- Што се случува?
- Што се случува со потрошувачката на енергија, во сите нејзини облици, во нашата земја?
Потрошувачката на финална енергија во периодот 2000-2022 година земајќи ги предвид сите сектори и тоа: индустрија, транспорт, домаќинства, земјоделство, шумарство, рибарство и други сектори е во пораст со променлив тренд и според Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 тоа би требало овој индикатор да има еден континуиран растечки тренд.
Примарната енергетска потрошувачка по горива во 2022 споредено со 2000 година е намалена за само за 0,84%.
Финалната (крајна) потрошувачка на енергија во домаќинствата по глава на жител, која претставува колку електрична енергија и топлина секој граѓанин троши дома, исклучувајќи ја енергијата што се користи за транспорт во 2000 година изнесуваше 270 toe (индекс 100), додека во 2022 година таа е 237 toe (индекс 100,7ж) што претставува зголемување на вредноста на овој индикатор за 14% во однос на 2000 година.
- Што се случува со вкупната енергетска интензивност во нашата земја?
Индикаторот вкупна енергетска интензивност во периодот од 2000-2022 година покажува речиси постојано опаѓање, со исклучок на одредени години, со просечна стапка на опаѓање од 3,2 индексни поени.
- Што се случува со енергетска зависност за сите енергенти во нашата земја?
Енергетска зависност за сите енергенти која се пресметува како однос помеѓу нето–увозот на енергија и вкупно потребната енергија во разгледуваниот период 2000-2022 година има генерално растечки тренд со одредени флуктуации со пораст и пад.
Најголема енергетска зависност во разгледуваниот период има во 2021 година, кога 67,6% од енергетските потреби на земјата се покриени со увоз. Најмала енергетска зависност од 37,6% имало во 2003 година.
- Што се случува со учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство и потрошувачка на енергија во нашата земја?
Постојат неколку индикатори преку кои се следи учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство и потрошувачка на енергија во нашата земја.
Индикаторот „Потрошувачка на обновлива енергија" го претставува учеството на обновливата енергија во вкупно потребната енергија од сите енергенти изразен во %. Уделот на обновливата енергија во вкупната потрошувачка на енергија (во просек 11,8%) е многу низок.
Индикаторот „Обновлива електрична енергија" го мери учеството на произведената електрична енергија од обновливи извори во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија (во проценти) и овој удел е доста низок.
Во 2005 година уделот на произведена електрична енергија од обновливи извори во бруто-производството на електрична енергија изнесуваше 21,5% додека уделот на потрошена електрична енергија произведена од обновливите извори во бруто-потрошувачката на електрична енергија изнесуваше 17,5%. Во 2022 година овие удели изнесуваат 26,7%, односно 21,6%.
Иако, постои голем напредок во изградбата на елекроцентрали на обновливи извори на енергија, сепак не може да се забележи значителен посакуван напредок во учеството на ОИЕ во бруто производството на електеична енергија од причина што најмногу уделот зависи од производство од големите хидроелектроцентрали, чија работа пак зависи од хидролошката состојба на акумулациите за производство на електрична енергија, односно од тоа дали одредена година е сушна или не. Според значително зголемување на уделот на ОИЕ во бруто производтсво на електрична енергија може да се постигне со целосно транспонирање и импелентација на ЕУ закондавството за ОИЕ во националното закондавство.
- Зошто се случува?
- Зошто расте потрошувачката на енергија, во сите нејзини облици, во нашата земја?
