- Што се случува?
1.1. Што се случува со квалитетот на воздухот во нашата земја?
Република Северна Македонија се соочува со значајни проблеми во однос на квалитетот на амбиентниот воздух. Секоја година концентрациите на одредени загадувачки супстанции ги надминуваат граничните вредности пропишани во националната законска регулатива. Проблемот е евидентен во целата земја, а во поголем обем е присутен во урбаните населби. Генерално од досегашните анализи, може да се каже дека критични супстанци се PM10 и PM2.5 (цврсти честички со големина до 10 односно 2.5 микрометри). Високите концентрации на овие загадувачки супстанци преставуваат голем проблем, особено во зимскиот период каде што се забележува значително покачување, односно концентрации повеќе пати поголеми од пропишаната среднодневнa граничнa вредност. Останатите загадувачки супстанци како NOx (азотните оксиди) и O3 (oзонот) ретко ги надминуваат зададените стандарди.
Сепак, врз основа на мерењата на квалитетот на воздухот, може да се забележи одредено подобрување на квалитетот на воздухот во изминатите години, особено кај концентрациите на сулфур диоксид, како резултат на активностите за намалување на емисиите. Тоа значи дека континуираните долготрајни напори за почист воздух даваат резултат.
1.2. Кој е трендот на концентрација на сулфур диоксид (SO2), азотни оксиди (NOX), честички, oзон (O3) и PM10?
Концентрациите на сулфур диоксид за дадениот период од 2004 до 2023 година генерално имаат тренд на намалување особено до 2010 година каде што тој тренд е доста евидентен. Веќе од 2011 година концентрациите на сулфур диоксид се значително ниски.
Концентрациите на NO2 имаат тренд на намалување, при што евидентирани се повисоки концентрации во почетокот на анализираниот период. Од 2013 година на сите мерни места просечните годишни концентрации се во рамките на дефинираната годишна гранична вредност. Од 2004 до 2006 година концентрациите на озон се повисоки, додека од 2007 година се бележи благ тренд на опаѓање на оваа загадувачка супстанца.
Во однос на PM10, концентрациите се и понатаму високи и над пропишаните граничните вредности за заштитата на здравјето на луѓето, но сепак може да се забележи тренд на намалување на повеќето мерни места.
1.3. Кои се очекуванитетрендови во концентрациите на сулфур диоксид, азотни оксиди, PM10 и озон?
Концентрациите на сулфур диоксид во амбиентниот воздух моментално се доста ниски и се очекува и во иднина овој тренд да продолжи, односно да нема надминување на граничните вредности.
Концентрациите на РМ10 и покрај благиот тренд на намалување во последните години и напорите кои што се прават за нивно намалување се очекува да ги надминуваат дефинираните стандарди посебно во поголемите урбани средини и оние средини каде што струењето на воздухот е послабо поради фактичката географска состојба (местоположбата на населените места во котлини), како и поради влијанието на локалните извори на загадување на воздухот како високиот интензитет на сообраќај и застарениот возен парк, поразвиената индустрија и употребата на нееколошки системи за греење на домаќинствата и административните установи. За решавање на овој проблем потребно е да се имплементираат долгорочни мерки како преку зголемување на употреба на еколошки горива во домаќинствата и сообраќајот на сметка на фосилните горива, проширување на гасификационата мрежа или пак изградба или проширување на тополоводни системи за загревање, од каде произлегува дека потребни се повеќе години за значително да се намалат концентрациите на PM односно да се постигнат стандардите.
Концентрациите на озон и во иднина се очекува да бидат слични поради местоположбата на државата во јужниот дел на Европа со голем број на сончеви денови и голем интензитет на глобална радијација.
Концентрациите на азот диоксид во главно во текот на анализираниот период ретко ги надминуваат граничните вредности и се очекува овој тренд да продолжи и во иднина и повисоки концентрации да се бележат на мерните места што се близу до високофреквентни сообраќајници во поголемите урбани средини посебно во Скопје, главно поради тоа што обновата на возниот парк во државата e незначителна.
- Зошто се случува?
2.1. Кои се изворите на емисија на загадувачките супстанци?
Идентификувани се многу извори и причини за проблемот со сериозното загадување на воздухот. Причините и главните процеси може да варираат во самите градови и може да се разликуваат помеѓу градовите, меѓутоа не постои едно единствено објаснување за моментално регистрираните нивоа на загадување. Имено главните извори на загадувањето на воздухот во нашата земја се употреба на фосилни горива во домаќинствата и административните капацитети, стариот возен парк, домашното производство на електрична енергија главно зависи од лигнит со слаб квалитет и старитермоелектрани, стари производни индустрии без соодветна контрола на загадувањето на воздухот, што предизвикува ризик од нивно штетно влијание врз квалитетот на воздухот. Воедно уделот на наведените извори во различните загадувачки супстанци е различен како што може да се забележи од следното поглавје. Помало влијание на вкупните емисии на загадувачките супстанци, но понекогаш значајно за локалното загадување односно измерените концентрации е отсуството на соодветно управување со отпадот и системите за рециклирање го кои зголемуваат количеството на неконтролирано согорување отпад, како што е горењето на отпад на дивите депонии.
