатата и тресетишатата, бидејќи, со нарушување на режимот на водите и влијанието на климатските промени, во нив се губат значајните вегетациски заедници, ендемични и ретки диви видови растенија и животни. Загадувањето на водите и почвата од различни извори влијае врз биодиверзитетот.
Поради неодржливо управување со шумите, регистрирани се појави на ерозија на земјиштето, а со тоа и губење на вегетацијата. Се почестите шумски пожари имаат директно негативно влијание врз стабилноста на шумските екосистеми и губењето на биодиверзитетот. Драстичните климатски промени се повеќе негативно влијаат врз опстанокот на живиот свет, а со самото тоа и брз стабилноста на природните екосистеми и живеалишта.
3. Дали имаме национална цел?
Основните национални цели за заштита на природата и зачувување на биолошката разновидност се утврдени со Законот за заштита на природата и стратешките документи од областа на заштита на природата како: Национална Стратегија за заштита на природа со Акционен План (2017-2027) и Национална Стратегија за биолошка разновидност со Акционен План (2018-2023) во кои детално се разработени приоритетните цели на РСМ кои се однесуваат на заштита на природата и биолошката разновидност. Националните цели за заштита на природата се дел и од другите стратешки документи на државата како што се: Стратегија за развој на енергетиката во РМ до 2040 година, Стратегија за животна средина и климатски промени 2014-2020, Просторниот план на РМ, Национална Стратегија за одржлив развој во РМ (2009-2030), Национална стратегија за одржлив развој во шумарството 2007-2026 и други секторски планови и програми.
Во Националната стратегија за заштита на природата се идентификувани 7 национални цели за тематски подрачја од областа на геодиверзитетот, биолошката и пределската разновидност. Во Националната Стратегија за биолошка разновидност се дефинирани 4 стратешки цели од кои произлегуваат 19 национални цели за зачувување на биолошката разновидност кои беа усогласени со глобалните цели за биодиверзитет на ООН (познати како Цели од Аичи) и Европската Стратегија за зачувување на биолошката разновидност до 2020 год.
4. Дали националната цел е постигната?
Секторот за природа при МЖСПП постојано го следи прогресот на имплементација на Акциските планови од Национална Стратегија за заштита на природа и Националната Стратегија за биолошка разновидност. Констатирано е дека националните цели на РСМ утврдени со овие стратегии целосно не се постигнати, меѓутоа евидентен е соодветен напредок во реализацијата на активностите.
Акцискиот план од Стратегијата за заштита на природата содржи бројни акции кои треба да се преземат со цел исполнување и постигнување на националните цели до 2027 год.
Од вкупно 222 акции содржани во Акцискиот план на Стратегијата за заштита на природата досега се реализирани 87 акции или 39,19%, во фаза на реализација се 49 акции или 22,07%, а неотпочнати се 56 акции или 25,23%. Имено, досегашната анализата покажа дека сеуште не се зајакнати капацитетите на локално, регионално и национално ниво, а и националната еколошка свест за заштита на природата и биолошката разновидност сеуште е на ниско ниво.
Целите кои се дефинирани во Националната стратегија за одржлив развој на шумарството се во насока на одржливо управување со шумите и заштита на природниот капитал на пределите. Тројната светска криза како што ја нарекуваат ОН, се однесува на климата, загадувањето и биодиверзитетот како и енергетската криза имаат големо влијание врз обезбедување финансиски ресурси за реализирање програми и проекти за заштита на природата и биолошката разновидност во регионот и во државата. На глобално ниво донесени се нови цели за зачувување на биолошката разновидност до 2030 год. како и нова Стратегија на ЕУ за биодиверзитет (2021-2030). Следствено ќе се направи усогласување на националните цели на државата за заштита на природа и биолошката разновидност.