Растот на потрошувачката на финална енергија во периодот 2000-2022 година земајќи ги предвид сите сектори и тоа: индустрија, транспорт, домаќинства, земјоделство, шумарство, рибарство и други сектори има генерално растечки тренд и со стратегијата за развој на енергетиката до 2040 тоа би требало да биде еден континуиран тренд, и тој е последица генерално на три сектори и тоа: транспорт, индустрија и домаќинства. Во 2022 година во споредба со 2000 година, најголем раст на потрошувачката се забележува кај секторот транспорт од дури 109%, во индустријата потрошувачката е намалена за 29,4% додека во домаќинствата има зголемување од 8,72%. Во 2022 година најголем удел во потрошувачката на финална енергија имаат секторите транспорт со 41,9%, домаќинствата со 26,09% и индустријата со 20,5%. Другите сектори учествуваат со 9,8%, додека земјоделието учествува само со 0,9%. Потрошувачката на енергија расте најмногу како резултат на зголемена потрошувачка на горива во секторот транспорт заради зголемениот број на возила. Се забележува пораст на потрошувачката на течни горива особено дизелот, што је последица на зголемениот број на моторни возила, како и поголемата потрошувачка на горива во авионскиот превоз кој стана подостапен за граѓаните додека уделот на електричнната енергија е сеуште многу низок во овој сектор заради високите цени на електичните возила.
Зошто вкупната енергетска интензивност во нашата земја е во опаѓачки тренд?
Индикаторот вкупна енергетска интензивност во периодот од 2000-2022 година покажува речиси постојано опаѓање, со исклучок на одредени години. Во 2022 во споредба со 2000 година е забележан пад на вкупната енергетска интензивност од 69,5 индексни поени како резултат на зголемувањето на БДП од 218% во тој период.
Се очекува и во наредниот период вкупната енергетска интензивност, која претставува однос помеѓу вкупната потрошувачка на енергија и БДП, да бележи пад заради поголемото зголемување на БДП во однос на растот на вкупната потрошувачка на енергија.
- Зошто се зголемува енергетската зависност за сите енергенти во нашата земја?
Енергетска зависност за сите енергенти се пресметува како однос помеѓу нето–увозот на енергија и вкупно потребната енергија.
Во разгледуваниот период може да се забележи генерално растечки тренд со одредени флуктуации со пораст и пад на енергетската зависност за сите енергенти.
Најголема енергетска зависност во разгледуваниот период има во 2022 година, односно 67,6% од енергетските потреби на земјата се покриени со увоз. Најмала енергетска зависност од 37,6% имало во 2003 година, а највисока во претходната година до 67,6%. Во однос на цврстите горива највисока енергетска зависност има во последните години. Имено, во 2021 година, таа е највисока и изнесува 17,3%, а во 2022 година изнесува 14,7 %. Оваа зависност заради значително зголемениот увоз на лигнит, поради намаленото производство на истиот и увозот на огревно дрво, заради енергетскат криза и високите цени на електричната енергија споредбено со пониските цени на огревното дрво.
Генерално порастот на енергетската зависност земајќи ги предвид сите енергенти во нашата земја е заради постојаниот увоз на потребни енергенти пред се за нивна употреба во транспортот и индустријата (нафтени деривати, мазут, природен гас). Енергетската зависност расте заради престанок на производство на нафтени продукти со престанок на работа на рафинеријата ОКТА, зголемена употреба на природен гас, зголемен возен парк како и намалено домашно производство на електрична енергија заради намалените резерви на домашен јаглен и почести санации и модернизации на термоцентралите за производство на електрична енергија заради нивната старост.
- Зошто уделот на обновливите извори на енергија во вкупното производство и потрошувачка на енергија во нашата земја е на постоечкото ниво?
Уделот на обновливата енергија во вкупната потрошувачка на енергија (во просек 11,8%) е многу низок заради доминантната употреба на фосилни горива како лигнитот кој се наоѓа на природни наоѓалишта. Ова е неповолно и од аспект на исцрпување на енергетските ресурси и од аспект на загадувањето на животната средина заради содржината на висок удел на сулфур во ова фосилно гориво. Токму поради присуството на природни наоѓалишта на јаглен сеуште имаме низок удел на обновливи извори во вкупното производство и потрошувачка на енергија во нашата земја.
