Скопје, 04.10.2024 Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одблиску ја набљудуваше изградбата на ободниот канал во Арачиново, чија цел е заштита од поплавување на населението и земјиштето, како и подобрување на условите за живот на жителите на општина Арачиново.
За време на посетата, Меџити истакна дека проектот е од големо значење и е финансиски поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Овој проект е од исклучителна важност за заштита на населените места и обработливите земјишта од поплавување, не само на општина Арачиново, туку и на општините Гази Баба, Илинден и Петровец. Тој е во должина од 27 км, а во моментот се реализира регулација на дел од ободниот канал со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање во висина од околу 64 милиони денари.
-рече Меџити.
Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити информираше дека со овие средства се интервенира на делот од мостот на регионалниот пат Скопје-Куманово долг околу 300 метри, додека самиот проект треба да биде завршен до јуни следната година.
„Според она што го видовме на терен, проектот се одвива согласно динамичкиот план и досега се реализирани 38% од проектот. Сметам дека со овој зафат ќе се придонесе многу и за заштитата на населението од поплавување и за подобрување на условите за живот на населението, особено од причина што каналот кој поминува низ општина Арачиново носеше голем ризик од поплавување”
- изјави Меџити.
Според информациите од терен, низ ободниот канал на Арачиново е собрано значително количество отпад од пластични шишиња и друга амбалажа, а дополнително и самата вегетација ја намалува пропусната моќ на каналот.
Поради тоа, Министерството за животна средина и наложи на општината да ја поддржи регулацијата на каналот, со цел враќање на улогата на каналот со обезбедување на услови за подобар проток на атмосферската вода низ самото село и заштита на жителите од оваа општина од поплавување.