5. Клучни пораки за темата
Во периодот од 1973 год заштитата на природата и биолошката разновидност била регулирана со Закон за заштита на природните реткости (Сл. Весник на РМ бр. 41/1973) каде за прв пат се утврдени категориите на заштитени подрачја. Од 1995 до 2004 година заштитата на природата и биолошката разновидност е регулирана во Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата (Сл.Весник на РМ бр. 13/2003). Во 2004 година беше донесен посебен закон за заштита на природата. Во периодот од 2004 до 2024 година Законот за природа беше често менуван и дополнуван. Врз основа на Законот за заштита на природата во овој период беа донесени сет со подзаконски акти кои се однесуваат на: одржливо користење на природни ресурси, вклучително и за собирање на диви видови растенија, габи и животни од природата како и акт за регулирање на прометот со засегнати и заштитени диви видови. Донесени се и правилници како што се: Листи за утврдување на строго заштитени и заштитени диви видови, Правилник за евиденција за заштита на природата, Правилник за содржината на студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, Правилник за содржината на плановите за управување со заштитени подрачја и годишните програми за заштита на природата и Правилник за издавање дозвола за спроведување на научно истражување во природата и др. Во тек е изготвување и донесување нов Закон за природа со кој треба јасно да бидат дефинирани целите, активностите и мерките за зачувување на природата преку заштита на биолошката разновидност, заштита и зачувување на природните екосистеми и живеалишта како и заштита на дивите видови растенија и животни кои се од национално и меѓународно значење.
Министерството за животна средина и просторно планирање спроведува континуирани активности за зголемување на процентот на заштитени подрачја со цел исполнување како на националните така и на меѓународните обврски од областа на заштита на природата. Во последниот три годишен период процентот на заштитени подрачја во РСМ е значително зголемен со прогласување на нови заштитени подрачја и денес истиот изнесува 13,9 % од националната територија.
Во интерес на секоја земја заради социо-економски развој е да се прогласуваат повеќе заштитени подрачја. Во светот е докажано дека економската моќ на земјите е многу поголема, доколку заштитените подрачја се управуваат рационално и одржливо. Соодветното користење на екосистемските услуги што ги пружаат заштитените подрачја се од големо значење за локалното население и локалната економија. Концептот на заштитени подрачја, нивното соодветно управување и развојот на плаќањето на екосистемските услуги се важни за воспоставувањето на модел за одржливо користење на природните ресурси, но и одржување на екосистемите во поволна состојба на зачуваност.
Во таа насока направен е значителен напредок во спроведување на постапките за прогласување на нови заштитени подрачја. Согласно Законот за заштита на природата донесен е Закон за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II - Национален парк (Службен весник на РСМ бр. 151/21). Исто така, планината Водно беше прогласена за заштитено подрачје во категорија V - Заштитен предел (Службен весник на РСМ бр.195/21) и дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел (Службен весник на РСМ бр.286/21). Со тоа процентот на заштитени подрачја е зголемен на 13,9 % од територијата на државата и направен е прогрес и надминат е предвидениот процент на заштитени подрачја од 11,5% од територијата на држава, што беше утврден за исполнување до 2020 година во Секторската студија за заштита на природното наследство, која е дел од Просторниот План на државата (2004).
Истовремено, преку ЕУ проектот “Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES” се спроведуваат активности на национално ниво за идентификација на идни Натура 2000 подрачја што подразбира идентификација на значајни типови живеалишта видови и птици кои се од европско значење. За овие подрачја ќе бидат изготвени и Стандардни податочни формулари (SDF).
Во процесот на приближување кон ЕУ се работи на усогласување и спроведување на директивите на ЕУ од областа на заштита на природата. Со оглед дека за зачувување на природата неопходни се огромни финансиски средства, Министерството за животна средина и просторно планирање за прв пат во 2024 година обезбеди финансиски средства за заштита на природата кои беа доделени на Националните паркови како имплементатори на активностите за заштита на природата но истите не се доволни за воспоставување на одржлив систем на финансирање на заштитените подрачја.
РСМ како прва земја во регионот потпиша Договор за учество во Програмата на Европската Унија „Живот“ (LIFE), што ќе ни обезбеди отворање на нови можности за аплицирање за проекти од областа на природа и биодиверзитет.