Учеството на електрична енергија од обновливи извори во бруто-потрошувачката на електрична енергија бележи променлив тренд во последните години, со забелешка дека тој е благо растечки во перидот 2019-2021, па опаѓа во 2022 година и тој генерално зависи од хидролошката состојба во земјата, бидејќи количеството на произведена електрична енергија од хидроцентралите е сеуште многу поголема во споредба со производството од други обновливи извори на енергија како на пример, соларна енергија, енергија од ветер или енергија од биогас.. Имено, во последната 2022 година се изградени вкупно 267 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија кои придонесоа производствен капацитет да се зголеми за 18% или во апсолутен износ за 144,4 MW. Вкупниот број производители на електрична енергија од обновливи извори во 2022 година изнесува 616 електроцентрали со инсталирана моќност од 946 MW.Имено, хидроелектричната енергија е застапена во целиот анализиран период и има највисок удел во прозиводството на електрична енергија. Останатите извори се многу малку застапени и не во целиот анализиран период. Така, ветерната енегија зема удел во прозиводството на електична енергија почnувајќи од 2014 година, соларна електрична од 2010 година, биогасните централи се застапени од 2015 година, а солараната топлинска енергија само во послесните две години. Просечната застапеност на хидро електрчната енергија изнесува околу 17%, ветерната енергија со околу 1,3%, а останатите ОИЕ се застапени во проек под 1%.
Може да се каже дека се постигнува напредок во уделот на ОИE во производство и потрошувачка на електична енергија, но треба да се има предвид дека уделот на електрична енергија од обновливи извори во бруто-потрошувачката на електрична енергија драстично би се зголемил и со изградба на нови големи хидроцентрали како што е на пример хидроцентралата Чебрен.
- Дали имаме национална цел?
Целта на секоја земја при водењето на енергетската политика е да се намали зависноста на земјата од енергијата од увоз. Во однос на уделот на обновливи извори во производство на електрична енергија и вкупната потрошувачка на енергија, учеството на обновливата енергија во бруто финалната потрошувачка на енергија пресметано со нормализирани вредности, во 2022 година изнесува 19%, што претставува зголемување во однос на претходната 2021 година кога изнесуваше 17,7%, но сепак сеуште далеку од зацртаната цел од 23,9% за 2020 година.
Земјата исто така, во 2022 година со 21,6% не ја постигна индикативната цел на ЕУ од 25% учество на произведената електрична енергија од обновливи извори во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија (во проценти) до 2020 година, и е далеку од зацртаните 30% до 2030 година.
Националните цели во секторот енергетика воедно се дефинирани во Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година преку три сценарија за развој на македонскиот енергетски систем до 2040 година и тоа: референтно сценарио, сценарио на умерена транзиција и зелено сценарио. Според стратегијата, нето-увозот во потрошувачката на примарна енергија ќе остане сличен со сегашните нивоа (54%) во Референтното и во Зеленото сценарио, додека Сценариото за умерена транзиција малку ќе ја зголеми зависноста од увозот.
Во сите три сценарија, Северна Македонија ќе користи помалку енергетски ресурси за да ги покрие истите потреби од енергија. Ова, во случајот со домаќинствата, ќе открие пониска потрошувачка на финална енергија за 15% споредено со потрошувачката на корисна енергија во 2040 година според Референтното сценарио, па дури и повисоко отстапување од 24% и 31% според Сценариото за умерена транзиција и Зеленото сценарио, соодветно.
Во сите три сценарија, индустрискиот сектор е главен двигател на потрошувачката на финалната енергија. Потрошувачката на финална енергија во индустријата ќе го следи планираниот економски развој на земјата. Во Сценариото за умерена транзиција, се очекува употребата на технологии со подобра ефикасност во домаќинствата постепено да ја намалува потрошувачката на финална енергија. Овој ефект се очекува да биде поизразен во Зеленото сценарио и да се одрази во другите релевантни сектори, како што е комерцијалниот сектор.
Електричната енергија и дизелот имаат најголемо учество во потрошувачката на финалната енергија (55-60%). Во сите три сценарија, електричната енергија и дизелот ќе останат со клучна улога за задоволување на потребите од финална енергија.
