МК НИ 004-2 Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – PM10

8
МК НИ 004-2
Надминување на граничните вредности за квалитет на воздух во урбани подрачја – PM10
Дефиниција

Овој индикатор го прикажува делот од урбаната популација која што е потенцијално изложена на концентрации на загадувачки супстанциво амбиентиот воздух над граничните вредности дефинирани за заштита на човеково здравје.

Урбаната популација која што е земена во предвид е всушност вкупниот број на жители кои што живеат во градовите каде што има најмалку една мониторинг станица. Во овие градови влегува главниот град на Република Северна Македонија и останатитепоголеми градови. Бројот на жители е во согласност со пописите спроведени од страна на Државниот завод за статистика од 2002 и 2021 година со тоа што податоците од 2004 до 2020 година се обработувани со бројот на жители од пописот од 2002 година, додека податоците од 2021 година се обработувани со бројот на жители од пописот од 2021 година.

Надминувањето на граничните вредности за квалитет на воздухот се појавува кога концентрацијата на загадувачките супстанци ги надминува граничните вредности за PM10утврдени со Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Сл. весник на РМ“ бр.50/2005, 4/2013, 183/17), во која е транспонирана директивата за квалитет на амбиентен воздух и почист воздух во Европа 2008/50/ЕC и директивата за тешки метали 2004/107/ЕC.Онаму каде што постојат повеќе гранични вредности (види дел за Цели на политиката), индикаторот го користи најстрогиот случај:

  • Суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10): среднодневна гранична вредност
Единици

Процент на урбаната популација потенцијално изложена на надминувања на концентрациите на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10). Koнцентрациите во амбиентниот воздух на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10) се изразуваат во микрограм/m(µg/m3).

Клучно прашање за политиката

Каков прогрес е направен за намалување на концентрациите на загадувачките супстанции во урбаните средини за достигнување на граничните вредности за PM10 дефинирани во Уредбата?

Клучна порака

Во периодот од 2004 до 2018 година 100 % од населението било изложено на концентрации на суспендирани честички кои ја надминуваат годишната гранична вредност. Во 2019 година, започнува тренд на намалување на изложеноста на населението, односно во 2019 година 94% од населението било изложено на концентрации на суспендирани честички кои ја надминуваат годишната гранична вредност, односно само на мерното место во Кочани била измерена просечна годишна концентрација која е под граничната вредност. Во 2020 година 87% од населението било изложено на концентрации на суспендирани честички кои ги надминуваат граничните вредности, односно на мерните места во Кочани и Битола измерени се концентрации на суспендирани честички по ниски од годишната гранична вредност, а на сите останати мерни места измерени се концентрации на суспендирани честички над годишната гранична вредност. Во 2021 година исто како во 2020 година 87% од населението било изложено на концентрации на суспендирани честички кои ги надминуваат граничните вредности, односно на мерните места Кочани, Битола и Гевгелија измерени се концентрации на суспендирани честички пониски од годишната гранична вредност. Во 2022 година 89% од населението било изложено на концентрации на суспендирани честички над годишната гранична вредност односно во градовите Битола, Гевгелија и Берово се измерени концентрации на суспендирани честички пониски од годишната гранична вредност, додека во 2023 година процентот се намалува на 73% кога поголем дел од градовите како Битола, Гостивар, Берово, Прилеп и Охрид имаат концентрации на суспендирани честички пониски од годишната гранична вредност.

Значително повисоки концентрации на PM10 се измерени во текот на зимскиот период .
Суспендираните честички се најкритична загадувачка супстанца во нашата земја која влијае врз човеково здравје. Концентрациите на суспендирани честички во земјата се високи, особено во текот на зимските месеци, кога значително ги надминуваат граничните вредности дефинирани во законодавството. Главниот извор на суспендирани честички е употребата на фосилни горива за затоплување на домаќинствата и административните капацитети, но секако индустријата и сообраќајот преставуваат исто така важни извори на оваа загадувачка супстанца. 

За да се надмине оваа состојба, Владата, Општините и Градот Скопје преземаат мерки и активности за намалување на концентрациите преку донесување на законски измени во законот за возила, преку субвенционирање при купување на еколошки системи за греење на домаќинствата, субвенционирање за обнова на возниот парк на граѓаните, субвенции за велосипеди и обнова на возниот парк на јавниот градски превоз. Доста се работи и на подигнување на јавната свест кај населението за употреба на еколошки методи за затоплување на домаќинствата преку изработка на брошури, телевизиски спотови итн. како и стимулирање на употреба на централно греење преку проширување на топловодната мрежа на БЕГ и намалување на цената на централното греење. Интензивно се работи и на проширување и на гасоводната мрежа. Продолжуваат и инспекциските контроли на големите индустриски капацитети со А и Б интегрирани дозволи

Специфично прашање за политиката

Каков прогрес е направен за намалување на концентрациите на загадувачките супстанции во урбаните средини за достигнување на граничните вредности за PM10 дефинирани во Уредбата?