2.2. Колку емитира секој антропоген извор од секоја загадувачка супстанца?
Категориите производство на енергија, согорување во домаќинства и административни капацитети, транспортот и индустријата имаат најголем удел во емисиите на загадувачките супстанци. Имено, производството на енергија учествува во вкупните национални емисии на сулфурни оксиди - SOx (со удел од 97%), азотни оксиди - NOx (со удел од 28%) како и во вкупните национални емисии на тешките метали олово - Pb (со удел од 21%), никел - Ni (со удел од 90%), кадмиум - Cd (со удел од 27%) и жива - Hg (со удел од 45%). Кај цврстите честички овој удел е различен и е во зависност од големината на честичките и тоа е најголем кај вкупните цврсти честички - TSP и изнесува 24%, потоа 22% кај цврстите честички со големина до 10 микрометри - PM10 и 14% кај цврстите честички со големина до 2.5 микрометри PM2.5.
Согорувањето во домаќинства и административни капацитети е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 35% кај TSP, 45% кај PM10 до 71% PM2.5 (што е во зависност од големината на честичките, односно најголем удел има кај најситните честички), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 76%. Овој сектор е доминантен кај полицикличните ароматични јаглеводороди - PAHs и изнесува 73%. Кај Cd изнесува 47%, кај Pb изнесува 27%, а кај NMVOC изнесува 21%.
Емисиите од сообраќајот (сметајќи ги патниот и непатниот сообраќај) имаат значителен удел во вкупните национални емисии на азотните оксиди (со удел од 42%) како и во емисиите на олово со 13%, јаглерод моноксид со 12%, а кај неметанските испарливи органски соединенија имаат удел од 5%, додека кај цврстите честички сочинуваат околу 4% од вкупните емисии.
Што се однесува до категоријата индустрија, земајќи ги предвид и согорувачките и производствените процеси, особено металуршката индустрија најмногу придонесува во емисиите полихлорирани бифенили – PCB (со удел 99.8%), олово – Pb (со удел од 18%), диоксини и фурани PCDD/PCDF (со удел од 9%), кадмиум - Cd (со удел од 14%) и жива – Hg (со удел од 19%).
Индустријата заради затварањето на голем број на инсталации и воведување на НДТ не е веќе доминантен извор на емисија кај голем број на загадувачки супстанци. Имено, кај цврстите честички во 2022 година е со удел oд 16% кај TSP, 8% кај PM10 и 2% кај PM2.5, додека во минатото некаде до пред десетина години учествува во просек со околу 48%.
Употребата на растворувачи има значителен удел во емисиите на NMVOC, односно учествува со 36%. Земјоделието, особено одгледувањето на добиток е клучен извор во емисиите на амонијак - NH3 (96%), додека во останатите сектори има многу понизок удел. Овој сектор учествува со 16%, односно 15% во вкупните емисии на PM10 односно TSP и со 17% кај NMVOC. Фугитивните емисии пак има најголем удел во NMVOC и учествува со 13%.
Уделите на емисиите на NOx, NMVOC, PM10 како и на тешките метали Pb и Hg од секторот индустрија кои ги опфаќа инсталациите за производство на електрична енергија, топлина, цемент, железо, челик, феролегури како и согорување на отпад во однос на вкупните емисии во воздухот од земјата се намалиле значително за периодот од 2010 – 2022 и тоа од 71,18 % на 43,78% за NOx, од 8,12% на 5,99% за NMVOC, од 61,71% на 26,4% за PM10, од 85,29% на 58,06% за Pb и од 89,9% на 85,38% за Hg.
Зголемување на уделот на емисиите за периодот од 2010 – 2022 се забележува за SOx и Cd од секторите кои се опфатени во овој индикатор и тоа од 97,42% до 99,61% за SOx и од 49,8% до 50% за Cd.
2.3. Кои се причините за трендот на емисиите на загадувачките супстанци во воздухот?
Причините кои влијаат на трендот на загадувачките супстанци се: намалена потрошувачка на фосилни горива (мазут и јаглен) за производство на електрична енергија и во индустријата (производство на топлина, цемент, железо, челик, феролегури), зголемување на производството на електрична енергија од хидроелектрични централи, имплементација на регулативи за чисти горива како намалување на содржината на сулфур во горивата и примена на безоловен бензин, инсталирање на горилници со ниски емисии на NOx, затварање на значајни индустриски капацитети од хемиската индустрија како Охис но и капацитети за производство на метали и феролегури (топилница Злетово и Југохром), како и намалување на употребата на растворувачи во металопреработувачката индустрија, воведување на најдобри достапни техники во индустрискиот сектор, инсталациите со А и Б ИСКЗ преземаат мерки за намалување на емисиите и се грижат за унапредување и модернизација на сопствените фирми, зголемена примена на гас и пелети во домовите а намалена примена на фосилните горива, обновата на возниот парк, намалениот број на одгледуван добиток и зголемените зголемите количини на медицински отпад кој се согорува. Колку од промените во трендот се должат на мерките за заштита на животната средина?
