Јавните презентации на кампањата „Позитивна промена“ стартуваат со општина Чаир

Новости
Подигање на јавната свест и едукација за правилно постапување со отпадот
Јавните презентации на кампањата „Позитивна промена“ стартуваат со општина Чаир
12.02.2025
Стартува кампањата „Позитивна промена“

Скопје 12.02.2025г.  Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во текот на месец февруари ќе се одржат 8 јавни презентации на националната кампањата „Позитивна промена“ која има за цел подигање на јавната свест и едукација за правилно постапување со отпадот.

Презентациите ќе се одржат во по една општина од секој плански регион во државата и тоа во општините: Чаир, Куманово. Тетово, Битола, Струга, Струмица, Кавадарци и Штип.

„Позитивна промена“, на 13.02.2025г. ќе стартува во општина Чаир, со презентација пред претставниците на општините од Скопскиот плански регион, на кои ќе се споделат промотивните и едукативните материјали за важноста, ефектите и придобивките од добар и одржлив систем за управување со отпад кој исто така бара и зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа во овој сегмент.

Министерството истакнува дека одговорноста за правилното управување со отпад припаѓа на сите засегнати страни: Владата, општините, правните лица кои управуваат со отпадот, граѓаните, приватниот сектор и само со одговорно однесување на сите страни може да се надмине  овој децениски проблем.

Секако, за успешно се функционирање на новиот систем не е доволно само да се воспостави инфреструктура и да се обезбедат садови за селекција, туку мора и да им се помогне на луѓето да ја разберат својата одговорност за отпадот и да создадат навики за подобра контрола врз управувањето со отпадот.

Кампањата е финасирана преку Годишната програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад. Средствата со кои се финасира оваа кампања се одвоени од надоместокот кој се уплаќа од страна на трговците за граѓаните кои купуваат пластични кеси, во вкупна висина од 13.450.000,00 денари.

Покрај подготовката на промотивни материјали, ТВ спотови, емисии и сл. (кои може да се преземат на следната врска) во рамките на кампањата ќе се реалзираат и настани во 8 училишта во земјата и по еден настан во секој од планските региони.

Submitted by alfa4 on 12.02.2025 - 14:59