МК НИ 098 Рециклирање на комунален отпад

64
МК НИ 098
Рециклирање на комунален отпад
Дефиниција

Рециклирање на отпадот е добивање супстанци од отпадот (секундарни суровини) и нивно користење како замена за примарните суровини или користење на својствата на супстанците содржани во отпадот за нивната првична намена или за други намени, исклучувајќи го директното користење на енергијата на отпадот. Клучниот принцип при управување со отпадот е следење на хиерархијата со управување со отпадот (според која превенцијата на создавање на отпадот е најпосакувана опција, понатаму следи повторната употреба, па рециклирањето и другите методи на обнова и на крај како најмалку посакувана опција е депонирањето, односно отстранувањето на отпадот), како и следење на принципот на кружната економија. 
Индикаторот ја следи состојбата со рециклирање на комуналниот отпад, во целина, не земајќи ги во предвид отпадот од пакување, батерии и акумулатори и електронската и електрична опрема.

Единици

Илјади тони (t), процент (%)

Клучно прашање за политиката

Дали се зголемува рециклирањето на комуналниот отпад?

Клучна порака

Рециклирањето на комуналниот отпад кој би требало да биде извор на секундарни суровини е незначително застапено во нашата земја, што покажува дека сеуште комуналниот отпад не е препознаен како ресурс, ниту пак е застапена кружната економија. Процентот на рециклирање на комуналниот отпад во 2013 год изнесувал 0,18%, а од 2014 год се искачил на 0,48%, каде и речиси се задржал неколку години. Во 2017 год. се зголемил на 0,59% за да последователните две години се намали и изнесува 0,2% во 2019 год. Во 2020 год. Процентот на рециклирање на комуналниот отпад е зголемен и изнесува 1,97%.  Во 2021 година рециклирањето на комуналниот отпад изнесува 0,7%. Во периодот 2022-2023 година рециклирањето се намалува и изнесува само 0,3% од комуналниот отпад. Ова е показател дека отпадот не е препознаен како суровина и истиот завршува во депонија, односно се отстранува. Стапката на рециклирање на комуналниот отпад сеуште е мала и ова укажува на зголемена употреба на примарните суровини и отсуство на кружната економија.

 

График 1: Рециклиран комунален отпад во тони

Рециклиран комунален отпад во тони

 

 

График 2. Рециклиран комунален отпад во проценти (%)

Рециклиран комунален отпад во проценти (%)

 

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Министерство за животна средина и просторно планирање.

Оценка

Основниот принцип на кружната економија е да се задржат вредностите на суровините во економскиот циклус колку што е можно подолго и да се превенираат и редуцираат негативните ефекти од добивањето на примарните суровини врз животната средина и општеството. Зголемената побарувачка на примарни суровини ја намалува самоодржливоста од суровини на нашата земја и го зголемува притисокот врз животната средина.

Поради тоа рециклирањето заедно со други мерки е еден од начините за намалување на примарните суровини, заменувајќи ги при тоа побарувањата со секундарни суровини направени од рециклиран отпад. Ова е најпосакуван пристап за да се постигне самоодржливост, достапност на суровините и други бенефиции на кружната економија. 

Комунален отпад е отпад што се создава од физички лица од домаќинствата (отпад од домаќинства) и комерцијалниот отпад (отпад создаден од правни и физички лица при вршење на комерцијални, индустриски, занаетчиски, услужни, административни и слични дејности, кој според својата природа или според својот состав е сличен на отпадот од домаќинствата). Отпадот од домаќинствата е отпадот кој секојдневно се собира од домаќинствата, како и посебно собраниот опасен отпад од домаќинствата, кабаст отпад, градинарски отпад и слично.

Комуналниот отпад во нашата земја претставува околу 3% од вкупната количина на создаден отпад (вклучувајќи го отпадот од преработка на руда и ископување на минерали) и е многу хетероген во композицијата (органски материи, пластика, хартија, метали, текстил, стакло, дрво и др.) што носи одреден предизвик при неговото управување.

Процентот на рециклирање на комуналниот отпад во 2013 год изнесувал 0,18%, а од 2014 год се искачил на 0,48%, каде и речиси се задржал неколку години. Во 2017 год. се зголемил на 0,59% за да последните две години последователно се намали и изнесува 0,2% во 2019 год,, слично со процентот во соседна Србија кој е 0,3% за 2017год., но е далеку од европскиот просек кој изнесува околу 46% за 2017 год. Мора да се напомене дека во 2019 год. има многу мал број на податоци, односно многу мал број на општини (само 10), доставиле податоци до Министерството за животна средина и просторно планирање поради состојбата со Корона во земјата. Поради тоа можеби има благ пад во количините и стапката на рециклирање на комуналниот отпад. Во 2020 година има пораст, додека во период 2021-2023 година забележителен е пад на рециклирање на комуналниот отпад и сеуште е далеку од европскиот просек на рециклирање. Укажуваме и на малиот број на општини кои доставиле податоци за управување со комуналниот отпад. 

Количината на рециклиран комунален отпад како индикатор може да ни покаже во која насока се движи употребата на примарните суровини, а посредно укажува и на потенцијалното оптеретување на животната средина, во колку не го препознаваме комуналниот отпад како можен ресурс. Малата стапка на рециклирање на комунален отпад укажува на зголемена употреба на примарните суровини и отсуство на кружната економија.

Имајќи во предвид дека скоро 100% од собраниот комунален отпад се отстранува на депонија со зголемено создавање на комуналниот отпад, кој генерално го прати економскиот раст потенцијално се зголемува негативното влијание врз животната средина.
 

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Видовите на отпад се одредуваат според Листата на видови на отпад 2005. Процентот на рециклиран комунален отпад е добиен со делење на количината на рециклиран комунален отпад со количината на создаден комунален отпад помножено со 100. Процентот на рециклирање ги вклучува рециклираните материјали на комуналниот отпад. Собирањето на податоци е преку Годишните извештаи од градоначалниците за управување со неопасен отпад. Податоците за рециклирање на комунален отпад ги користиме од Министерството за животна средина затоа што имаме детален увид за општините во однос на количината на отстранет, рециклиран и компостиран комунален отпад. 

Цели

Следење на хиерархијата со управување со отпадот (според која превенцијата на создавање на отпадот е најпосакувана опција, понатаму следи повторната употреба, па рециклирањето и другите методи на обнова и на крај како најмалку посакувана опција е депонирањето, односно отстранувањето на отпадот), како и следење на принципот на кружната економија.

Обврска за известување
  • EUROSTAT
  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Отпад Поврзаност со други теми/сектори Климатски промени, Економија на животната средина, Кружна економија, Природни ресурси
Код на индикаторот MK НИ 098 Временска покриеност 2013-2023
Име на индикаторот Рециклирање на комунален отпад Извор на податоци Државен завод за статистика, Светска Банка
Класификација по ДПСИР Р Датум на последна верзија 30.08.2024
Тип А Подготвено/ ажурирано од: Маргарета Цветковска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: m.cvetkovska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 098 Рециклирање на комунален отпад EEA – Европска агенција за животна средина IND-378, CSI 052/WST 005 Waste recycling
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа I3, 117 Waste reuse and recycling
Каталог на индикатори за животна средина 165 Recycling rate of municipal waste
SDG – Цели за одржлив развој 11. Sustainablie cyties and communities,
12. Responsivle construction and production
13. Climate action
17. Partnership for the goals
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија да