XVI Економија на животна средина и управување со ресурси

Резиме

1. Кои се врските меѓу економијата и управувањето со ресурси со животната средина

Економија на животната средина e подобласт на економијата што се занимава со прашања на животната средина. Економијата на животната средина презема теоретски и емпириски истражувања за економските ефекти на националните или локалните политики за животна средина низ светот. Посебни прашања ги опфаќаат трошоците и придобивките од алтернативни политики за животната средина за справување со загадувњето на воздухот, квалитетот на водата, отровните супстанци, цврстиот отпад и глобалното затоплување.

Економијата на животната средина опфаќа активности и производи кои служат за две цели: „Заштита на животната средина“ – што значи спречување, намалување и отстранување загадување или каква било деградација на животната средина и „Управување со ресурси“ – што значи зачувување на природните ресурси и нивна заштита.

Кога економијата би ја поделиле на два сектори: производство и потрошувачка, овие два сектори ја користат животната средина на три главни начини:

  • како снабдувач на влезови на природни ресурси
  • како снабдувач на добра за животната средина
  • во својство на отпаден резервоар

Користењето на животната средина на еден од овие начини може да влијае на другите корисници.

1.1.   Снабдувач на влезови на природни ресурси

Земјиштето, водата и резервите на суровини се важни влезови за производство. Овие ресурси често варираат меѓу земјите и ќе влијаат на економијата на земјата. Некои земји имаат големи резерви на материјали, додека други имаат добро обработливо земјиште.

Природните ресурси се или обновливи (пр. дрвја) или необновливи (пр. сурова нафта). Оваа разлика е важна бидејќи влијае на начинот на кој треба да се управуваат ресурсите во производството. Овие ресурси се користат од производствениот сектор за да се создадат стоки и услуги кои ќе ги користат потрошувачите или како влезови за друг дел од производствениот сектор, но исто така во процесот се произведуваат отпадни производи. Пример може да биде јагленот што се користи да произведува електрична енергија. Кога јагленот гори произведува електрична енергија, но во исто време се произведуваат и јаглерод диоксид и суфлур диоксид, и тие може да имаат штетни ефекти на животната средина.

1.2.   Снабдувач на добра за животната средина

Економските придобивки (пр. поголемо користење) може директно да се изведат од потрошувачката на услуги кои доаѓаат од резервите на еколошки добра. Постојат многу примери каде што животната средина обезбедува придобивки за општеството, на пример, некои земји уживаат убави предели и јавноста ги користи преку поврзани рекреативни услуги и туризам. Еколошките резерви на дрвја можат да нудат глобални услуги како што е климатско регулирање бидејќи дрвјата апсорбираат јаглерод диоксид што во спротивно може да придонесе за климатски промени. Многу луѓе уживаат во биодиверзитетот кој постои во светот, и ова исто така може да се смета како форма на јавна потрошувачка на добро од животната средина.

1.3.   Во својство на отпаден резервоар

Својството на отпаден резервоар е капацитетот на животната средина да ги асимилира отпадните производи од производството и потрошувачката и да ги претвора во штетни или еколошки корисни производи. Ова користење на животната средина е она за кое сме најмногу загрижени за воведување на политики кои влијаат како и на кое ниво се користи животната средина како резервоар за отпад.

На животната средина не влијаат само отпадните производи туку и емисиите на загадувачки супстанци од влијанието на човечката активност, што допринесува за зголемени концентрации на истите во атмосферата, односно хемикалии во животната средина, како што се пестициди, средства за заштита на дрва, бои, средства за подмачкување и други супстанци.

Особено важно е да се размислува и за физичкиот капацитет на земјиштето, водата и атмосферата да ги апсорбираат отпадните материи, кој е зависи и од други физички фактори како што се клима, дождови, ветер и географска локација.

 

2. Што се случува?

