
Скопје, 27.02.2025г. Државниот секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање Ресми Ејупи се обрати на отварањето на почетната работилница на новиот проект од областа климатски промени: „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени на Северна Македонија во рамките на УНФЦЦЦ“ што денес се одржа во Скопје.
На работилницата свое обраќање имаше и Ана Чернишова, заменик постојан претставник на УНДП во Северна Македонија и Анита Коџоман, програмски офицер на УНДП.
Во поздравното обраќање, државниот секретар Ејупи истакна дека спроведувањето на овој проект е директно врзано и со спроведувањето на Реформската агенда на државата, бидејќи известувањето на униформиран начин на државите од светот, ги прави извештаите споредливи и овозможува да се процени постигнувањето на глобалната цел од Договорот од Париз.
Додавајќи дека во контекст на процесот на пристапување кон Европската Унија, Република Северна Македонија веќе го започна процесот на хармонизација на својот пристап кон ублажувањето на климатските промени кон обврските на ЕУ, Ејупи рече: „Во таа насока, подготвен е нацрт текст на предлог на Закон за климатска акцијa кој е во владина постапка на усвојување. Моментално, работиме на адресирање на добиените коментари од повеќе од 25 институции и паралелно работиме на функционалната анализа за да ја обезбедиме потребната институционална структура за спроведување на Законот“.
Според зборовите на Ана Чернишова, заменик постојан претставник на УНДП во Северна Македонија почетната работилница е момент да се соберат сите релевантни партнери и чинители, кои ќе работат заедно со УНДП за успешна имплементација на проектот и постигнување на зацртаните резултати што се обврска на земјата според УНФЦЦЦ и Договорот од Париз.
„На меѓународно ниво, ваквите извештаи помагаат да се разбере нивото на имплементација на Конвенцијата на глобално ниво, да се изгради доверба и да се зголемат амбициите на сите земји да ги намалат емисиите на стакленички гасови, да се залагаат за позелен развој и подобра адаптација на климатските промени“ истакна Чернишова додавајќи дека овие извештаи, исто така, треба да го подобрат пристапот до финансиска поддршка и мобилизација на ресурси за климатски активности.
Проектот е продолжување и надградба на повеќе од 20-годишните изминати активности во оваа област, спроведувани како партнерство помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, во соработка со другите клучни чинители во државата.
Вредноста на проектот е во износ од околу 1.23 милиони американски долари. Тој започна во јули 2024 година, а се очекува проектните задачи да завршат до декември 2027 година.