МК НИ 004-3 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – NO2

9
МК НИ 004-3
Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – NO2
Дефиниција

Овој индикатор го прикажува делот од урбаната популација која што е потенцијално изложена на концентрации на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух над граничните вредности дефинирани за заштита на човеково здравје.

Урбаната популација која што е земена во предвид е всушност вкупниот број на жители кои што живеат во градовите каде што има најмалку една мониторинг станица. Во овие градови влегува главниот град на Република Северна Македонија и останатите поголеми градови. Бројот на жители е во согласност со  пописите спроведени од страна на Државниот завод за статистика од 2002 и 2021 година со тоа што податоците од 2004 до 2020 година се обработувани со бројот на жители од пописот од 2002 година, додека податоците од 2021 година и понови се обработувани со бројот на жители од пописот од 2021 година.

Надминувањето на граничните вредности за квалитет на воздухот се појавува кога концентрацијата на загадувачките супстанци ги надминува граничните вредности за NO2 утврдени со Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Сл. весник на РМ“  бр.50/2005, 4/2013, 183/17), во која е транспонирана директивата за квалитет на амбиентен воздух и почист воздух во Европа 2008/50/ЕC и директивата за тешки метали 2004/107/ЕC. Онаму каде што постојат повеќе гранични вредности (види дел за Цели на политиката), индикаторот го користи најстрогиот случај:

  • Азот диоксид (NO2): годишна гранична вредност
Единици

Процент на урбаната популација потенцијално изложена на надминувања на концентрациите во амбиентниот воздух на азотдиоксид (NO2) над граничните вредности дефинирани за заштита на човеково здравје. Koнцентрациите во амбиентниот воздух на азотдиоксид (NO2) се изразуваат во микрограм/m(µg/m3).

Клучно прашање за политиката

Каков прогрес е направен за намалување на концентрациите на загадувачките супстанции во урбаните средини за достигнување на граничните вредности за NO2 дефинирани во Уредбата?

Клучна порака

Во периодот од 2004 до 2023 година од 0 до 69% од населението било изложено на концентрации на азот диоксид кои се над граничните вредности за заштита на човековото здравје. Највисок процент на изложеност на населението има во 2011 година со изложеност од 69 %.
И покрај тоа што измерените концентрации на азот диоксид во амбиентниот воздух во последните години не ги надминуваат пропишаните гранични вредности, интензивно се спроведуваат мерки за намалување на емисиите од сообраќајот, како еден од значајните извори на загадување на оваа загадувачка супстанца во поголемите урбани средини. Се промовира јавниот градски превоз, возење на велосипед се со цел да се намали бројот на возила по градовите. Се креираат и разни политики за зонирање на градовите, обнова на возниот парк на граѓаните преку субвенционирање за купување на нови возила, хибридни и електрични возила како и субвенции за вградување на уреди кои користат нафтен или земен гас и субвенции за купување на велосипеди. Град Скопје од 2011 година до сега инвестираше доста средства за обнова на возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП.

Оценка

Испитувањата покажале дека во воздухот се застапени повеќе оксиди на азот, но најзначајни се азот диоксид и азот моноксид. Овие загадувачки супстанци најчесто се резултат на природни извори. Сепак, во урбаните средини најголем извор е сообраќајот, а помал извор е индустријата. Најтоксичен од сите азотни оксиди е азот диоксид, чии концентрации се условени од годишното време и од метеоролошките услови. Имено, во утринските часови повисока е концентрацијата на NO заради зголемената фреквенција на сообраќајот, a со интензивирање на сончева радијација во текот на денот се врши претворање на NO во NO2 со што се зголемува концентрацијата на NO2. Азотните оксиди влијаат на содржината на озонот и на другите фотохемиски оксиданси во воздухот. Во текот на сезоната пролет-лето поголема е концентрацијата на NO2, а во сезоните есен-зима на NO. Количеството на NOx e зголемено во зимскиот период поради повисоката фреквенција на сообраќајот. На следните два графикони прикажана е изложеноста на популацијата на оваа загадувачка супстанца.

Графикон 1: Процент на урбаната популација изложена на загадување на воздухот во области каде концентрациите на загадувачките супстанци се повисоки од граничните/целните вредности

 

Графикон 2: Процент од популацијата изложени на NO2 годишни концентрации во урбани области

 

Во периодот од 2004 до 2023 година од 0 до 69 % од населението било изложено на концентрации на азот диоксид кои се над граничните вредности за заштита на човековото здравје (40 mg/m3 средна годишна гранична вредност). Највисок процент на изложеност на населението има во 2011 година со изложеност од 69 %.

Во 2004, 2005, 2006 и 2011 година значителен процент од населението (55 - 69 %) е изложен на концентрации над 40 g/m3, додека во 2009, 2010, 2014, 2015, 2016, 2019, 2021, 2022 и 2023 година од 84% до 97% од населението (е изложено на пониски концентрации на азот диоксид под 26 g/m3. Во 2020 година 100% од населението е изложено на концентрации на азот диоксид  под 26  mg/m3.

На следниот графикон е прикажана просечната годишна концентрација на NO2.

 

Графикон 3: Просечна годишна концентрација на NO2

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Македонски информативен центар за животна средина

Во првите неколку години годишната гранична вредност на NO2 беше надмината во сите мониторинг станици во Скопје, како и во мониторинг станицата во Кичево. Во изминатите години, граничната вредност не е надмината, односно се забележува благ тренд на опаѓање на концентрациите меѓутоа во период од2009 до 2017 година тој тренд стагнира односно концентрациите се на исто ниво, од 2017 година повторно се јавува тренд на на опаѓање на концентрациите. Во Скопје фреквенцијата на возилата не е намалена, ниту пак возниот парк е значително подновен, па затоа сè уште постои веројатност од надминување на граничната вредност поради тоа што највисоки концентрации се бележат во близина на високо фреквентните улици и сообраќајници.

И покрај тоа што измерените концентрации на азот диоксид во амбиентниот воздух во последните години не ги надминуваат пропишаните гранични вредности, интензивно се спроведуваат мерки за намалување на емисиите од сообраќајот, како еден од значајните извори на загадување на оваа загадувачка супстанца во поголемите урбани средини.

Со развивање и промовирање на јавниот превоз и со возење велосипед може да се намали бројот на возила во градовите и со тоа да се подобри квалитетот на воздухот. Најстарите автомобили произведуваат најголеми емисии, па така, обновата на возниот парк значително ќе ги намали емисиите од сообраќајот.

За таа цел се креираат разни политики за обнова на возниот парк на граѓаните, преку субвенционирање за купување на нови возила вклучувајќи ги тука и електричните и хибридните возила за кои што пак има и други поволности после купувањето како на пример бесплатниот паркинг, како и субвенции за вградување на уреди кои користат нафтен или земен гас. Се направени измени на законската легислатива за воведување на еколошки налепници за возилата и зонирање на Општините и Градот Скопје според кои возилата се постари и кои имаат повисоки емисии да им биде забрането движење во одредени зони или пак кога ќе има епизоди на повисоки концентрации на воздухот односно кога ќе биде прогласена алармантна состојба во одредени Општини и Градот Скопје.

Исто така Општините, во своите буџети повеќе години наназад одвојуваат финансиски средства за субвенции на велосипеди, како и за подобрување на инфраструктурата за велосипедите со изградба на нови велосипедски патеки.

Градот Скопје од 2011 година па наваму инвестираше доста средства во обнова на возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие - ЈСП. Последнава година се набавени и нови единечни и дупли еколошки автобуси кои значително ќе придонесат во намалувањето на емисиите на азотни оксиди во главниот град.

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Годишната средна концентрација во градот се пресметува како просек од средната годишна вредност која се мери на сите мониторинг станици поставени во урбани средини.   Селектираните урбани станици вклучуваат станици од типот: станици кои го покажуваат загадувањето од сообраќајот, станици кои го покажуваат загадувањето од индустријата и урбани позадински станици.

  • Методолошка несигурност и несигурност на податоците

Податоците, генерално, не се репрезентативни за целата урбана средина во Република Македонија. За разлика од дефинираната методологија на Европската агенција за животна средина, каде за пресметување на индикаторот се користат само податоци од урбани позадински станици, ние за пресметка ги искористивме податоците од сите станици поставени во урбани средини. Исто така, поради минималниот број на мониторинг станици, во пресметките на индикаторот се земени оние станици каде што покриеноста со податоци е поголема од 75% по календарска година. Како несигурност може да се смета и тоа што во пресметката на индикаторот до 2020 година, земен е бројот на жители по градовите согласно пописот на население спроведен од Државниот завод за статистика во 2002 година, наместо проценет број на население за секоја година поединечно.

Цели

Во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните ведности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, се дефинирани граничните вредности за NO2.

Гранични вредности за концентрации на азот диоксид во амбиентниот воздух

Во согласност со горенаведена Уредба за азот диоксид, дефинирани се две гранични вредности за заштита на човековото здравје.

  • Едночасовната просечна гранична вредност на азот диоксид не смее да ја надмине граничната вредност од 200 μg/m3 повеќе од 18 пати во текот на една календарска година.
  • Просечната годишна концентрација не смее да надмине 40 μg/m3.
Обврска за известување
  • Европска агенција за животна средина
    • Размена на податоците за квалитет на воздухот, во согласност со имплементационата одлука во која се дадени правилата на директивите 2004/107/EC и 2008/50/EC на Европскиот парламент и на Советот во однос на реципрочна размена на информации и известување за квалитет на амбиентен воздух (Одлука 2011/850/EC).
  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Воздух Поврзаност со други теми/сектори Климатски промениЕнергија, Транспорт, Здравство
Код на индикаторот MK НИ 004 – 3 Временска покриеност 2004-2023
Име на индикаторот Надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот во урбани подрачја – NO2 Извор на податоци Министерство за животна средина и просторно планирање – Македонски информативен центар за животна средина
Класификација по ДПСИР С Датум на последна верзија 12.08.2024
Тип А Подготвено/ажурирано од: Никола Голубов
Анета Стефановска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта:
N.Golubov@moepp.gov.mk
A.Stefanovska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 004 – 3 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот во урбани подрачја – NO2 EEA – Европска агенција за животна средина IND-34-en CSI 004 , AIR 003 Exceedance of air quality standards in urban areas
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа A2/16 – Annual average concentration of nitrogen dioxide
Каталог на индикатори за животна средина 19 – Exceedance of air quality standards in urban areas (EEA_CSI004)
SDG – Цели за одржлив развој 3 – 3.9.1: Mortality rate attributed to household and ambient air pollution
9 – 9.4.1: CO2 emission per unit of value added
11 – 11.6.2: Annual mean levels of fine particulate matter (e.g. PM2.5 and PM10) in cities (population weighted)
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не