Оценка

Суспендирани честички со големина до десет микрометри се честички кои поминуваат низ отвор кој се селектира по големина со 50% губење на ефикасноста при аеродинамичен дијаметар со големина до десет микрометри (10 μm). Овие честички со димензии до 10 микрометри се таканаречени фини честички или аеросоли. Тие долго се задржуваат во воздухот и настануваат како резултат на природни и антропогени извори. Од природните извори значајни се жолтите дождови кои се јавуваат и кај нас, шумските пожари и хемиските реакции кои што се случуваат во природата. Од антропогените извори најзначајни се согорувањето на јагленот, дрвото и нафтата, индустриските процеси, транспортот и согорувањето на отпадот. На следните два графикони прикажана е изложеноста на популацијата на оваа загадувачка супстанца.

 

Графикон 1: Процент на урбаната популација изложена на загадување на воздухот во области каде концентрациите на загадувачките супстанци се повисоки од граничните/целните вредности

 

 

Графикон 2: Процент од урбаната популација изложена на концентрации на РМ10 над среднодневната гранична вредност, изразена како број на денови во текот на една календарска година

 

Загадувањето кое го предизвикуваат суспендираните честички е на високо ниво и е распространето насекаде во урбаните области во земјата. Просечните годишни концентрации на PM10 ја надминуваат годишната гранична вредност (40 µg/m3) во сите мониторинг станици поставени во урбани места во сите години од 2004 година наваму, со исклучок на мерното место Кочани каде што во 2019 година била измерена просечна годишна концентрација 37.89 mg/m3 која е под граничната вредност, мерните места Кочани и Битола каде што во 2020 година биле измерени просечни годишни концентрации кои се под граничната вредност (35.16 mg/m3 и 38 mg/m3 соодветно), како и на мерните места Кочани, Битола и Гевгелија во 2021 година (29.37 mg/m3, 32.24 mg/m3, и 30.59 mg/m3 соодветно). Во целиот анализиран период и покрај надминувањата на граничната вредност може да се забележи тренд на намалување на измерените концентрации на РМ10. Меѓутоа мора да се напомене дека во 2019 година покриеноста со податоци е многу ниска, односно во предвид се земени само податоци од мерните места во Скопје – Центар, Карпош и Ректорат, Кочани и Струмица кои што имаат покриеност со податоци во текот на 2019 година од над 75%. Во 2020 година односно ниска покриеност со податоци има само на мерните места Струмица, Битола – Битола 2 и Скопје – Ректорат. Во 2021 година ниска покриеност со податоци има само на мерното место Ректорат во Скопје.

Од обработените податоци за периодот 2004-2021 година може да се забележи дека целиот период 100 % од населението е изложено на концентрации на суспендирани честички кои ja надминуваат среднодневна гранична вредност од 50 mg/m3 која што не треба да биде надмината повеќе од 35 дена во една календарска година.

На следниот графикон е прикажана 36та највисока просечна среднодневна концентрација на РМ10.

 

Графикон 3: 36та највисока просечна среднодневна концентрација на PM10

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Македонски информативен центар за животна средина

Концентрациите на PM10 во урбаните средини имаат нагласени и еднакви сезонски варијации; концентрациите се високи во периодот декември – јануари. Високите концентрации на PM10 во текот на зимата се поврзани со повисоките директни емисии (греење во домаќинствата и административните установи, особено употреба на дрва) но и поради метеоролошките услови кои ја ограничуваат дисперзијата на емисиите и ги олеснуваат хемиските реакции со кои се создаваат секундарни честички, како на пр. од издувните гасови на возилата. Во текот на зимските месеци типична е појавата на смог во градовите кои се наоѓаат во котлините.
За таа цел, изминатите години доста се работеше на подигнување на јавната свест кај населението за употреба на еколошки методи за затоплување на домаќинствата преку изработка на брошури, телевизиски спотови итн. Исто така Владата, Општините и Градот Скопје издвојуваат доста средства за субвенционирање на замената на нееколошки со еколошки начини на затоплување  преку субвенционирање на купување на инвертер системи и печки на пелети за замена на старите печки на дрва како и за подобрување на енергетската ефикасност на домовите. Интензивно се размислува за проширување на топловодната мрежа на БЕГ, а ДДВ на испорачана топлинска енергија од топлински оператор е намалена на 5%, со што се очекува да се зголеми потрошувачката и да се зголеми бројот на корисници. Се работи на проширување на гасоводната мрежа како и се размислува за целосна забрана на продажбата на јаглен за греење. 
Во однос на транспортот преку измени на законот за возила се даваат субвенции за купување на нови возила вклучувајќи ги и електричните и хибридните возила, субвенции за вградување на уреди кои користат нафтен или земен гас, воведување на еколошки налепници и зонирање на Општините со кои во услови на високи епизоди на РМ10 ќе им биде забрането на постарите и возилата кои што загадуваат повеќе да влезат во одредени зони или пак нивно целосно исклучување од сообраќај. Од 2011 год наваму на 2 пати се прошири и обнови возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП од Скопје при што со набавката последнава година се купија еколошки автобуси кои што значително ќе придонесат за намалувањето на емисиите на РМ10. Исто така Општините и Градот Скопје доста работеа и сеуште работат на подобрување на инфраструктурата на велосипедските патеки, а издвоија и сеуште издвојуваат доста средства за субвенционирање при купување на нов велосипед.
Големите индустриски капацитети со А и Б интегрирани дозволи, релативно малку на број, воглавно ги исполнуваат законските прописи за поставување филтри и известување за квалитетот на воздухот. Сепак, ќе се продолжи со редовни инспекциски контроли и ќе се осигура дека сите тие ги исполнуваат строгите прописи.

