И најмладите вклучени во кампањата „Позитивна промена“

Новости
работилници за најмладите ученици во рамки на мултимедијалната национална кампања „Позитивна промена“
И најмладите вклучени во кампањата „Позитивна промена“
17.02.2025

Под мотото „Јас сум новиот еко-херој“, во ООУ „Гоце Делчев“ во Неготино денеска се одржа првата од серијата на работилници за најмладите ученици во рамки на мултимедијалната национална кампања „Позитивна промена“. Целта на овие настани е преку едукација, дружење и игри, уште од најмала возраст да се развиваат и градат позитивните навики во однос на животната средина.
На работилницата, на учениците им беа поделени пакетчиња со игри, боенки, лепенки и други едукативни алатки кои ќе им помогнат на креативен начин да учат за важноста и начините на селекција на отпадот. Им беше прикажано и кратко видео со начините за правилно селектирање и одлагање на отпадот.

Најмладите покажаа голем интерес за содржините понудени во едукативните пакетчиња, а од интеракцијата со децата стана јасно и дека, благодарение на промовирањето на еколошки активности и воведувањето на еко-содржини во наставната програма, веќе расте свеста кај најмладите за селектирањето на отпадот и заштитата на животната средина, воопшто.
Притоа, на влезот во училиштето беше трајно поставена табла со мотото „Јас сум новиот еко-херој“, која ќе биде монтирана во секое од основните училишта каде ќе се одржи ваков едукативен настан.
Предвидено е да се одржат вкупно осум работилници наменети за деца на возраст од прво до трето одделение, во по едно основно училиште од секој плански регион во државата, и, освен Неготино, ќе бидат посетени и Свети Николе, Гевгелија, Липково, Прилеп, Неготино, Струга и Гостивар.

Кампањата „Позитивна промена“ на Министерството за животна средина и просторно планирање веќе почна со одржување на  серија јавни презентации пред претставниците на општините од секторите за животна средина и комуникации, во секој плански регион од државата.
Кампањата е финасирана преку Годишната програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад. Средствата со кои се финасира оваа кампања се одвоени од надоместокот кој се уплаќа од страна на трговците за граѓаните кои купуваат пластични кеси, во вкупна висина од 13.450.000,00 денари.

Галерија
Submitted by alfa4 on 17.02.2025 - 16:24