2.4. Колку од промените во трендот се должат на мерките за заштита на животната средина?
Дел од промените се должат на примена на мерки за заштита на животна средина. Така на пример, воведување на најдобрите достапни технологии за намалување на загадувањето на воздухот од индустрискиот сектор како металургијата, цементната индустрија и инсталациите за производство на електрична и топлинска енергија доведе до намалување на емисиите од секторот индустрија и производство на електрична и топлинска енергија.
Примената на безоловен бензин придонесе за значително намалување на емисиите на олово во последните 15 години. Во последните години се почесто се користат и почисти горива за затоплување на административните капацитети и домаќинствата и се зголемува енергетската ефикасност преку примена на субвенции на национално и локално ниво. Подобрувањето на квалитетот на горива доведе до опаѓачки тренд на концентрациите на сулфур диоксид и постигнување на стандардите за квалитет на оваа загадувачка супстанца.
2.5. Кои се влијанијата од соседните земји?
Во однос на ова прашање имаме ограничени сознанија од причина што процесот на утврдување на прекугранично загадување има високи фискални импликации. Заради ограниченоста на финансии за спроведување на индикативни мерења за утврдување на уделите на извори во фракција на цврсти честички досега направена е само една кампања односно анализа за определување на уделот на различните извори на загадување во концентрациите на суспендирани честички во Скопје (Карпош), каде се анализирани примероци на воздух во периодот од август 2015 до февруари 2016 година. Имплементиран е рецепторен модел со методот на позитивна матрица на факторизација (PMF- positive matrix factorization) и утврдено е дека уделот на прекугранично загадување изнесува 2% за PM10, односно 1% за PM2.5.
- Дали се забележуваат промени?
3.1. Кој е трендот на емисиите на загадувачки супстанци во воздухот?
Главно трендот на емисиите на загадувачки супстанци во воздухот е променлив со исклучок на амонијакот кај кој се забележува постојано опаѓање на емисиите во целиот извештаен период. Кај останатите супстанци се јавуваат одредени пикови и нагли падови кои се и јавуваат како резулат на променливиот тренд на индустриското производство во период од осамостојување на нашата земја. Воедно одредени падови се јавуваат како резулатат на имплементација на мерки како затварање на големи индустриски капацитети но и примена на чисти горива и воведување на НДТ особено по 2006 година.
3.2. Кој е трендот на емисија на сулфур диоксид (SO2), азотни оксиди (NOX), честички, јаглерод моноксид (CO), испарливи органски соединенија (VOC), амонијак (NH3), тешки метали (Pb-олово, Ni-никел, Cd-кадмиум, As-арсен, Hg-жива) и тешко разградливи соеднинеија – POPs (PAHs- Полициклични ароматични јаглеводороди, PCBs-Полихлорирани бифенили и PCDD/F-Диоксини и фурани?
Што се однесува до основните загадувачки супстанци трендот на SОx и NOx е променлив, но се забележува намалување на емисиите почнувајќи од 2011 година заради намалена потрошувачка на јаглен за производство на електрична енергија и тој најмногу зависи од термоелектраната РЕК Битола, но мало влијание има и намалениот работен режим на РЕК Осломеј.
Kaj SOx има зголемена емисија во последните години, но постои и поголема несигурност на мерењата заради флуктуации на протокот. Ова треба да се регулира со инсталација на автоматски мониторинг систем до крајот на 2025 година. Генерално трендот на NMVOC e променлив, а може да се каже дека е опаѓачки до 2005 година, а потоа стабилен заради намалените емисии на NMVOCs од NFR категориите Транспорт и други сектори. Во целиот период 1990-2022 година за амонијакот се забележува генерално континуиран благ опаѓачки тренд, со одредени помали флуктуации (зголемувања) во одредени години, на вкупните годишни емисии на NH3. Ова се должи на намалениот број на одгледуван добиток, намалени земјоделски површини и намалена примена на вештачки ѓубрива.
Меѓутоа количините на емисии на SOx од секторот индустрија кои ги опфаќа инсталациите за производство на електрична енергија, топлина, цемент, железо, челик, феролегури како и согорување на отпад во 2022 година бележат зголемување во однос на 2010 година.
Кога станува збор за количината на емисии на NOx од секторот индустрија се забележува константен релативно стабилен тренд на намалување во споредба со референтната година 2010 поради намалување на потрошувачката на јаглен и инсталирање на горилници со ниски емисии на NOx кај инсталациите за производство на електрична енергија како и гасификацијата на инсталациите за производство на топлина.
