МК НИ 081 Број на пчелни семејства

60
МК НИ 081
Број на пчелни семејства
Дефиниција

Индикаторот го покажува бројот на пчелни семејства без оглед дали се во кошница, сандак и слично, во целата земја и по статистички региони.

Единици
  • Број на пчелни семејства.
Клучно прашање за политиката

Каков е трендот на бројот на пчелни семејства вкупно и по региони?

Клучна порака

Зголемувањето на бројот на пчелни семејства во државата има позитивен тренд и истото има позитивно влијание врз животната средина. Вкупниот број на пчелни семејства во Република Северна Македонија во периодот 1993-2023 година има позитивен тренд со одредени осцилации. Ако во 1993 година во РСМ биле евидентирани 74951 пчелно семејство, нивниот број заклучно со 31.12.2023 година изнесувал 306415 пчелни семејства
На трендот на зголемување на бројот на пчелни семјства во државата позитивно влијание имале повеќе фактори, меѓу кои: државната политика за субвенционирање на одгледувањето пчелни семејства, севкупната едукација на населението за квалитетот и потребата од конзумирање мед, можноста за дополнителна заработка препознаена од поголем број млади пчелари, различни проекти насочени кон поддршка на пчеларството (особено во заштитените подрачја), законските регулирања и олеснувања за продажба на мед од куќен праг, намалувањето на прагот за субвенционирање на бројот на пчелни семејства до 30 на 10 во руралните средини, што резултира со евидентирање и на бројот на пчелни семејства во помалите пчеларници, зголемената ажурност за евиденција и контрола на пчелните семејства на терен од страна на државните институции итн.
Придобивките од пчелите се бројни - покрај економските би ги посочиле и еколошките придобивки посебно врз опрашувањето на растителните видови, со што се влијае на зачувувањето на биолошката разновидност, бидејќи голем број видови својот опстанок го должат на опрашувањето од страна на пчелите.
Сепак, во поширокото општество сеуште не е доволно препознаена големата улога на пчелите во системот, па честопати одредени практики доведуваат да тие страдаат од несовесна употреба на пестициди во земјоделството, разни хемиски третирања, пожари, загадувања на животната средина и сл. Ако на тоа се додадат и климатските промени, со сѐ почестите екстремни влијанија, како и намалувањето на површините под ливади како една од основните површини од каде пчелите собираат нектар, може да се каже, дека за одржување на позитивниот тренд на зголемување на пчелните семејства треба да се посвети и поголемо внимание со поголема подршка на пчеларството како значајна стопанска и еколошка дејност.

Оценка

Вкупниот број на пчелни семејства во Република Северна Македонија во периодот 1993-2023 година има позитивен тренд со одредени осцилации. Во 1993 година во РСМ биле евидентирани 74951 пчелно семејство, додека во 2023 година изнесувал 306415 пчелни семејства. Од анализираните податоци, евидентирани во Државниот завод за статистика на РСМ, а прикажани на слика 1, може да се види дека бројот на пчелни семејства во периодот 1993-2017 година, се движел помеѓу 52897 во 2012 година и 81476 во 2016 година. Големо зголемување се јавува во периодот од 2018 до 2023 година, кога бројот на пчелни семејства се зголемил на 243492 во 2018 година, потоа постигнал кулминација од 312623 во 2021 година и се намалил на 306415 пчелни семејства во 2023 година.

 

Слика 1. Вкупен број на пчелни семејства, во Република Северна Македонија, по години

 

*Дополнително евидентирани пчелни семејства преку Агенцијата за храна и ветеринарство кои претходно не биле евидентирани

Доколку се анализира бројот на пчелни семејства, по статистички региони, за периодот 2007-2023 година, без 2014 година (за која нема податоци по региони во Државниот завод за статистика), може да се види дека има одредена нерамномерност (слика 2). Притоа може да се заклучи дека најголем број пчелни семејства за анализираниот период се евидентирани во југозападниот регион (344692), а најмал во скопскиот регион (85261). Во североисточниот регион евидентирани се 293659 пчелни семејства, во полошкиот регион 285846, во источнинот 214206, во југоисточниот 172564, во вардарскиот 135735 и во пелагонискиот регион 102008 пчелни семејства.

 

Слика 2. Вкупен број на пчелни семејства, по статистички региони, во периодот од 2007  ̶  2023 г, без 2014 година

 

Бројот на пчелни семејства, по статистички-плански региони, по години, без 2014 година е прикажан на слика 3. Притоа, може да се види дека во различните региони во различни години имало и различен број пчелни семејства. Во  одредени региони, во различни години евидентирано е и значително зголемување на пчелните семејства. Така на пример, во вардарскиот и југоисточниот  регион евидентирано е значително зголемување на пчелните семејства во 2023 година, а во југозападниот во 2022 година. На големите разлики во бројот на пчелни семејства по години и региони повеќе фактори имаат влијание, меѓу кои: појавата на одреден број професионални и полупрофесионални пчелари со голем број пчелни семејства, селењето на пчелните семејства како практика за поголем принос, смртноста на пчелните семјства, инвестициите во зголемување на бројот на пчелни семејства, пријавувањето и ажурирањето на бројот на пчелни семејства кај надлежните институции итн.

