Новости
Граѓаните треба да ја поддржат изградбата на стандардната регионална депонија во Новаци

14.03.2025
Во врска со најавените протести во општина Битола за 15 март 2025 година, во однос на локацијата за регионалната депонија во општина Новаци, Министерството за животна средина и просторно планирање информира:
- За изградбата на регионалните системи за управување за отпад потребни се големи финансиски средства за кои општините немаат капацитет да ги обезбедат. МЖСПП во изминатиот период работеше на обезбедување на овие средства и на подготовка на планска документација за реализирање на регионалниот систем за управување со отпад, кој како модел е единствениот економско исплатлив систем со кој ќе се постигнат трајни и одржливи резултати со кои ќе се заштити животната средина и здравјто на луѓето, а нема да биде големо финасиско оптеретување за граѓаните. Проектот за изградба на оваа нова санитарна депонија беше подготвен во јуни 2017 година во рамки на проект финансиран од ЕУ, за потоа да биде ревидирана во 2021 година во рамките на техничката помош финансирана од ЕБОР. Дел од средствата беа обезбедени како грант, преку ИПА фондовите, потоа е потпишан договор со Европската Банка за Реконструкција и Развој (ЕБРД) за реализирање на проект за техничка помош кој даде насоки за начинот на финасирање на регионалните системи за управување со отпад за четири региони. Тука припаѓа и Пелагонискиот регион, кој заедно со Југозападниот претставуваат еден регион за управување со отпад. По препорака на ЕБОР депонијата Новаци наместо да добива отпад само од 9-те општини од Пелагонискиот регион ќе добива отпад од 18-те општини од двата региона. Ова е дефинирано со Планот за управување со отпад на Република Северна Македонија 2021 -2031 година, кој воедно беше дискутиран на јавни расправи на кои се запозна целата јавност и потоа истиот беше донесен од страна на Министерот за животна средина и просторно планирање. Паралелно со овие процеси тече и проект финасиран од Шведската Влада (од 2023 година) кој им помага на сите општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион да се подготват за новото регионално управување со отпад, како и проектот за зајакнување на капацитетите на општините и јавните комунални претпријатија за подготовка за работењето на новиот регионален систем со заемот од ЕБОР. Ова се процеси кои траат со години и во нив општините учествуваат заедно со меѓународните и локалните експерти во воспоставувањето на овој систем. Значи, во поставувањето на регионалниот систем се вложени големи финансиски средства и човечки потенцијал и неопходно е еднаш за секогаш процесот да финишира и управувањето со отпадот да се изведува на начин согласно европските и светските стандарди.
- Регионалната депонија е предвидено да биде изградена на девастирано/оштетено земјиште кое со ваквото искористување ќe даде бенефит и за населението и за животната средина. Студијата за регионалниот систем е во согласност со Директивата на ЕУ 2014/52/ЕУ за оценување на ефектите на одредени јавни и приватни проекти врз животната средина и со македонското национално законодавство. На депонијата ќе завршува најмногу до 50 % од отпадот што се генерира од сите општините, бидејќи регионалниот систем предвидува примарна селекција на отпадот што може да се рецилкира и кој ќе заврши во инсталиции за преработка. Со изградбата на регионалната санитарна депонија ќе се создадат услови за добро и контролирано управување со отпадот, како решение на сегашните проблеми за животната средина и здравјето што произлегуваат од стотиците диви ѓубришта во Пелагонискиот регион и особено од штетното влијание на постоечката локација за отстранување на отпад во Мегленци која се користи од страна на општина Битола.
- Инвестициската структура за воспоставување на овој основен заеднички систем за управување со отпад за Југозападен и Пелагониски изнесува 30.1 милиони евра, средства кои не можат општините во регионите сами да ги обезбедат. Со овие средства ќе се финасира изградбата на регионалниот систем (регионалната депонија и претоварните станици (Дебар, Охрид и Прилеп), системи за складирање отпад, собирање кабаст отпад, затварање на нестандардната депонијата во Новаци (Мегленци); надзор над работатите за затворање на депонијата, изградба на нова депонија и изградба на трансфер станици и техничка помош. Исто така, со овој заем течат тендерски постапки за набавка на 83 возила за собирање на отпад, 54 908 канти од 120 литри и 1 164 контејнери од 1.1 м3. Дополнително ќе се набави и опрема за претоварните станици со 26 прес контејнери, 16 отворени контејнери, 8 камиони и 4 камиони за габаритен отпад. Владата донесе одлука за финасирање на нов пат кој ќе води до локацијата на регионалната депонија, кој нема да поминува низ општина Битола и општина Новаци.
- Оттука МЖСПП смета дека одлуката за протестите е неоснована бидејќи граѓаните на општина Битола не се запознаени доволно со овој проект и стои на располгање да се организираат дополнителни средби со граѓаните, каде заедно со меѓународните и домашните експерти ќе се презинтираат придобивките од овој планиран систем за регионално управување со отпад.