ај CO може да се забележи променлив тренд со опаѓачки карактер но со повеќе флуктуации започнувајќи од 2000 година до 2005 година и е последица од намалената потрошувачка на дрва кај домаќинствата и административните објекти, по 2005 година трендот е благо опаѓачки заради се поголемата замена на фосилни горива во домаќинствата. Кај сите видови на цврсти честички трендот е генерално опаѓачки со одредени флуктуации. Причината се нестабилните индустриски процеси како затворање на инсталации од металуршкиот сектор како Југохром) како и намалена потрошувачка на јаглен за производство на енергија и намалена емисија од РЕК Осломеј заради намалената работа на инсталацијата. Воедно во последните години се забележува и намалена потрошувачка на фосилни горива на сметка на чисти горива како резултат се зголемениот број на субвенции за замена на не-еколошките системи за греење и зголемување на енергетската ефикасност. Во иднина трендот би бил постојан во ранг на емисиите пресметани за 2022 година или многу слабо опаѓачки. Трендот на вкупните годишни емисии на PCBs во периодот 1990-2014 е променлив, а минимумот е достигнат во 2005 година, додека кај HCB во 2004 година по што следи постојан тренд и минимално зголемување во последните години, кај двете загадувачки супстанци. Кај PCDD/F, трендот во период 1990-2000 година е генерално постојан, секако со одредени мали флуктуации. Од 2000 година, се забележува зголемување на емисиите заради започнување на процесот на инценерација на медицински отпад во 2000 година се до 2018 година кога е поставен воден филтер, по што доаѓа до намалување на емисиите.
Кај PAHs може да се забележи променлив тренд се до 2005 година од кога трендот е постабилен и е зависен од потрошувачката на фосилни горива во домаќинствата. Кај тешките метали се забележува опаѓачки тренд кај Pb, започнувајќи од 2003 година што како последица од намалувањето на емисиите на олово заради престанок на работата на Топилницата за олово и цинк во Велес, а со тоа и намалување на емисиите на Hg и Cd и употребата на безоловен бензин во транспортот. Додека кај Cd и Hg силно опаѓачки карактер започнувајќи од 2005 година и исто така последица од намалувањето на емисиите на кадмиум заради престанок на работата на Топилницата за олово и цинк во Велес. Емисиите на Hg се во постојан пад поради затварање на индустрискиот гигант Охис.
3.3. Дали се постигнати целите на различните конвенции, протоколи и акциони програми?
Во однос Конвенцијата за прекуграничен пренос на аерозагадувањето и осумте проколи кон неа, исполнети се барањата на седум протоколи, додека не се исполнети барањата наведени во Протоколот за сулфурот од 1985 година имајќи ги предвид високите емисии на сулфурни оксиди кои произлегуваат од производството на електрична енергија. Соогласно овој Протокол потребно е најмалку за 30 проценти да се намалат националните емисии на сулфурни оксиди изразени како сулфур диоксид споредбено со вкупните национални емисии на оваа загадувачка супстанца од 1980 година. Постигнување на целта зададена во овој протокол може да се постигне само со воведување на десулфуризација во РЕК Битола или промена на доминатниот постоечки начин за производство на електрична енергија.
Во однос на директивата 2001/81/ЕC за националните граници плафони, не се надминати плафоните за SOx, NOx, NH3 и NMVOC,. Во однос на Националниот план за намалување на емисиите (NERP) за големи согорувачки постројки постигната е целта за вкупните емисии за NOx во 2020 година, но не и за SOx и TSP (вкупна прашина).
Во однос на дефинираните стандарди за квалитет на воздух до 2018 година надмината е годишната гранична вредност и дозволениот број на денови за надминување на средно-дневата концентрација за PM10 на сите мерни места поставени во урбани средини. Во период од 2004 до 2018 година просечните годишни концентрации на PM10 ја надминуваат годишната гранична вредност (40 µg/m3) во сите мониторинг станици поставени во урбани места. Во целиот анализиран период и покрај надминувањата на граничната вредност може да се забележи тренд на намалување на измерените концентрации на РМ10, а од 2019 година на одредени мерни места се измерени просечни годишни концентрации под дефинираната годишна гранична вредност, и број на мерни места со годишни концентрации под дефинираната годишна гранична вредност се зголемува. Во 2022 година на мерните места Битола, Гевгелија и Берово (30.07 µg/m3, 20.48 µg/m3 и 35.3 µg/m3 соодветно) измерени се просечни годишни концентрации под годишната гранична вредност, а во 2023 година бројот на мерните места каде што концентрациите на суспендирани честички биле под годишната гранична вредност е најголем – Битола, Гостивар, Берово, Прилеп и Охрид (32.85 µg/m3, 39.29 µg/m3, 30.27 µg/m3, 33.35 µg/m3 и 32.95 µg/m3 соодветно) . Граничните вредности за сулфур диоксид се надминати на почетокот на анализираниот период при што следи доста изразен тренд на намалување на концентрациите, истите се доста ниски и нема надминувања на граничните вредности. За азот диоксид се бележат поретки надминувања на граничните вредности главно на почетокот на анализираниот период. Целните вредности за озон се надминуваат особено на почетокот на анализираниот период меѓутоа не се бележат некои високи концентрации далеку над целните вредности.