 

Слика 3. Вкупен број на пчелни семејства, по статистички региони, по години, без 2014 година за период 2007-2023 година

 

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Државен завод за статистика

Зголемувањето на вкупниот број на пчелни семејства во Република Северна Македонија, од 74951 пчелни семејства во 1993 година на 306415 пчелни семејства во 2023 година е исклучително позитивен показател. Тој има значително позитивно влијание, како од економски и социјален, така и од еколошки аспект.
Главна причина за зголемувањето на бројот на пчелни семејства во 2018 година, како  и во следните години (споредено со претходните) е тоа што тогаш се направија промени во политиката на субвенционирање на пчелните семејства. Тие промени се однесуваа на бројот на пчелни семејства кои треба да ги одгледува пчеларот за да оствари право на субвенија. Така ако претходно субвенции можеа да добијат пчелари кои имаат над 30 пчелни семејства, со измените тоа право можеа да го остварат и пчелари кои имаат над 10 пчелни семејства. На тој начин (преку Агенцијата за храна и ветеринарство) се евидентираа и пчелните семејства кои претходно не беа евидентирани, а такви има најмногу, бидејќи најголем број од пчеларите, како и почетниците располагаат со бројка на пчелни семејства помала од 30.
Со цел да се задржи ваквиот тренд и да се постигне стабилен одржлив развој, потребни се дополнителни инвестиции во пчеларството. Таквите инвестиции треба да бидат насочени кон помладите одгледувачи на пчели и луѓето во руралните средини.
Големите варијации на бројот на пчелни семејства по години и региони, покрај другото, укажува и на одреден стихијност и нерамномерност во одгледувањето пчели. Од големи зголемувања, до значителни намалувања. Таквите варијации не се поволни од аспект на долгорочна одржливост на пчеларството како стопанска гранка која овозможува економски, социјални и еколошки придобивки. Сепак, наведеното укажува и на тоа дека во државата има потенцијал за зголемување на бројот на пчелни семејства, како основа на поголем развој на пчеларството.
Значително помалиот број пчелни семејства во скопскиот, пелагонискиот и вардарскиот регион во однос на југозападниот, североисточниот, полошкиот и источниот регион се во корелација и со севкупните природни и климатски услови. Неповолните и екстремни климатски влијанија најмногу се чувствуваат во скопскиот, пелагонискиот и вардарскиот регион што неминовно се одразува и на одгледувањето пчели. Ако на тоа се надоврзе и зголемувањето на загадувањето на животната средина, урбанизацијата, интензивното полјоделство, намалувањето на природната вегетација, зголемената урбанизација и индустријализација, евидентно е дека и просторот за развој на пчеларството во овие региони се намалува, а условите стануваат понеповолни. Ваквите состојби влијаат на намалување на продуктивноста во пчеларењето, што резултира и со помал интерес за одгледување на пчели во овие региони.
За стабилен и одржлив развој на пчеларството, потребна е и поголема едукација на одгледувачите на пчели и осовременување, како на опремата за пчеларење така и на практиките и техниките за пчеларење. Традиционалните и екстензивни практики и техники треба да се заменат со нови и современи практики со кои ќе се влијае на продуктивноста на пчелите, нивната автохтоност и прилагодливост кон конкретните природни услови. Примената на биотехнички методи во пчеларењето и органскиоит начин на заштита на пчелите треба да бидат приоритет во пчеларењето затоа што на тој начин ќе се постигне поголем квалитет на  медот, но и на другите пчелни производи.
 

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Во пчелни семејства се опфатени сите пчелни семејства, без оглед дали се во кошница, сандак и слично. Податоците се обезбедуваат и обработуваат на ниво на целата територија на земјата и по статистички региони, по години.

Цели

Преку зголемување на бројот на пчелните семејства да се постигнат поголеми приноси на мед и други пчелни производи, а пчеларството да се развива во модерна и одржлива стопанска гранка во која ќе бидат вклучен голем број на одгледувачи на пчели.

Обврска за известување

EUROSTAT

Општи мета-податоци
Тема Земјоделство Поврзаност со други теми/сектори Воздух, Климатски промениПрирода, ПестицидиИндустрија
Код на индикаторот MK НИ 081 Временска покриеност 1993-2023
Име на индикаторот Број на пчелни семејства Извор на податоци Државен завод за статистика
Класификација по ДПСИР С Датум на последна верзија 22.09.2024
Тип А Подготвено/ажурирано од: Катерина Николовска*
Aрминда Рушити
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: K.Nikolovska@moepp.gov.mk
A.Rushiti@moepp.gov.m

*) последната верзија од индикаторот е ажурирана од надворешен експерт

Поврзаност со други индикатори
МК НИ 081 Број на пчелни семејства EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 2. End hunger, achieve food security and improved nutrition and promote sustainable agriculture
GGI – Индикатори за зелен раст не
Кружна економија не