Во периодот од 2013 до 2015 година инвестициите за заштита на животната средина бележат опаѓање. Пораст е забележан во 2016 и 2017 година. Во 2018 година најмногу е инвестирано во подрачјето на управување со отпад. Значителен пад од 88,8% во инвестициите, во 2020 година има во подрачјето управување – постапување со отпад, што влијае на вкупниот пад на инвестиции во 2020 година и изнесува 53,4%. Во истото подрачје најголеми се трошоците за одржување на средствата за заштита на животната средина. Од клучно значење е да се зголеми инвестирањето и трошењето за активности и средства за заштита на животната средина, со цел да се минимизираат негативните последици од процесите и активностите поврзани со работењето на деловните субјекти особено индустријата и однесувањето на луѓето.

Даноците од животната средина имаат многу мал удел во вкупните даночни приходи и се движат помеѓу 0,0064% и 0,0071%. Во 2020 година учеството изнесува 0,0067% и е на исто ниво како од 2014. Просечното учеството на даноците од животната средина во вкупните даночни приходи, во земјите од Европската Унија изнесува 6,25%, што значи дека учеството во Северна Македонија е сеуште промногу мало и незначително. Разгледувано според видовите на даноци кои учествуваат во вкупните даноци за животна средина, најголем удел во 2020 година, имаат даноците од енергенти (67,3%), потоа даноците од транспортот (31,7%), најмал удел имаат даноците од загадување (1%), а даноци за користење на природните ресурси не се собрани.

Годишната сума на даноци од енергенти претставува повеќе од половина од сумата на вкупните даноци поврзани со животната средина, и во останатите години.

 

3. Зошто се случува?

Во поширока смисла економијата на животна средина гледа како економската активност и политика влијаат на животната средина во која живееме. Некои сектори создаваат загадување – на пример, емисиите на електраните можат да предизвикаат кисели дождови и исто така да придонесат за глобално затоплување. Одлуките за потрошувачка на домаќинствата исто така влијаат на животната средина – на пример, поголема потрошувачка може да значи повеќе отпад однесен во инцинератори или депонии кои загадуваат.

Инвестирањето и трошењето за активности и средства за заштита на животната средина, со цел да се минимизираат негативните последици од процесите и активностите поврзани со работењето на деловните субјекти особено индустријата и однесувањето на луѓето се преземаат за да се намали загадувањето и деградацијата на животната средина.

 

4. Дали имаме национална цел?

Не се дефинирани специфични цели во оваа област, но општата цел е да се постигне одржливост на животната средина со истовремено обезбедување одржлив зелен економски раст во земјата.

 

5. Дали националната цел е постигната?

Во однос на разгледуваните индикатори може да се забележи дека сеуште сме далеку од остварување на зацртаната општа цел.

 

6. Клучни пораки за темата

  • Да се адресираат проблемите во животната средина.
  • Да се извршат промени во постоечките начини на производство и потрошувачка.
  • Пронаоѓање на инструменти способни да произведат промени во однесувањето низ сите сектори со минимални трошоци.
  • Донесувачите на политики да посветат поголемо внимание на инструменти засновани на пазар.
  • Користење на пазарно засновани инструменти за контрола на загадувањето и управување со природни ресурси.

 

7. Кои активности се/треба да се превземат?

Животната средина е под влијание на постоечките особини на производство и потрошувачка. За да се адресираат проблемите на животната средина, потребни се промени во однесувањето од кои некои бараат значителни економски трошоци и влијаат на работната сила, производот и пазарите на капитал.

Целата на политиката за животна средина е да ги постигне целите за одржлив развој врз основа на балансиран економски раст и ценовна стабилност, високо конкурентна социјална пазарна економија.

Донесувачите на политики да користат алатки со кои ќе обезбедат дека решенијата за животната средина се со најмал трошок, за поправање на надворешните фактори и за зголемување на приходите за одредени цели.

Економските инструменти за контрола на загадувањето и управување со природните ресурси да станат важен дел од политиката за животна средина. Овие инструменти да опфаќаат, меѓу другите, даноци за животна средина, такси и давачки, дозволи за трговија, системи за враќање депозит и субвенции.

Инвестициите во заштитата на животната средина се важен предуслов не само за постигнување на одржливост на животната средина, туку и за обезбедување економски раст, нови деловни можности, поголемо вработување и повеќе работни места, здрав начин на живот, безбедност и социјална еднаквост.