3.4. Ако целите не се постигнати, кои се причините?
Во однос на неисполнетите цели наведени во најстариот протокол за сулфур и Националниот план за намалување на емисиите (NERP) за големи согорувачки постројки, целите не се исполнети заради фактот што сеуште не е инсталиран десулфуризатор и филтер за прашина во најголемата по капацитет постројка за производство на електрична енергија.
Во однос на PM10 и PM2.5 целите не се исполнети заради масовната употребата на дрва за затоплување во најголем дел во домаќинствата како и за затоплување на многу административните капацитети, стариот возен парк каде што доминираат возилата со стандард до ЕУРО 3 со околу 50% како и работата на индустриските производствени капацитети кои користат фосилни горива. Во земјата во најголем дел за производство на електрична енергија се користи домашен високо калоричен јаглен и не се имплементирани најдобри достапни техники. Големо влијание имаат и геоморфолошките карактеристики на нашата земја, во која повеќето урбани средни се сместени во котлини, што е причина за појава на температурна инверзија на воздухот и постојан раст на концентрациите загадувачките супстанци се до промена на метеоролошката состојба. Оваа појава е особено карактеристична за зимскиот период. Ретките надминувања на граничните вредности на NOx се јавуваат во урбаните средини заради високата фреквенција на сообраќајот додека надминувањата на озон се јавуваат особено во летниот период и во јужниот дел во земјата заради високата сончева радијација.
- Кој е очекуваниот тренд на емисии на загадувачки супстанци?
4.1. Кој е очекуваниот тренд на емисиите на SO2, NOX, цврсти честички, CO, VOC, NH3, тешки метали и тешко разградливи органски соедниненија?
За SОx e тешко да се процени каков ќе биде трендот, зависи од статусот на имплементација на најдобрите достапни техники во РЕК Битола. При инсталација на најдобра достапна техника во иднина се очекува остар пад на емисиите и постигнување на целите за оваа загадувачка супстанца во националните и меѓународните документи. Се дотогаш се очекуваат осцилации околу вредностите пресметани во последните години. Во однос на NOx се очекува трендот да биде постојан или многу слабо опаѓачки. Трендот на NH3 e контиунирано опаѓачки и зависи генерално дали бројот на животни и понатаму ќе опаѓа. Се очекува трендот на NMVOC да биде променлив бидејќи емисиите зависат од повеќе извори.
Во однос на емисиите на Pb, Cd и Hg како и на тешките разградливи суптсанци се очекува трендот да остане ист или да опаѓа. Кај PCB во иднина трендот ќе зависи од работата на фабриката за акумулатори, додека кај HCB ќе зависи од процесот за производство на акумулатори. Трендот на eмисиите на цврсти честички и PAHs се очекува да опаѓа со зголемувањето на примена на обновливи извори и проширувањето на гасификационата мрежа, но заради високите фискални импликации на имлментација на овие мерки се очекува благо опаѓачки тренд. Сепак, подетална анализа може да се направи за сите загадувачки супстанци по дефинирање на проекциите кои треба да се изработат во рамките на проектот “Поддршка во имлементација на директивите за воздух” од IPA 2 програмата, кој треба да започне на следната година.
- Колку се ефикасни одговорите?
5.1. Кои се одговорите за решавање на проблемите со квалитетот на воздухот?
Одговорите за решавање на проблемите со квалитетот на воздухот лежат во меѓународните договори и ЕУ директивите во кои се дефинираат цели за редукција на загадувачките супстанции. Целта на меѓународната и европската политика против загадување на воздухот е „да се достигне ниво на квалитет на воздухот кое не предизвикува неприфатливо влијание и ризик врз човековото здравје и животната средина“. За тaа цел на меѓународно ниво е донесена Конвенцијата за прекуграничен пренос на аерозагадувањето (CLRTAP-Convention of Long Range Transboundary Air Pollution) од 1979 година и осумте протоколи кон неа. Европската задница пак како членка на оваа конвенција и протоколите кон неа пристапи кон преносот на последните три протоколи во Европските директиви. Од европските директиви најважни се Директивата за чист воздух 2008/50/ЕC во која се дефинирани граничните и целните вредности за нивото на концентрација на загадувачки супстанци како SO2, NO2, PM10, PM2.5, Pb и О3, директивата 2004/107/EC, која дефинира гранични и целни вредности за тешките метали Cd, Hg, Ni, Аs и за бензо-а-пирен, Директивата за ограничување и редукција на емисии во воздухот, односно Директивата за национални граници –плафони 2010/81/EC заменета со 2016/2248/EC. За ограничување на емисиите од индустријата Директивата 2010/75/ЕC и најновата Директива за намалување на емисиите од средни согорувачки постројки - 2015/2193/EC. Потоа, Директиви за квалитетот на бензините и дизел горивата и содржината на сулфур на одредени течни горива (1998/70/EC, 1999/32/EC, 2009/30/EC). Во однос на редукција на емисиите на VOCs Директивите за ограничување на пареи при точење на бензин 2009/126/ЕC и 2014/69/ЕC и Директивите за растворувачи за намалување на емисиите од индустриска употреба на органски растворувачи 1994/63/EC, имаат за цел да ги ограничат емисиите на испарливи органски соединенија (VOCs). Со целосна имплементација на овие директиви, кои се транспонирани или ќе се транспонираат во националното законодавство во период 2025-2026 година, се очекува намалување на емисиите на загадувачките супстанци во воздухот, а со тоа и подобрување на квалитетот.