МЖСПП е дел од работната група за биолошка разновидност Biodiversity Task Force предводена од Регионалната канцеларија на IUCN која има за цел стимулирање на регионалната соработка и напредок кон исполнувањето на обврските од Конвенцијата за биолошка разновидност и ЕУ директивите за живеалишта и птици.
Согласно исполнувањето на националните обврски кои се однесуваат на заштита на природата и биолошката разновидност во годишните извештаи за прогресот на државата кон ЕУ за делот заштита на природата нотиран е значаен прогрес во последните неколку години.
6. Кои активности се/треба да се превземат?
Во тек е донесување на новиот Закон за природа кој ќе овозможи целосно транспонирање на одредбите од ЕУ директивите и регулативите од областа на заштита на природата.
Подготвен е и нов закон за CITES со кој ќе се регулира меѓународната трговија со загрозени видови растенија и животни со цел спречување на губењето на биодиверзитетот предизвикано од прекумерното искористување на дивиот растителен и животински свет од страна на човекот. По усвојувањето на ова законско решение ќе се контролира меѓународната трговија со диви растителни и животински видови до степен што не може да го загрози нивниот опстанок.
Изработена е Студија за изводливост за воспоставување на центар за згрижување на повредени и запленети диви животни во Република Северна Македонија со што ќе се одговори на барањата на CITES конвенција како и регулативата на ЕУ за регулирање на прометот со диви растителни и животински видови.
Во однос на обврските од ЕУ Директивата за живеалишта и ЕУ Директивата за птици досега во РСМ се идентификувани 12 потенцијални НАТУРА 2000 подрачја со вкупна површина од 1756,45 км2 или 175645 ha (6,8%). Во моментот се спроведуваат активности за идентификација на идни НАТУРА 2000 подрачја на целата територија на РСМ за кои ќе бидат изготвени и Стандардни податочни формулари (SDF).
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со национални и меѓународни експерти, применувајќи ги критериумите на IUCN изготви Национални Црвени листи за херпетофауна (водоземци и влекачи), габи и за пет селектирани видови на цицачи (рис, мечка, видра, волк и чакал). Утврден е конзерваторски статус за 14 виши васкуларни растенија кои се од национално и европско значење и изготвена е Приоритетна листа на таксони на флората на национално ниво како основа за понатамошна селекција и утврдување на конечна листа со приоритетни таксони за Црвената листа на флората на државата. Националните Црвени листи се поставени на веб страницата на МЖСПП сhttp://redlist.moepp.gov.mk/pocetna/. Во завршна фаза е ревидирањето на Листите на строго заштитени и заштитени диви видови растенија, габи и животни.
Изработена е картата на значајни живеалишта во РСМ и изработена е веб апликација за онлај притап до картата (habitatnakarta.moepp.gov.mk).
Се реализираат активности за воспоставување на Транснационална платформа за размена на информации за управување со големи месојади во Динарскиот регион во осум земји од Динарскиот регион: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Словенија. Преку платформа националните администрации работат заедно со други релевантни чинители од земјоделството, науката, ловот и зачувувањето на природата на заеднички развој на водечки принципи за идната соработка.
Неопходно е да се работи на воспоставување на континуиран мониторинг за следење на состојбата со клучните видови и живеалишта со национално и меѓународно значење заради преземање соодветни мерки за зачувување и ревитализација.
Извршена е селекција на екосистемите и нивно мапирање на цела територија на земјата, утврдена е состојбата на екосистемите и дефинирани се екосистемските услуги што ги даваат екосистемите. Изработена е пилот шема за плаќање на екосистемски услуги и во тек е нејзино тестирање во Споменик на природа Вевчански Извори. Континуирано се спроведуваа обуки за засегнатите страни во рамки на долгорочниот план за јакнење на капацитети за сите засегнати страни за екосистемски услуги.
