Скопје, 16.10.2024 г. Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска со директорот на канцеларијата на Европската инвестициска банка (ИЕБ) во Скопје, Бјорн Габриел, разговараа за тековната соработка и за унапредување на координацијата, со посебен фокус на инфраструктурата и проектите од сферата на транспортот, енергетиката и животната средина, области значајни за одржливиот развој на Северна Македонија и за постигнување на европските стандарди и напредок во реформите.
Меџити и Габриел разговараа за важноста на тековните проекти финансирани од ЕИБ, како што се Пречистителната станица во Скопје, како и за степенот на реализација на Проектот за подобрување на водената инфраструктура на општините во Северна Македонија.
Меџити и Габриел потенцираа дека соработката меѓу ЕИБ и Министерството за животна средина и просторно планирање во иднина ќе биде уште подобро координирана и ќе биде од конкретна корист за развојот на Северна Македонија.
Меџити потврди дека ЕИБ е наш традиционален партнер и поддржувач на проектите кои се од конкретна важност за развојот на државата и кои придонесуваат во напредокот на евроинтеграцискиот процес.