5.2. Што е направено за да се исполнат целите на CLRTAP, директивата за национални граници-плафони за емисии и националните стратегии?
Република Северна Македонија како членка на протоколите од почеток на 2011 година и кандидат земја за членка на Европската унија е должна во целост да ги исполнува барањата наведени во ратификуваните договори и националното законодавство во кои ги транспонира ЕУ директивите за воздух. Еден од начините на исполнување на целите за воздух од меѓународните договори и националното законодавство е имплементација на законот за квалитет на амбиентен воздух и подзаконските акти, како имлементација на мерките дефинирани во националните и локалните плански документи.
Во однос на индустрискиот сектор, преземените мерки се однесуваат на имлементација на најдобри достапни техники особено во металуршкиот сектор и секторот за производство на електрична енергија. Изминатите години се преземаа низа мерки при што зголемена е примената на чисти горива како природен гас во топланите, потоа зголемена е потрошувачката на гас и пелети на сметка на фосилните горива, интензивно се работи на подигнување на јавната свест кај граѓаните преку примена на напредната технологија за пристап на податоци, има подобрување на јавниот превоз како и се поголема примена на кодот за добра земјоделска пракса.
5.3. Дали националните стратегии ги покриваат сите загадувачки супстанци подеднакво?
Во 2012 година Владата ги усвои првите два национални стратешки документи за заштита на квалитетот на воздухот Национален план за заштита на амбиентниот воздух за период 2013-2018 година и Национална програма за постепено намалување на емисиите на одредени загадувачки супстанци за периодот 2012-2020 година.
Националниот план за заштита на амбиентниот воздух ја прикажува ситуацијата со квалитетот на воздухот, ги дефинира мерките за заштита и подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух на национално ниво по сектори (енергетика, индустрија, сообраќај, земјоделство и отпад) и ги дефинира сите соодветни институции одговорни за спроведување на мерките за периодот 2013-2018 година.
Овие стратегии се однесуваат на загадувачките супстанци сулфур диоксид, азотни оксиди, амонијак, испарливи органски соединенија (VOCs), TSP и јаглерод моноксид. Во рамките на проектот „Поддршка за имплементација на директивите за квалитет на воздух “ од програмата ИПА 2 на Европската Унија, кој се очекува да започне на крајот од оваа година планирана е подготовка на Национален план за заштита на амбиентниот воздух за период 2025-2029 година и Националната Програма за контрола на загадувањето на воздухот за период 2025 до 2035 година.
Во април 2017 година Владата на Република Македонија го донесе Националниот план за редукција на емисиите од големите согорувачки постројки од енергетскиот сектор ревидиран согласно забелешките на Енергетската заедница. МЖСПП активно го следи спроведувањето на Националниот план и ја известува Енергетската заедница за пресметаните годишни на вкупна прашина, азотни оксиди и сулфурни оксиди.
Во 2019 година беше донесен План за чист воздух и програми за 2019-2021 година, кои најмногу се однесуваа на мерки за намалување на концентрациите на цврсти честички преку замена на начинот на затоплување односно употребата на фосилни горива со чисти горива во административните капацитети. Донесени се и Планови за квалитет на амбиетен воздух за дел од поголемите градови, а за дел се подготвени и се очекува да се донесат во текот на следната година. Во однос на тешките метали-HM и тешко разградливите соединенија-POPs, со исклучок на Законите за ратификуваните протоколи кои се однесуваат на нив, дел од дефинираните мерки имаат влијание на нивната редукција.
- Клучни пораки за темата
Во 1990 година вкупните национални емисии на загадувачките супстанци меѓу кои и оние кои предизвикуваат ацидификација, еутрофикација или претставуваат прекурсори на цврсти честички се генерално намалени во испитуваниот период. Трендот е кај повеќето променлив и во последните десет години и опаѓачки, а причините за ова намалување се должат на пониските емисии од намалената потрошувачка на јаглен во производство на енергија, како и кај инсталациите за производство на топлина, цемент, железо, челик, феролегури како и согорување на отпад, запрено индустриско производство или воведување на НДТ, како и намалена потрошувачка на цврсти горива во домаќинствата на сметка на примена на гас и пелети.
