ШУКОВА: За справување со климатските ризици и здрава животна средина потребна е едукација на младите генерации, развивање на нивната еколошка свест

Новости
Интерактивен настан и демонстрација на иницијативите за климатска акција и образование за животната средина
едукација на младите генерации, развивање на нивната еколошка свест
21.03.2024
Со интерактивен настан и демонстрација на иницијативите за климатска акција и образование за животната средина во кој учествуваа преку 250 ученици, просветни работници, над 60 млади иноватори и климатски активисти и бројни посетители

Денес, во Градскиот Парк  во Скопје се одбележа првиот ден од пролетта.

Настанот беше организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање и УНИЦЕФ, со поддршка од Шведска и други партнери.

„За справување со климатските ризици и здрава животна средина потребна е едукација на младите генерации, развивање на нивната еколошка свест. МЖСПП години наназад ја поддржува едукацијата на младите преку разни програми, секако и преку соработката со УНИЦЕФ. Преку ГЛОБЕ програмата, поддржуваме и ко-финансираме проекти коишто ќе им помогнат на најмладите да разберат дека животната средина е она за коешто треба навистина да се грижат, пред сè заради самите себе, но секако и за оние кои доаѓаат после нас“ - изјави министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, истакнувајќи дека се надева дека овој тренд јавноста да говори за животната средина ќе продолжи понатаму и дека и институциите се повеќе ќе реагираат.

„Годините наназад се обидувавме на сите економски ресори да им кажеме дека животната средина мора да биде приоритет во детерминирање на нивните политики. Мислам дека тоа го постигнавме денеска, дека секој еден поединец размислува за животната средина и така треба да продолжи“ додаде таа

1
2
Изложба
Innovation Expo
На Изложбата за иновации (Innovation Expo), над 60 млади иноватори и климатски активисти ги промовираа локалните иницијативи за животната средина и климатските промени развиени преку програмите UPSHIFT и Младински иновациски кампови

Во рамки на настанот беа спроведени десетина работилници  осмислени да поттикнат љубопитност за науката и еколошка свест, опфатија практични експерименти за учениците и наставниците од Мрежата за искуствено учењеБиотехнолошката лабораторија на Град Скопје и програмата ГЛОУБ (GLOBE).

За време на средбата, младите се вклучија во консултации околу идентификување на приоритетните области што треба да бидат опфатени во стратегија за климатски промени на УНИЦЕФ.

„Како Министерство, посветени сме на подигнувањето на свеста на учениците за екологијата. Во рамки на реформата на образовниот систем, што е во тек, наша цел е да го подобриме квалитетот на образованието и во делот на разбирањето на климатските промени и одржливоста. Преку наставните и воннаставните активности, учениците стекнуваат и ги прошируваат знаењата за околината, за природните ресурси, за живеење во поврзаност со природата, за климатските промени и ефектите од нив“ - рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири

Тој додаде дека училиштата активно имплементираат практики за заштита на животната средина и организираат настани за подигање на свеста за важноста на здравата животна средина, нагласувајќи дека овие напори имаат за цел да промовираат однесување кај студентите кое е пријателски настроено кон природата. Шаќири исто така нагласи дека настани како денешниот имаат клучна улога во креирање одржлива иднина за нашата планета и негување на грижливи генерации кои ја вреднуваат и штитат средината во која живеат.

„Навистина е одлично да се видат сите активности за климатска акција и образование за животна средина претставени на овој интерактивен настан. Не само што ги прикажува можностите за младите во оваа земја, туку покажува дека решавањето сложени прашања како што е климатската криза бара системски партнерства и интервенции, рака под рака со акција во локалните заедници. УНИЦЕФ работи на сите нивоа, почнувајќи од поддршката на Мрежата за искуствено учење; преку интегрирање на искуственото учење во образовниот систем и оспособување на наставниците и младите ученици со практични вештини; па сѐ до работа со млади иноватори и климатски активисти заради промовирање на нивните локални иницијативи. Заедно, ние не само што учиме за климатската акција и животната средина, туку и обликуваме одржлива и отпорна иднина“, рече претставничка на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани

Настанот беше заокружен со средба на наставници за искуствено учење за климатските промени и одржливоста на животната средина. Притоа, 60 наставници од градинките и основните училишта низ земјата се собраа за да дознаат за воннаставните активности што ги нуди Мрежата за искуствено учење, како и за новите алатки и прирачници изработени со цел да им се помогне во образованието да ги интегрираат искуственото учење и образование за животната средина. Досега, опфатени се близу 6.000 наставници преку различни можности за професионално усовршување околу искуственото учење.

Настанот овозможи да се прикажат дел од резултатите што ги постигнаа партнерите во рамките на програмата на УНИЦЕФ „Охрабрување на децата и младите да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ финансирана од Шведска. Програмата се спроведува во соработка со Министерството за животна средина, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за иновации и технолошки развој и други партнери, вклучувајќи ги Град Скопје, Македонското еколошко друштво, ЛЕАД, Центарот за ресурси во животната средина и Еко Лоџик.

Настанот го проследија и заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, како и претставници на дипломатскиот кор во државата и претставници на граѓанскиот сектор што делуваат во оваа област.

Галерија
Submitted by alfa4 on 21.03.2024 - 10:00