Дополнително, се очекува дека природниот гас и ОИЕ, ќе станат подостапни за финалната потрошувачка. Затоа, во Зеленото сценарио, потрошувачката на финална енергија е за 0,4 Мtoe пониска отколку во Референтното сценарио, поради замената на јаглен со гас во индустријата.
Намалувањето на потрошувачката на јаглен е главен двигател за намалувањето на потрошувачката за примарна енергија. Потрошувачката на примарна енергија во Референтното сценарио е проектирана да порасне за 38% до 2040 година, водена од потрошувачката на јаглен. Сепак, поради повисоката цена на CO2, новите домашни рудници за лигнит се неисплатлива опција во Умереното и Зеленото сценарио. Затоа, технологиите кои користат јаглен се заменуваат со поефикасни технологии кои користат гас и ОИЕ, што се одразува со намалување на потрошувачката на примарна енергија, која во Зеленото сценарио во 2040 година ќе биде 26% помалку отколку во Референтното сценарио. Според, Националниот план за енергија и клима донесен во мај 2022 година, дефинирани се индикативните цели за ЕЕ во однос потрошувачката на примарна енергија од 34,5% и 51,8%, до 2030 и до 2040 година соодветно, според сценариото BAU претставено во Стратегијата за енергетика.
Уделот на ОИЕ во вкупната потрошувачка на финална енергија се зголемува во сите сценарија, достигнувајќи 35-45% во 2040 година. Нивото на искористеност на ОИЕ како важен фактор за декарбонизација на енергетскиот сектор се смета за релевантно дури и во Референтното сценарио, каде што удел на ОИЕ од 33% е проектиран по 2030 година. Според методот за пресметка на уделот на ОИЕ воспоставен со Директивата 2009/28/ЕЗ за обновлива енергија, се дефинира минимален праг за сезонскиот фактор на перформанси (SPF) на топлинските пумпи, над кој топлинските пумпи може да се сметаат како обновлив извор. Оттука, земајќи ги предвид топлинските пумпи, уделот на ОИЕ во бруто потрошувачката на финалната енергија ќе стане уште поголем, достигнувајќи речиси 40% во Сценариото на умерена транзиција и 45% во Зеленото сценарио. Во Националниот план за енергија и клима донесен во мај 2022 година, дефинирани се индикативните цели за ЕЕ во однос потрошувачката на финална енергија od 20,8% и 27,5%, до 2030 и до 2040 година соодветно, според сценариото BAU (претставено во Стратегијата за енергетика. Во апсолутни вредности, целта за ЕЕ во однос на потрошувачката на а финалната е 2 Mtoe до 2030 година. Оваа цел за финална потрошувачка на енергија изразена во апсолутни вредности е во согласност со индикативната цел утврдена во студијата на Енергетската заедница за 2030 година.
- Клучни пораки
Во 2022 година најголем удел во Финалната енергетска потрошувачка имаат секторите транспорт со 41,9%, домаќинствата со 26,9% и индустријата со 20,5%. Другите сектори учествуваат со 9,8%, додека земјоделието учествува само со 0,9%.
Анализираниот период 2005-2022 година, воедно покажува дека нашата земја веќе го започна процесот на енергетска трназиција, односно намалување на примената на јагленот по секори и зголемена примена на природен гас (домаќинства, индустрија и други сектори). Во последните години започнува да се применува и соларна топлинска енергија во домаќинствата и соларната електрична енергија во секторот индустрија.
Најголем удел во вкупната примарна енергија во 2022 година имаат нафтените продукти и нивното учество изнесува 42,3%. За периодот од 2000 до 2022 година може да се забележи зголемување на учеството на природниот гас од 1 % на 8,8% во вкупната примарн енергија. Во разгледуваниот период од 2000 до 2022 година има намалена употреба на цврстите горива од 51,8% во 2000 до 31% во 2022 година.
Во разгледуваниот период може да се забележи негативна карактеристика на генерално растечки тренд на енергетската зависност. Од друга страна, позитивна карактеристика е трендот на енергетската интензивност, кој е генерално опаѓачки.
