МК НИ 099 Создавање на опасен отпад

65
МК НИ 099
Создавање на опасен отпад
Дефиниција

Индикаторот го претставува создавањето на опасен отпад, од целокупната економска активност во нашата земја, како вкупна количина изразена во тони. 

Опасен отпад е отпадот што по својот состав или концентрации на опасни супстанци може да предизвика опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето и којшто има едно или повеќе опасни својства, како што се: експлозивност, реактивност (оксиданси), запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност и својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина, вклучувајќи го и секој отпад што е измешан со опасен отпад.

Единици
  • Илјади тони (t), метри кубни (m3).
Клучно прашање за политиката

Дали се намалува количеството на создаден опасен отпад?

Клучна порака

Трендот на создавање на опасен отпад е променлив односно флуктуирачки и неможе да се донесе соодветен заклучок за создавањето на опасниот отпад. Флуктуацијата на количините на создаден опасен отпад во текот на годините се должи на различниот број на деловни субјекти кои го известуваат Министерството за животна средина и просторно планирање за создаден опасен отпад, односно следење на законската регулатива по однос на доставување на податоци за создавање на опасен отпад.

Понатаму друг проблем во однос на опасниот отпад и следење на количините на истиот е проблемот со класификација на отпадот. Имено, постои проблем во однос на можноста од несоодветна класификација на отпадот како опасен отпад, а отсуство на акредитирана лабораторија во нашата земја која ќе го докажува составот на отпадот за да се види дали истиот е опасен или неопасен отпад, го прави проблемот практично нерешлив.

Следењето на законска регулатива, соодветна обука на персоналот за управување со опасниот отпад се главните елементи за безбедно управување со опасниот отпад и можност за следење на количините на создаден опасен отпад.

 

График 1: Приказ на вкупно создаден опасен отпад прикажан во тони и метри кубни

Приказ на вкупно создаден опасен отпад прикажан во тони и метри кубни

 

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Министерство за животна средина и просторно планирање.

Оценка

Како резултат на опасните супстанци кои ги содржи опасниот отпад тој претставува сериозен ризик за животната средина  и здравјето на луѓето ако не се управува со него правилно и безбедно. Во колку опасниот отпад не се соодветно класифицира и спознае како опасен отпад, според пропишаните закони и подзаконски акти може да претставува опасност за здравјето на луѓето и животната средина.

Одредени сектори во економијата продуцираат опасен отпад, а како најголем меѓу нив е производствената индустрија, односно најголеми создавачи на опасен отпад во нашата земја се рудниците и термоцентралите. 

Од добиените податоци може да се заклучи дека количеството на опасен отпад флуктуира, или се намалува, но ова не ја отсликува реалната состојба. Флуктуацијата на количините на создаден опасен отпад во текот на годините се должи на различниот број на деловни субјекти кои го известуваат Министерството за животна средина и просторно планирање за создаден опасен отпад. Имено во 2016 година повеќето од активните рудници и термоцентралата РЕК Битола не доставиле годишни извештаи за создаден опасен отпад и затоа количината на опасен отпад е значајно мала и изнесува 23.417,43 t и 4.325,2 m3, споредбено со 2011 кога изнесувала 2.494.876,20 t и 622,86 m3 кога поголем број на деловни субјекти вклучително и термоцентралите доставиле податоци за создавање на опасен отпад. Понатаму во 2018 и 2019 год. повеќето од рудниците доставиле извештаи но повторно термоцентралата РЕК Битола не доставила годишен извештај за создаден опасен отпад. Во 2021 год. 154 деловни субјекти доставиле извештај за видот и количината на опасниот отпад кој го создаваат. Во 2023 година повеќето деловни субјекти кои создаваат опасен отпад го прикажале истиот во м3. Укажуваме дека постои проблем во однос на можност од несоодветна класификација на отпадот како опасен отпад, поради отсуство на познавање на составот на отпад и негова верификација од надлежна лабораторија. 

Со проучување на планските и програмските документи за отпад, понатаму базите на податоци и катастарот кои ги има во Министерството за животна средина и просторно планирање, може да се забележи дека од вкупната количина на отпад создаден во нашата земја (вклучително и отпадот создаден со работата на рудниците), класифициран како опасен отпад е под 10%. Според податоците на Еуростат овој процент на застапеност на опасниот отпад е присутен скоро кај сите земји членки на Европската Унија со исклучок на Бугарија (11%) и Естонија (39%). Во Србија процентот на застапеност на опасниот отпад е околу 35% поради интензивни рударски активности, а во Црна гора 19%. 

Како што е случајот и со останатиот отпад, така и со опасниот отпад, воспоставувањето на законска регулатива, соодветна обука на персонал за управување со истиот, како и зголемување на јавната свест се главните елементи за безбедно управување со опасниот отпад. Главните принципи на кои се базира управувањето со опасниот отпад се намалување на опасниот отпад и безбедносен транспорт на истиот, намалување на степенот на опасноста на опасниот отпад и соодветно постапување со истиот. 
 

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Видовите на отпад се одредуваат според Листата на видови на отпад 2005. Собирањето на податоци е преку Годишни извештаи за создавање на опасен отпад од деловните субјекти во нашата земја.

  • Недоследност на методологијата

Извор на податоци за опасен отпад се Годишните извештаи на деловните субјекти кои создаваат опасен отпад и ги доставуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Укажуваме на можната грешка при анализите и вкупните податоци бидејќи не сите деловни субјекти кои создаваат опасен отпад доставуваат годишни извештаи. Податоците за создаден опасен отпад не ги користиме од Државниот завод за статистика бидејќи работат со репрезентативни примероци и пресметковни методи кои произлегуваат од тие репрезентативни примероци и ако репрезентативните примероци не се соодветно избрани се добива сосема погрешна слика за количините на создаден опасен отпад и негово управување. Затоа и податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање се разликуваат од истите добиени од Државниот завод за статистика.

Цели

Избегнување и во најголема можна мера, намалување на количеството на создавање на опасен отпад.

Обврска за известување
  • EUROSTAT
  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Отпад Поврзаност со други теми/сектори Економија на животната средина, Кружна економија
Код на индикаторот MK НИ099 Временска покриеност 2011-2023
Име на индикаторот Создавање на опасен отпад Извор на податоци Министерство за животна средина и просторно планирање
Класификација по ДПСИР П Датум на последна верзија 30.08.2024
Тип А Подготвено/ажурирано од: Маргарета Цветковска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: m.cvetkovska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 099 Создавање на опасен отпад EEA – Европска агенција за животна средина IND -367, CSI 041/

 

WST 004 Waste generation

UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа I1/114 Total waste generation
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 11. Sustainablie cyties and communities,
12. Responsivle construction and production
13. Climate action
17. Partnership for the goals
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија да
21.11.2022