МЖСПП спроведува постапка за повторно прогласување на локалитетите Кањон Матка, Охридско Езеро и Долна Пчиња за заштитени подрачја во категорија III - Споменик на природа и повторно прогласување на Маврово за национален парк Исто така, во изминатите години постигнат е голем прогрес во прогласување на природни реткости како обврска од Законот за заштита на природа. Со завршување на веќе отпочнатите постапки за прогласување на Студенчишко и Белчишко Блато за нови заштитени подрачја ќе се зголеми процентот на заштитени подрачја на национално ниво. До Министерството за животна средина и просторно планирање поднесена е иницијатива за отпочнување на постапка за прогласување на дел од планината Јабланица за заштитено подрачје и обезбедени се финансиски средства од страна на МЖСПП за изготвување на Студија за валоризација на природните вредности на Јабланица. Покрената е иницијатива за прогласување на првиот гео-парк Демир Капија. Во тек се активности за валоризација на гео вредностите и биодиверзитетот со кои се карактеризира ова подрачје.
Локалитетот Длабока Река во НП Маврово е вклучен на Листа на УНЕСКО за стари букови шуми во 2021 год.
Прекуграничната соработка за заштита на природата е унапредена во рамки на Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ), при што беа опфатени заштитените подрачја (НП Пелистер, НП Галичица, СП Преспанско Езеро, Парк на природа Езерани и НП Шар Планина). Се очекува соработката со ПОНТ да се прошири и во други заштитени подрачја по завршување на процесот за повторно прогласување како што се СП Охридско Езеро и НП Маврово.
Подобрено е управувањето со заштитените подрачја преку изработка и донесување на планови за управување. Изработени и донесени се плановите за управување со Национален парк Пелистер (2021-2030), Национален парк Галичица за период 2021-2030 година и Заштитен предел Осоговски планини (2022-2031) и Планот за управување со Национален парк Шар Планина (2022-2031) и План за управување со Преспанско Езеро (2023-2033). Изготвен е Нацрт-План за управување со Споменик на природа-Охридско Езеро..
Со цел справување со предизвиците, потребите и приоритетите кои се однесуваат на заштита на природата и биолошката разновидност како и навременото исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на природата неминовно ја наметнуваат потребата од преземање на низа активности како: формирање на Агенција/Завод за заштита на природата како стручно институција која ќе одговори на сите предизвици; воспоставување на функционален и одржлив систем на заштитени подрачја; идентификација на НАТУРА 2000 подрачја на национално ниво; обезбедување на финансиски средства од Буџетот на РСМ наменети за заштита на природата и биолошката разновидност; донесување на акциски планови за управување со клучни висови и живеалишта; изготвување на Планови и Програми за ревитализација на значајни живеалишта и клучни видови кои се од интерес на заедницата; проценка на еколошкиот статус на водните живеалишта; обезбедување функционалност на еколошките коридори; изградба на зелена инфраструктура; идентификација и преземање пилот мерки за ерадикација на инвазивни видови; усогласување со глобалната рамка за биолошка разновидност согласно Конвенцијата за биолошка разновидност, воспоставување на систем на плаќање на екосистемски услуги, воспоставување национален информативен систем за природа и др.
Еден од најефикасните начини за намалување на негативните влијанија од климатските промени е примената на Решенијата засновани врз природата односно активности насочени кон заштита, ревитализација и одржливо управување со природните екосистеми со цел создавање на здрави и функционални екосистеми. Неопходно е да се направи национален акциски план за ревитализација на приоритетните живеалишта во земјата.
Целта на понатамошно исполнување на обврските е спроведување на пропишаните активности од националната легислатива за одржливо управување со шумите и заштита на природата, ратификуваните меѓународни договори и ЕУ директивите и регулативите од областа на шумарството, а согласно националната стратегија за одржлив развој на шумарството 2007-2027, Прирачник за одржливо управување со шумите во Република Северна Македонија 2021 и Националната стратегија земјоделство и руралниот развој за периодот 2021-2027. За интензивирање на процесите и дооформување на определени фази и постапки во завршна фаза и изготвување на нов предлог текст на закон за шуми каде се имплементирани 12 ЕУ регулативи поврзани со шумите и дел од ЕУ Директивите од областа на шумарството.