XIII Здравство

Резиме

 

Што се случува?

Континуираниот процес на деградација и загадување на животната средина го загрозува и здравјето на населението посебно на ризичните групи. И покрај сеуште недоволниот број докази/податоци на национално ниво, нема сомнение дека и Република Северна Македонија се соочува со сериозни проблеми во управувањето со состојбите и со ризиците во животната средина.

Зошто се случува?

Справувањето со овие ризици досега најчесто се одвиваше со фрагментарен едно-секторски пристап што донесе недоволни подобрувања. Од друга страна здравствените, еколошките, но и економските последици од таквите состојби, иако видливи, а донекаде и докажани, сè уште не се доволно присутни во политиките за управување со состојбите во животната средина.

Населението во Република Северна Македонија и воопшто луѓето од Балканот и Источна Европа, дишат потоксичен воздух загаден со суспендирани честички во однос на нивните соседи во Западна Европа. Всушност, во балканскиот регион и понатаму работат многу индустриски објекти кои користат лигнит (јаглен со најлош квалитет) и а исто така во Регионот се наоѓаат 7 од 10-те електрани како најголеми загадувачи со јаглен во Европа. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека загадувањето на воздухот предизвикува смрт кај околу седум милиони луѓе ширум светот секоја година. Девет од десет луѓе дишат воздух што ги надминува граничните вредности наведени во упатствата на СЗО за квалитет на воздухот, a најголема изложеност имаат земјите со низок и среден приход. Од друга страна пак, СЗО тврди дека 56% од градовите во земјите со високи економски приходи не ги исполнуваат упатствата за квалитет на воздухот.

Во Република Северна Македонија идентификувани се бројни извори на загадување на амбиентниот воздух како што се: неефикасното согорување во ложиштата во домаќинствата, дотраените системи за централно греење, производството на електрична енергија во старите термоелектрани кои користат лигнит, сообраќајот и застарениот возен парк, несоодветното управување со отпадот и др.

Појавата и влошувањето симптомите на астма, хроничната белодробна болест и ракот на белите дробови, инфаркт на миокардот, срцевата слабост и појавата на мозочни удари и зголемена смртност од истите заболувања и воопшто зголемена општа смртност, се најчестите последици по здравјето како резултат на долготрајна изложеност на загаден воздух со РМ честички. Исто така постојат се поголем број на докази кои ја поврзуваат изложеноста на суспендирани РМ честички со појавата на болести како што се дијабет тип 2, оштетување на невролошкиот развој кај децата, и дисфункција на бубрезите кај возрасните. Влијанијата врз здравјето и оптоварувањето со болести заради амбиентното аерозагадување во Република Северна Македонија вклучително и економските загуби и трошоци поврзани со предвремената смртност заради аерозагадувањето се значителни. Проценето е дека над 3800 животи годишно се губат во нашата држава заради изложеноста на тековниот квалитет на амбиентен воздух (пресметките се однесуваат на периодот 2018-2020), што претставува 17.7 % од вкупната смртност на населението. Проценетите економски загуби и трошоци, од здравствените ефекти на загадениот воздух, според Светска Банка изнесуваат 5.2 % до 8.5 % од бруто националниот производ во 2016 година.

По однос на безбедноста на водата за пиење, иако најголемиот дел од населението е приклучено на централен начин на водоснабдување, ризикот по здравјето на населението е највисок кај популацијата која консумира вода од водоснабдителни објекти со кои не стопанисува комуналните организации или пак со објектите управува самото населението. Истото се однесува и за водоснабдувањето од т.н. други видови на објекти (природни чешми, кладенци, бунари и сл.), кои со години наназад се покажуваат како епидемиолошки најризичен начин за снабдување со вода за пиење. Со оглед дека во такви услови поголем ризик преставуваат бактериолошки неисправните мостри, последиците по здравјето од таквата изложеност најчесто се манифестираат во зголемен број на цревни заразни болести.

Иако државата сеуште ги нема дефинирано водните тела за капење, квалитетот на водите од природните езера (мерени пред и на почеток на сезоните за капење) засега се најблиску до исполнување на законските норми вклучувајќи ги и одредбите на ЕУ директивите. Тоа посебно се однесува на крајбрежните води на Охридското езеро иако не смее да се занемари ризикот кој го носат загадените води на некои реки и отпадни води кои се влеваат во езерото.

Покрај неконтролираната урбанизација и моторизација, како и демографската миграција, нагласен е и проблемот со отстранувањето и пречистувањето на цврстиот и течен отпад што директно влијае на сериозна деградација на животната средина, но и индиректно го загрозува здравјето на населението. Повеќето пак регистрирани индустриски жешки точки во државата кои се провлекуваат повеќе децении, како и растечките ефекти од климатските промени ја комплетираат сликата за исклучително сериозното ниво на загрозување на сите медиуми на животната средина, а со тоа и неопходноста од итна стратешка, интерсекторска интервенција на сите нивоа во државата.

Овие состојби и неизбежната експанзија на консумеризмот ја доведоа во опасност не само безбедноста и квалитетот на водата за пиење, туку и безбедноста на храната. Инцидентите со пуштање во промет на здравствено небезбедна храна, вклучително и храна која содржи микотоксини или резидуи на пестициди укажуваат дека постојат сериозни пропусти во ланецот на производство на храна и во контролата на храната, како од страна на операторите, така и од страна на надлежните органи. Микробиолошката неисправност во анализираните примероци храна се почести кај производите од домашно производство. Иако се поминати без малку 10 години од појавата на епидемија со листериоза во 2014 година со 50% смртност кај заболените лица, истата укажа дека е неопходно да се спроведе сериозна контрола на микробиолошките опасности, во сите фази на производството на храна, но и да се развијат и дисеминираат препораки за исхрана за заштита на здравјето на ранливите групи.

Растечкото ниво на амбиентната бучава пред се во урбаните средини на државата преставува исто така сериозен еколошки ризик по здравјето на населението кој покрај оштетување на слухот, води и до појава на стрес, учествува во причините за срцеви заболувања но и влијае врз пореметување на спиењето. Во градовите во државата во кои се мери нивото на бучава во повеќе од 80 % од мерењата, нивото на бучава во текот на денот и ноќта е над законските норми но и над препорачаните нивоа на Светската здравствена организација. Покрај веќе вообичаените извори на бучава како сообраќајот, индустријата и активностите на луѓето во соседството, експанзијата на градежната индустрија во урбаните центри преставува сe посериозен извор на високи нивоа на бучава.

Климатските промени се еден од растечките здравствени ризици во светот но и кај нас. Зголемувањето на температурата и честата појава на тропски денови и ноќи но и повремената појава на други климатски екстреми како поплави, суши и пожари се сериозна закана по здравјето посебно на осетливите групи население како старите лица и децата. Во Скопје се докажани растечки трендови на заболувања и смртност на населението поврзани со климатските екстреми пред се високата температура, но и почеста појава на цревни заразни болести вклучувајќи и Салмонелози како и поленски алергии.

 

Неповолното влијание на горенаведените фактори од животната средина врз здравјето, не ги погодува сите популациони групи подеднакво. Осетливите групи население кои треба посебно да се заштитат ги вклучуваат старите лица над 65 години, децата, бремените жени, лицата кои живеат во близина на изворите на загадување но и лицата со низок социјално-економски статус кои живеат во супстандардни услови. Досегашните истражувања на влијанијата врз здравјето кај нас покажаа посебно висок тренд на заболувања и смртност кај лицата на возраст над 65 години.

 

Меѓународни и национални цели

Земјите-членки на Европскиот регион на СЗО се обврзаа да ги засилат и унапредат активностите за подобрување на животната средина и здравјето на меѓународно, национално и субнационално ниво преку Декларацијата на Шестата министерска конференција за животна средина и здравје, одржана во Острава, Чешка, 2017 година. Овој документ е изготвен во вид на насоки за земјите-членки на СЗО за поддршка во изготвувањето на националните портфолија и акции. За таа цел, Декларацијата ги презентира целите што треба да се постигнат во однос на приоритетните области во регионот и предлага активности за нивно постигнување. Дефинираните приоритетни цели се:a. Подобрување на квалитетот на внатрешниот и надворешниот воздух за ситеб. Обезбедување универзален, правичен и одржлив пристап до безбедна вода за пиење, санитарни услови и хигиена за сите в. Минимизирање на негативните ефекти на хемикалиите врз човековото здравје и животната средина г. Елиминирање на негативните влијанија врз животната средина и здравјето, трошоците и нееднаквостите поврзани со управувањето со отпадот и контаминираните локациид. Зајакнување на адаптивниот капацитет и отпорност на здравствените ризици поврзани со климатските промени и мерки за поддршка за ублажување на климатските промени и постигнување здравствени придобивки во согласност со Парискиот договор ѓ. Поддршка на напорите на европските градови и региони да станат поздрави, поинклузивни, побезбедни, еластични и одржливи е. Градење еколошка одржливост на здравствените системи и намалување на нивното влијание врз животната средина

 

Цели за одржлив развој (ЦОР) на ОН. Иако без малку сите цели на директен или индиректен се поврзани со релацијата здравје-животна средина, оние цели кои се посебно фокусирани на здравје и животна средина се

 

ЦОР 3  - да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите од секоја возраст Целта се стреми кон постигнување сеопфатно здравство коешто ќе овозможи правичен пристап до здравствените услуги за сите мажи и жени. Целта предлага да се стави крај на спречливата смртност на новороденчиња, доенчиња и деца до петгодишна возраст, како и крај на епидемиите.

ЦОР 6 - да се обезбеди пристап до и одржливо управување со вода и санитарни услови за сите.

 

ЦОР 10 - „намалување на нееднаквоста во и меѓу земјите“. Целта бара намалување на нееднаквоста по основ на доход, пол, попреченост, раса, народност, потекло, религија или економски статус.

 

ЦОР 11- „остварување на инклузивни градови и населби, безбедни, прилагодливи и одржливи“. Целите за одржлив развој земаат предвид дека активноста во едно подрачје ќе влијае врз исходот во други подрачја, како и дека развојот мора да ги урамнотежи социјалната, економската и еколошката одржливост.

 

ЦОР 13 - да се преземат итни мерки за борба против климатските промени и нивното влијание“. Декадата од 2010 до 2019 година била најтопла во историјата. Тековното глобално затоплување се одразува врз глобалната заедница во секоја земја во светот, а неговото влијание не е само врз националните економии, туку и врз луѓето и домаќинствата, особено оние кои што живеат во ранливи услови.

 

Одлука (ЕУ) 2022/591  8-ми еколошки Акционен План на Европската Унија - намалување на предвремените смртни случаи од загадениот воздух за 55% (од нивоата во 2005 година) до 2030 година

 

Стратегија за здравје и животна средина на Република Македонија до 2020

Одредени се приоритетни тематски подрачја за активности и за натамошни истражувања (на макро план – фокус кон одржливи, инклузивни и здрави населби и ранливи групи население, а на микро план – медиуми на животната средина и еко-ризиците како надворешен (амбиентен) и внатрешен воздух (воздух во затворено), изложеност на бучава, азбест и радон, справување со климатски промени, безбедно управување со отпадот, безбедност на храна и исхрана, изложеност на хемикалии и индустриски жешки точки, чиста и безбедна вода и санитација.

Стратегијата и Акцискиот План го одредуваат моделот на движечки сили како клучен модел за детекција и управување со ризиците во животната средина во Република Северна Македонија, и преку него ги одредуваат приоритетните подрачја за акција во сите медиуми на животната средина во државата, притоа нагласувајќи ја неопходната примена на интерсекторскиот пристап и фокусот кон населбите, климатските промени и ранливите групи население, како и на широкиот партиципативен процес во подготовката, донесувањето на документот и имплементација на мерките.

Клучни пораки за темата

На Република Северна Македонија и недостасува единствена политика и стратегиски ориентиран документ со којшто ќе се воведе интегрален пристап во поставувањето на проблемот, во детекцијата на ризиците и во унапредувањето на сложените односи меѓу состојбите во животната средина и здравјето на населението.

Повеќе медиуми на животната средина и процеси имаат загрижувачки лош квалитет а регистрирани се и конкретни здравствени ефекти посебно врз ранливите групи население (пред се децата, лицата постари од 65 години и лицата кои боледуваат од хронични незаразни болести).

Досегашниот систем на делумно решавање на проблемите во одредени медиуми на животната средина и нивната релација со здравјето на населението, донесе умерен напредок во унапредувањето на заштитата на животната средина, во потребата за валидна детекција на здравствените ризици заснована врз докази, како и во потребата од примена на ефикасни интерсекторски акции за управување со ризиците на централно и локално ниво.

 

Активности кои треба да се преземат за подобрување на состојбата

 Потребно е што поскоро да се дојде до:

  • Засилување на институционалните капацитети а пред се унапредување на капацитетите на здравствениот систем за обезбедување навремен одговор во справување со ризиците во животната средина
  • Подигнување на свеста на населението за влијанијата на животната средина врз здравјето на луѓето
  • Воспоставување на интегриран мониторинг и информативен систем за процена и управување со ризиците по здравјето од загадувањата во сите наведени медиуми на животната средина и климатските промени со воведување на индикаторски систем по ДПСИР моделот на движечки сили
  • Тренинг и едукација и унапредување на методологијата за проценка на здравствени ризици од загадувањата во животната средина и климатските промени
  • Одредување на приоритети за истражување на можните здравствени ризици од животната средина и климатските промени