Релативно нискиот удел на обновливата енергија во вкупната потрошувачка на енергија (во просек 12%) укажува на доминантна употреба на фосилни горива што е неповолно и од аспект на исцрпување на енергетските ресурси и од аспект на загадувањето на околината.
Во 2005 година уделот на потрошена електрична енергија произведена од обновливите извори во бруто-потрошувачката на електрична енергија изнесуваше 17, 5 %, додека во 2022 година тој удел изнесува 21,6%. Пресметано со нормализирани вредности, во 2022 година уделот на обновливата енергија во бруто финалната потрошувачка на енергија изнесува 19% и е далеку од зацртаната цел од 23,9% за 2020 година.
Во 2005 година уделот на произведена електрична енергија од обновливи извори во бруто-производството на електрична енергија изнесуваше 21,5% додека во 2022 година е 26,7%.
Трендот на учество на обновливите извори во бруто-производството на електрична енергија, во проценти (%), во целиот период 2005-2022 година е променлив и веројатно генерално зависи од односот помеѓу вкупното производство на електрична енергија од хидроцентралите, односно од хидроенергијата, кои имаат најголем удел во производството на електрична енергија од обновливи извори и бруто-производството на електрична енергија од сите извори. За да се обезбеди постојан раст на учеството на енергија од обновливи извори во вкупното производство и потрошувачка на електрична енергија во земјата потребно е постојано зголемување на капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори кои користат сонце, ветер и отпад како извор на енергија, како и со изградба на нови големи хидроцентрали како што е на пример хидроцентралата Чебрен.
Минималниот удел на изворите на обновлива енергија во процентот на вкупното производство и потрошувачка на енергија во Република Северна Македонија, укажува на неискористеноста на расположливите ресурси (пр. геотермална, хидро, соларна енергија, ветерна енергија, енергија од биогас и др.), но и на аспектите на енергетска безбедност – се она што една држава мора да го направи за да овозможи превенција од закани во однос на планираните потреби од енергија за националната економија.
За зголемување на уделот на ОИЕ во вкупното производство и потрошувачка на енергија за постигнување на целите од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година во Република Северна Македонија неопходно потребно е масовна изградба нови обновливи извори на енергија. ФН електроцентрали ветерни електроцентрали изградба на нови електроцентрали како што се акумулациските хидроелектроцентрали (Градец, Велес, Глобочица 2 и проектот тунел Теново-Козјак се избрани од моделот во сите три сценарија), пумпно-акумулациони хидроелектроцентрали (проектот Чебрен е избран од моделот во сите три сценарија) или електрани на гас (вклучувајќи и ТЕ-ТО) кои исто така се користат и за управување со врвното оптоварување.
- Кои активности се/треба да се превземат?
Максимизирање на заштедата на енергија (преку примената на Законот за енергетска ефикасност). Треба да се превземат активности кои ќе доведат до што е можно помал раст во потрошувачката на финална енергија т.е политиките во секторот енергија треба да фаворизираат мерки за рационално и ефикасно користење на енергијата, особено во транспортот, домаќинствата и индустријата.
Намалување на зависноста од увоз, преку инвестиции во истражување и создавање нови извори на енергија (со фокус на искористувањето на соларната, ветерната, геотермалната енергија и биомасата од отпад во руралните средини, како и изградба на хидроцентралата Чебрен) и други енергетски инфраструктури и намалување на неефикасната потрошувачка на електрична енергија.
Политиките во секторот енергија треба да фаворизираат мерки за поголемо искористување на обновливите извори на енергија. Потребно е да се направат напори за искористување на останатите обновливи извори за производство на електрична енергија (ветерна енергија, соларна енергија, енергија од отпад, неискористената хидроенергија итн.).
