X Домаќинства

Резиме
1

 

1. Што се случува?

Со брзиот развој на достапна нова технологија денес се повеќе и побрзо се градат нови живеалишта. Исто така со менување на начинот на извршување на работните обврски и можностите кои се нудат во поголемите населени места низ годините наназад има се поголема миграција на населението. Според податоците може да се увиди дека во Северна Македонија има најголем пораст на бројот на станови во Вардарскиот регион за 101,1% на 1000 жители во периодот од 2006 до 2021 година. Додека забележан е пад од дури 62,6% во Полошкиот регион, следен од Пелагонискиот со 56,7% и Југозападниот со 31,1%. Во Северна Македонија исто така постои и пренаселеност на домаќинствата[1] која се должи на нискиот економски статус каде во 2020 година 41,8% од домаќинствата се пренаселени, за разлика од европскиот просек кој изнесува 15,6%. Додека пак 54,7% од населението кое живее под линијатa на сиромаштија, живее во густо населени домови. Во Северна Македонија дури 23,8% во 2020 година не можеле да си дозволат соодветно затполување на домот, а стремежот за подобро и енергетски ефикасно домување кое бара употреба на чиста енергија расте од ден за ден. Оваа бројка е значително повисока во однос на европскиот просек од 7,4%.Во однос на 2010 година има намалување од 17% на процентот на население кое не може да си дозволи соодветно затоплување на домот.

Пресметаната финална потрошувачка на енергија во домаќинствата по глава на жител изнесува 248 kgoe за 2020 година, додека просекот на ЕУ е околу 555kgoe. При што јасно укажува на тоа дека сиромашните домаќинства се оние кои се изложени на најголеми проблеми за нормални услови на живеење и услови на пренаселеност.

Во однос на отпадот од домаќинствата тој е во постојан раст и истиот за 2021 година изнесува 487,86 kg/жител со раст од 8% во однос на 2020 година. Бучавата исто така е еден фактор кој е присутен во погусто населените и поразвиени региони. Од направена анкета за приходи и услови на живеење добиено е мислењето за изложеноста на бучава од членови на домаќинства и истата бележи тренд на опаѓање. Кај богатата популација трендот на опаѓање во период од 2010-2020 изнесува 44,4%, а кај сиромашната популација 39,7%.

2. Зошто се случува?

Преминот кон употреба на чиста енергија како резултат на зачувување на животната средина и ресурси и во време кога цените на енергијата од необновливи извори постојано растат, обезбедувањето на подобра енергетска ефикасност има голем потенцијал за намалување на енергетската потрошувачка. Но, употребата и достапноста на т.н чиста енергија е во директна зависност од расположливоста на приходите на населението. Внатрешната миграција исто така става притисок за пренаселеност заедно со изградбата на станови во одредени поразвиени региони. Сето ова креира притисок во непречено одвивање на транспортот, на јавните и приватни зелени површини, отпадот, воздухот и бучава во населените места.

3. Дали имаме национална цел?

Нема јасно дефинирани национални цели.

4. Дали националната цел е постигната?

Поради недефинираноста на национални цели, нема ниту нејзини постигнувања.

5. Клучни пораки за темата

Порастот на завршени станови по региони, укажува дека во тој регион има најголем притисок врз животната средина во насока на ширење на населените места со што се предизвикува притисок врз транспортот, создавање отпад, зголемено загадување на воздухот, намалување на зелените површини генерално (јавни и приватни), зголемена изградба на објекти, зголемена бучава и други негативни влијанија врз животната средина. Спротивно на претходно кажаното, падот на бројот на завршени станови може да е последица на зголемена миграција на населението во останатите региони во кои има значителен пораст, особено во Скопскиот регион или миграција на населението во други земји.

Сиромаштијата во државата да се сведе на што пониско ниво и да се подигне животниот стандард на сите граѓани. Преку тоа ќе се подобри и односот кон животната средина и нејзиното загадување.

6. Кои активности се/треба да се преземат?

Намалување на сиромаштијата треба да биде еден од клучните фактори кои ќе придонесат понатаму и за зголемена употреба на чиста енергија и порамномерна миграција и развивање на сите региони во државата. Намалување на сиромаштијата сепак зависи од многу фактори како од креирање на поволен економски раст, креирање на политики за социјална заштита кои ќе бидат направени во согласност со потребите на најзагрозените домаќинства, подобрување на политиките во образованието, здравството и во регионалниот развој.

Во контекст на пренаселеноста според „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија“ (ревидирана 2010-2020) една од стратешките специфични цели е постигнување на стандардизирани и хармонични услови на домување за категориите граѓани кои се сметаатсоцијалноисклучени во домувањето. Истото се очекува да се постигне преку давање поддршка за зголемување на корисната станбена површина по член на домаќинство, особено за ромските семејства и за ранливите групи, одобрување на средства за адаптација и реконструкција на сопствен станбен простор и изградба на станови за социјално домување, во сопственост на државата кое ќе се дава под непрофитен закуп.

[1] Согласно регулативата, едно лице се смета дека живее во пренаселено домаќинство доколку во живеалиштето нема барем една просторија за целото домаќинство, како и просторија за двојка, за секое лице над 18 години, за пар тинејџери (12 до 17 години на возраст) од ист пол, за секој тинејџер од различен пол и за пар деца (помлади од 12 години).