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

За секоја урбана станица, бројот на денови со среднодневна просечна концентрација поголема од граничната вредност (среднодневна гранична вредност 50 mg/m3) се пресметува од достапните часoвни податоци. Селектираните урбани станици вклучуваат станици од типот: станици кои го покажуваат загадувањето од сообраќајот, станици кои го покажуваат загадувањето од индустријата и урбани позадински станици. Бројот на денови кога има надминување во еден град се добиваат со земање на средна вредност на резултатите од сите станици поставени во тој град.

    • Методолошка несигурност и несигурност на податоците

Податоците, генерално, не се репрезентативни за целата урбана средина во Република Македонија. За разлика од дефинираната методологија на Европската агенција за животна средина, каде за пресметување на индикаторот се користат само податоци од урбани позадински станици, ние за пресметка ги искористивме податоците од сите станици поставени во урбани средини. Исто така, поради минималниот број на мониторинг станици, во пресметките на индикаторот се земени оние станици каде што покриеноста со податоци е поголема од 75% по календарска година. Како несигурност може да се смета и тоа што во пресметката на индикаторот до 2020 година, земен е бројот на жители по градовите согласно пописот на население спроведен од Државниот завод за статистика во 2002 година, наместо проценет број на население за секоја година поединечно.

Цели

Во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните ведности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, се дефинирани граничните вредности за PM10.

Гранични вредности за концентрации на суспендирани честички со големина до 10 микрометри во амбиентниот воздух

Во согласност со горенаведената Уредба за суспендирани честички со големина до 10 микрометри, дефинирани се две гранични вредности за заштита на човековото здравје.

  • 24-часовната гранична вредност изнесува 50 μg/m3, и истата не смее да биде надмината повеќе од 35 пати во текот на една календарска година
  • Просечната годишна концентрација не смее да надмине 40 μg/m3.
Обврска за известување
  • Европска агенција за животна средина

–   Размена на податоците за квалитет на воздухот, во согласност со имплементационата одлука во која се дадени правилата на директивите 2004/107/EC и 2008/50/EC на Европскиот парламент и на Советот во однос на реципрочна размена на информации и известување за квалитет на амбиентен воздух (Одлука 2011/850/EC).

  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Воздух Поврзаност со други теми/сектори Климатски промениДомаќинства, Енергија, Транспорт, Здравство,Индустрија
Код на индикаторот MK НИ 004 – 2 Временска покриеност 2004-2023
Име на индикаторот Надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот во урбани подрачја – PM10 Извор на податоци Министерство за животна средина и просторно планирање – Македонски информативен центар за животна средина
Класификација по ДПСИР С Датум на последна верзија 13.08.2024
Тип А Подготвено/ажурирано од: Никола Голубов
Анета Стефановска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта:
N.Golubov@moepp.gov.mk
A.Stefanovska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 004 – 2

 

Надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот во урбани подрачја – PM10

EEA – Европска агенција за животна средина IND-34-en CSI 004 , AIR 003 Exceedance of air quality standards in urban areas
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа A2/18 – Annual average concentration of PM10
Каталог на индикатори за животна средина 19 – Exceedance of air quality standards in urban areas (EEA_CSI004)
SDG – Цели за одржлив развој 3 – 3.9.1: Mortality rate attributed to household and ambient air pollution
9 – 9.4.1: CO2 emission per unit of value added
11 – 11.6.2: Annual mean levels of fine particulate matter (e.g. PM2.5 and PM10) in cities (population weighted)
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не