Скопје, 25.11.2024 Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска ја посети индустриската зона Визбегово, каде се сретна со стопанствениците од оваа скопска зона.
Вицепремиерот Меџити, кој работната посета ја оствари на барање на стопанствениците, со нив разговараше за актуелните проблеми, за патот и пристапот до економската зона Визбегово, како и за главното барање за кое протестираа - изградбата на асфалтна база во индустриската зона Визбегово, за која тој изјави дека нема да се гради.
„Пред стопанствениците, жителите на оваа населба и пред вас медиумите изјавувам дека тука сме да покажеме дека знаеме да ги слушнеме граѓаните и бизнисот. Владата ја поништи одлуката за изградба на асфалтна база во индустриската зона Визбегово, имајќи ги предвид аргументите на граѓаните и бизнисот за штетноста на овој зафат. Ќе бараме други решенија“, изјави првиот вицепремиер Изет Меџити.
„Ние сме про-бизнисот, но не по цена на здравјето и природата. Ќе имаме почести состаноци и ќе разговараме за сите теми“ изјави првиот вицепремиер Меџити.
Драган Цветановски од Здружението на стопанственици на индустриската зона Визбегово, порача дека дислоцирањето на асфалтната база за нив значи прв чекор за враќање на соработката на институциите со бизнисот. Цветановски, додаде дека барањето што го имаат од пред 15-тина години, изградбата на новиот пат и пристапните патишта до Индустриската зона остануваат главен приоритет.