Со велосипедски дефилеа, организирани пешачки тури и слични настани во повеќе градови во државава, во кои учествуваа граѓани, ученици, рекреативци, ентузијасти и вљубеници во велосипедизмот и пешачењето, во нашата држава беше одбележана Европската недела на мобилност и 22 Септември - меѓународниот Ден без автомобили. Оваа година кампањата се спроведуваше под мотото „Заеднички јавен простор“ и имаше за цел да го сврти вниманието на јавниот простор во градовите, односно просторот кој треба да е еднакво достапен за сите и да не биде узурпиран од транспортните средства.
Поттикнувањето на граѓаните почесто да пешачат, да возат велосипед и да користат алтернативни видови на транспорт треба да оди напоредно со обезбедување квалитетна инфраструктура и патни правила со кои предност би добиле пешаците и велосипедистите, а токму ваквите алтернативни, одржливи и заеднички форми на транспорт се најдобриот начин да се намали употребата на автомобили и да се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот, со што би се остварила визијата на европската стратегија за декарбонизација.
Европската недела на мобилност се одржа од 16-22 септември, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање, како национален координатор, при што годинава во одбележувањето официјално се вклучија 11 градови и општини низ државава, и тоа Велес, Битола, Тетово, Радовиш, Скопје, Кавадарци, Кочани, како и скопските општини Чаир, Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
Исто така, се реализаираа и бројни граѓански иницијативи што покажува дека свеста за потребата и можноста да се користи квалитетен и и поеколошки начин на транспорт, што нема дополнително да го загадува воздухот, станува се поразвиена.
Како информација, оваа година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 2600 градови од 45 држави од Европа и светот.