Сепак, и покрај намалените емисии не се постигнати целите за емисии на SOx и прашина од националните и меѓународните договори, а нивно постигнување се очекува со имплементацијата на активностите во РЕК Битола од Фаза I – кои се однесуваат на Редукција на прашина, преку реконструкција на електростатски преципитатор и замена на ID-вентилатори и канали за издувни гасови и Фаза II инсталација на десулфуризатор до крајот на 2026 година. Измерените концентрации на SOx и покрај високите емисии од РЕК Битола не ги надминуваат стандардите за оваа загадувачка супстанца Количината на емисиите на NOx, NMVOC, PM10 како и на тешките метали Pb и Hg од секторот индустрија се опаѓачки во во периодот од 2010 – 2022 со исклучок на SOx каде е забележано зголемување на количините на емисии.
Намалувањето се должи на:
- намалување на работата на електраната РЕК Осломеј од 12 на 5 месеци годишно и со тоа намалување на потрошувачката на јаглен до 60%.
- зголемување на производство на електрична енергија од хидроелектрични централи.
- модернизирање на постројките како за производство на електрична енергија и топлина
- гасификацијата на постројките за производство на топлина.
- значително намалување на користење на јаглен и мазут, за сметка на природен гас.
- намалената употреба на растворувачи во металната индустрија .
- намаленото производство во металната индустрија како и намалено согорување во преработувачките индустрии.
- затворањето на топилницата за цинк и олово Злетово.
- затворање на фабриката за феролегури Југохром.
Во 2023 година состојбата со цврстите честички се подобрува. Имено поголем е бројот на мерните места каде што концентрациите на суспендирани честички биле под годишната гранична вредност – Битола, Гостивар, Берово, Прилеп и Охрид. Што се однесува до концентрациите на азот диоксид во амбиентниот воздух во последните години не ги надминуваат пропишаните гранични вредности, сепак интензивно се спроведуваат мерки за намалување на емисиите од сообраќајот, како еден од значајните локални извори на емисија на оваа загадувачка супстанца како и на цврстите честички во поголемите урбани средини.
Имајќи предвид дека најголем извор на емисии на цврсти честички е примената на фосилни горива, постигнување на стандардите на цврсти честички се очекува со примена на долгорочни мерки како проширување на гасификационата мрежа и зголемена употреба на обновливи извори на енергија, како и донесување на легислативата од областа на енергетиката, која го транспонира пакетот ЕУ регулатива за чиста енергија.
Со исклучок на амонијакот, кај кој клучен извор е земјоделието и неметанските испарливи соединенија кај кои клучен извор е употребата на растворувачи, најчести извор на емисии на загадувачки супстанци се употребата на јаглен и мазут за производство на електрична енергија и примената на фосилни горива во домаќинствата и административните капацитети, по што следат индустриските процеси и сообраќајот.
Загадениот воздух претставува сериозен ризик по здравјето на населението. Поради тоа, потребно е обезбедување на повеќе финансиски средства со цел имплементација на подолгорочни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, кои ќе придонесат за намалување на емисиите од клучните извори и постигнување на националните цели и стандарди.
- Кои активности се/треба да се превземат?
За постигнување на сите национални цели и подобрување на квалитетот на воздухот потребно е целосна имплементација на мерките дефинирани во Националниот план за квалитет на воздух, Националниот план за редукција на емисии од големи согорувачки постројки, како и локалните планови со особен акцент на примена на мерките со кои би се редуцирале емисиите и концентрациите на цврстите честички во воздухот. Во 2023 година подготвени се Планови за квалитет на воздух за градовите Битола, Гостивар, Кавадарци, Кичево и Кочани, и истите се доставени до ЕЛС за понатамошно постапување, а досега усвоени се за Битола, Гостивар и Кавадарци. Во 2024 година во рамки на Програмата за инвестиции во животна средина подготвени се шест Планови за квалитет на воздух за Велес, Охрид, Прилеп, Струга. Штип и Гевгелија. Досега се усвоени Планот за Прилеп, Велес и Охрид.
Воедно потребно е и останатите општини кои се соочуваат со овој проблем да изготват првични планови (Берово) или да подготват нови планови како резултат на истекувањето на претходните (Тетово и Скопски регион) и да отпочнат со имлементација на мерки на локално ниво. Досега преземени се голем број на мерки, но сеуште треба уште многу да се вложува и да се работи со цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот. Имено, потребно е:
- Да се подготват/усвојат локални планови за подобрување на квалитет на воздухот со цел да се утврдат клучните сектори на емисија на загадувачки супстанци со цел преземање на соодветни мерки за нивна редукција согласно барањата од член 4 став 5 и 6 од Закон за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух за градовите со надминување на стандарите за квалитет на воздух во кои бројот на жители е над 35000.
- Да се продолжи со зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и да се спроведат мерките од Националниот план за редукција на емисии од големи согорувачки постројки особено воспоставување на десулфуризатор и филтер во РЕК Битола, со што би се намалиле емисиите на прашина и сулфур диоксид од оваа инсталација.
- Да се продолжи трендот на намалување на емисиите од индустријата со воведување на НДТ на инсталациите кои поседуваат А и Б ИСКЗ дозволи но и да се врши редовен мониторинг на нивните емисии преку акредитирани лаборатории кои обезбедуваат квалитетни податоци.