Имајќи предвид дека транспортот има најголемо учество во потрошувачката на финална енергија треба да се превземат мерки за поголемо учество на јавниот градски, локален и меѓуградски транспорт за сметка на индивидуалниот. Потребно е во јавниот транспорт да се користат чисти горива и да се преземаат мерки за обнова на возниот парк и мерки за стимулирање на граѓаните за замена на горивата, купување на електрични и хибридни возила со цел намалување на потрошувачката на фосилни горива во сообраќајот имајќи го предвид нискиот удел на ОИЕ во транспортот заради зголемена потрошувачка на дизел и незначителниот број на електрични возила во земјава.
Во однос на намалување на финалната (крајна) потрошувачка на енергија во домаќинствата по глава на жител исто така, мерките за зголемување на ЕЕ наведени во Стратегијата за развој на енергетиката на РСМ до 2040 година (Стратегија за енергетика), ќе придонесат за заштеда на финалана енергија од овој сектор и постигнување на наведените цели за овој сектор, а ова особено се очекува да се случи со проширување на топлификационата мрежа, контиунирано субвенционирање за печки на пелети, клима уреди и топловодни пумпи и транспонирањето и имплементацијата директивата Екодизајн ЕУ 2009/125/ЕC со рок до 2027 година во Уредба која ќе ги вклучува и грејните уреди.
Да се продолжи со спроведување на регионалната соработка и да се обезбеди континуирано усогласување со “acquis” на Енергетската Заедница преку донесување на пакет Закони и подазаконски акти, а овде ги издвојуваме следните:
- донесување на нов Закон за енергетика во 2024 година со кој ќе се транспонира директивата 2018/2001 за промоција на употреба на обновливи извори на енергија.
- донесување на Законот за измени и дополнувања на Законот за енергетска ефикасност не подоцна од јуни 2024 година.
- усвојување на Правилникот за техничките спецификации на опремата за ОИЕ;
- донесувње на легислатива која треба целосно да ги транспонира и конкретизира обврските за организација и времетраење на процесот на доделување дозволи со воспоставување на контакт точки и/или едношалтерски продавница за барања за административни административни дозволи за изградба на OИЕ постројки и процес на издавање.
- транспонирање и специфицира за должителностите за организирање и времетраење на постапката за доделување на дозволи за изградба на ОИЕ постројки
- транспонирање на Регулативата (EU) 2021/340 во националната законодавство.
- донесување на нова одлука за националните задолжителни цели за уделот на енергијата произведена од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија и за уделот на енергијата произведена од обновливи извори во конечната потрошувачка на енергија во транспортот
- донесување на Правилник за етикетирање на потрошувачката на енергија и другите ресурси за производи кои користат енергија врз основа на Законот за енергетска ефикасност
- усвојување на нова Уредба за еко дизајн; која ќе ја транспонкира директивата на ЕУ 2009/125/ЕC со рок до 2027 година
Целосно да се имплементираат обврските од договорот со Енергетската заедница преку:
- Зајакнување на капацитетите на Министесртвото за економија, Агенџијата за енергетика и Државниот пазарен инспекторат.
- Формирање на фонд за енегергетска ефикасност
РЕФЕРЕНЦИ
Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година, http://www.economy.gov.mk/doc/2759
Годишен извештај за работење на РКИ за 2022 година, РКЕ 2023 година
Национален план за енргетика и клима до 2030 година, Влада на СРМ, мај 2022 година
- 79 МК НИ 027 Потрошувачка на финална енергија по сектори
- 80 МК НИ 028 Вкупна енергетска интензивност
- 81 МК НИ 029 Вкупнo потребна енергија
- 82 МК НИ 030 Потрошувачка на обновлива енергија
- 83 МК НИ 031 Обновлива електрична енергија
- 84 МК НИ 077 Учество на eлектричната енергија од обновливи извори во бруто-производството на електрична енергија
- 85 МК НИ 078 Учество на eлектричната енергија од обновливи извори во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија
- 86 МК НИ 079 Финална потрошена електрична енергија во домаќинствата по жител
- 87 МК НИ 058 Енергетска зависност за сите енергенти
- 88 МК НИ 060 Учество на обновливaта енергија во бруто финална потрошувачка