- Да се земат предвид трендовите на емисиите на загадувачки супстанци во воздухот од сектор индустрија, за што е потребно надлежните органи да преземат мерки за подобрување на состојбата, заедно со операторите на инсталациите, со крајна цел да се обезбеди подобар квалитет на воздухот.
- Да се продолжи со трендот на замена на дрвото за огрев со почисти горива преку продолжување на примената на започнатите национални и локални програми за субвенции за набавка на клима уреди и печки на пелети. Дополнително, проширувањето на мрежата на централното парно греење може ефективно да ја намали употребата на дрва за греење во домаќинствата, а со тоа да е влијае на подобрување на квалитетот на воздухот во урбаните средини.
- Да се прошири примарната гасификациона мрежа и да се воспостави дистрибуциона мрежа на гас со цел приклучување на сѐ поголем број објекти во особено во поголемите градови.
- Да се намалат емисиите од сообраќај преку зајакнување на градскиот превоз (обновување на возниот парк и зголемување на фреквенцијата на автобуси), обновување на возниот парк и доделување на субвенции за користење на почисти горива и целосна имплементација на измените на Законот за возила кои се однесуваат на воведување еколошки налепници.
- И покрај што веќе се спроведени најдобрите достапни техники во голем број на инсталации, потребно да се спроведат и во сите оние инсталации во кои досега не се спроведени со цел намалување на емисиите од индустријата, особено овој тренд треба да продолжи кај големите индустриски капацитети во секторот производство на електрична енергија и металуршкиот сектор.
- Другите сектори на емисии имаат помало влијание врз квалитетот на воздухот, но сепак, мерките за подобрување на управувањето со отпад, вклучително и спроведување на забраната за нелегално палење отпад и подобрување на земјоделските практики може да придонесе кон подобрување на квалитетот на воздухот на локално ниво.
- Да се донесе законската регулатива од областа на енергетиката со која се транспонира ЕУ регулативите од Пакетот за чиста енергија, со кои ќе се зголеми енергетската ефикасност, осебено на уредите за затоплување на домаќинствата и ќе се зголеми производството од обновливи извори на енергија.
- РЕФЕРЕНЦИ
[1] МЖСПП, Информативен извештај за инвентарот за период 1990-2022 година, Скопје, Април, 2022 https://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/clrtap/iir/envzhlbjq
[2] МЖСПП, Национален план за редукција на емисии од големи согорувачки постројки за период 2018-2027 година, Скопје, април, 2017.
[3] План за чист воздух https://vlada.mk/PlanZaChistVozduh
[4] Програма за намалување на аерозагадување за 2019 година, Службен весник на РСМ бр. 18/19, 181/19 и 236/19.
[5] Програма за намалување на аерозагадување за 2020 година, Службен весник на РСМ бр. 277 од 28.12.2019.
[6] Програма за намалување на аерозагадување за 2021 година, Службен весник на РСМ бр. 36 од 12.02.2021
[7] Закон за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух Службен весник на РСМ бр. 151 од 06.07.2021
- 5 МК НИ 001 Емисии на супстанци што предизвикуваат киселост
- 6 МК НИ 002 Емисии на озонски прекурсори
- 7 МК НИ 004-1 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – SO2
- 8 МК НИ 004-2 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – PM10
- 9 МК НИ 004-3 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – NO2
- 10 МК НИ 004-4 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – O3
- 11 МК НИ 004-5 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – По мониторинг станица
- 12 МК НИ 050-1 Емисија на основни загадувачки супстанци- SОx – сулфурни оксиди
- 13 МК НИ 050-2 Емисија на основни загадувачки супстанци – NОx – азотни оксиди
- 14 МК НИ 050-3 Емисија на основни загадувачки супстанци – NMVOC – неметански испарливи органски соединенија
- 15 МК НИ 050-4 Емисија на основни загадувачки супстанци – NH3 – Емисија на амонијак
- 16 МК НИ 050-5 Емисија на основни загадувачки супстанци – CO – јаглерод моноксид
- 17 МК НИ 061 Емисија на цврсти честички – TSP, PM10, PM2,5
- 18 МК НИ 062-1 Емисија на POPs – PAHs Полициклични ароматични јаглеводороди
- 19 МК НИ 062-2 Емисија на POPs – PCBs Полихлорирани бифенили
- 20 МК НИ 062-3 Емисија на POPs – PCDD/F Диоксини и фурани
- 21 МК НИ 062-4 Емисии на тешко разградливи органски загадувачки супстанци – Хексахлоробензен (HCB)
- 22 МК НИ 063-1 Емисија на тешки метали – Pb олово
- 23 МК НИ 063-2 Емисија на тешки метали – Cd кадмиум
- 24 МК НИ 063-3 Емисија на тешки метали – Hg жива
- 25 МК НИ 063-4 Емисија на тешки метали – As арсен
- 26 МК НИ 063-5 Емисија на тешки метали – Ni никел
- 27 МК НИ 106 Емисија на загадувачки супстанци од големи согорувачки постројки