МК НИ 072 Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички

94
МК НИ 072
Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички
Дефиниција

Индикаторот го прикажува бројот на предвремени смртни случаи кои можат да се припишат на загадениот воздух со суспендирани честички заради долготрајна изложеност, изразени како апсолутна бројка, атрибутивна стапка на смртност (број на смртни случаи на 100,000 население под ризик) и проценета атрибутивна пропорција (процент од вкупната смртност).

Единици
  • Број на смртни случаи, број на смртни случаи на 100,000 население под ризик и проценета атрибутивна пропорција (процент).
Клучно прашање за политиката

Кои се негатаивните ефекти на аерозагадувањето врз здравјето на населението и дали има и каков е прогресот во подобрување на здравствените индикатори во релација со политиките за подобрување на квалитет на воздухот во државата?

Клучна порака

Луѓето во РС Македонија и воопшто луѓето од Балканот и Источна Европа, дишат потоксичен воздух загаден со суспендирани честички во однос на нивните соседи во Западна Европа. Всушност, балканскиот регион е дом на многу единици со јаглен и лигнит како и на 7 од 10-те најзагадувачки електрани со јаглен во Европа (The World Bank, 2019).

Влијанијата по здравјето на суспендираните честички варираат од иритација на мукозните мембрани до инфекции на дишните патишта, зголемен ризик од промени на крвните садови (вазоконстрикција, ендотелијална дисфункција, зголемен ризик од тромбоза), оксидативен стрес и системско воспаление како и промени во регулаторната функција на автономниот нервен систем. Појавата и влошувањето на астмата, хроничната белодробна болест и рак на белите дробови, инфаркт на миокард, срцева слабост и појава на мозочни удари и зголемена смртност од истите заболувања и воопшто зголемена општа смртност, се најчестите исходи по здравјето како резултат на долготрајна изложеност на загаден воздух со РМ честички.

Иако генерално, аерозагадувањето опаѓа во текот на периодот 2006-2016 што се согледува во опаѓачкиот тренд особено на SO2 дури и на РМ честички во амбиентниот воздух што главно се должи на намалена употреба на фосилни горива за производство на електрична енергија и гасификацијата на топланите, сепак, целото население во земјата е изложено на концентрации на РМ10 честички кои ги надминуваат годишните гранични вредности на ЕУ (UNECE. 2019) и особено оние на Светската здравствена организација.

Како резултат на наодите базирани на бројните епидемиолошки студии и тековните научни сознанија, очекувано е дека состојбите со квалитетот на воздухот во Република Северна Македонија во последните неколку години ќе доведат до појава на штетни ефекти по здравјето на популацијата како и до економски загуби заради директни трошоци поврзани со зголемената побарувачка на здравствени услуги, употреба на лекови, апсентизам (од работа и училиште), загуби заради предвремен губиток на активни години од животот и др.

Оценка

Националните проценки на влијанијата на здравјето се започнати релативно скоро. Бројни меѓународни институции ги проценуваа влијанијата на загадениот воздух врз здравјето на населението, применувајќи слични или различни методологии. Оттаму, целта е примена на унифицирана методологија за да можат добиените резултати да се компарираат со останатите земји како и можност за следење на трендовите со тек на времето.

Индикаторот се базира на квалитетот на воздухот односно измерените концентрации на РМ2.5 и РМ10 во мерните станици на државната мониторинг мрежа за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) но и пресметаните пондерирани концентрации според број на население.Пресметките на индикаторот се однесуваат на ефектите на долготрајната изложеност на загадениот воздух врз смртноста (морталитетот) од сите причини (без надворешни причини за смрт) како селектиран здравствен исход и не го вклучуваат морбидитетот (бројот на заболени).

Според Европската агенција за животна средина, проценетата смртност во 2019 година во Република Северна Македонија која може да се припише на загадувањето на воздухот со РМ честички изнесувала 3,400 предвремени смртни случаи при изложеност од 20.6 µg/m(EEA. 2019)[1].

Првичните проценки за влијанијата на загадениот воздух за Република Северна Македонија за периодот 2012-2016, се дека само во Скопскиот Регион биле проценети 1 205 случаи на предвремена смрт (819-1 538 95% СI), додека во Тетово 265 (187-327 95% СI) (Димовска М. 2019). За потребите на овој Извештај, како базна година се зема 2019 година и известувањето ќе се извршува на годишно и национално ниво. Проценките се прикажани табеларно и графички (Табела 1 и График 1).

[1] Се работи за концентрација пондерирана според број на население (annual population-weighted concentration), не за измерена концентрација

 

Табела 1 Проценети атрибутивни смртни случаи кои се припишуваат на амбиентното аерозагадување во Република Северна Македонија

Проценети смртни случаи кои се припишуваат на амбиентното аерозагадување, Cut-off 0
Година Централна вредност CI 95% PM2.5 (µg/m3)
2019 број 3 842 2 598-4 925 35.8
стапка 320.6 216.7-410.9
2020 број 3 828 2 580-4 923 32.3
стапка 319.4 215.2-410.7
2021 број 4 175 2 810-5 376 30.9
стапка 348.4 234.4-448.5

* Стапка на 100 000 жители

Проценетата атрибутивна смртност која се припишува на загадувањето на амбиентниот воздух во Република Северна Македонија се движи од 3 828 до 4 175 , и стапка во ранг од 319.4 до 348.4 смртни случаи на 100 000 жители за анализираниот период 2019-2021. Проценките се изведени со податоци за движење на население од последниот Попис 2021 за број на резидентно население, спроведен од Државниот завод за статистика. И покрај трендот на пад на концентрациите на PM2.5честичките, се забележува пораст на проценетатата атрибутивна смртност што се должи на покачената смртност од сите причини предизвикана од појавата на COVID-19 пандемијата.

Состојбата со проценетата смртност како резултат на амбиентното аерозагадување графички е прикажана на График 1.

 

График 1 Проценета атрибутивна смртност заради загадување на амбиентниот воздух во РСМ за период 2019-2021

CSI_072_Zdravstvo2022

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

За проценки на влијанијата на загадениот воздух врз здравјето на населението при долготрајни изложености ќе се примени методологијата на СЗО со употреба на AirQ+ софтвер. Притоа, како влезни податоци ќе се употребат: средногодишните концентрации РМ2.5измерени во мониторинг станиците на државната мониторинг мрежа во МК (просек за три години) или пресметани според формула[1] како фракција од вкупната маса на РМ10 онаму каде нивната концентрација не се мери; податоци за смртноста од сите причини освен надворешни (природна смртност) добиени од Државниот завод за статистика од последниот спроведен Попис 2021, исто така просек за три години; и коефициенти за концентрација-одговор CRFs, базирани на одредени претпоставки воспоставени во бројни епидемиолошки студии. CRFs функциите употребени во софтверот на СЗО се базирани на систематски преглед на сите достапни студии и нивните мета-анализи (WHO. AirQ+).

[1] Според наодите на HRAPIE студијата (Health Risks of Air Pollution in Europe), каде фракцијата на РМ2.5 честичките како фракција од вкупната маса на регистрираните РМ10 изнесува 0.65.

Цели

Главната цел е постигнување на Целта 3 од Целите за одржлив развој на ОН, особено целта 3.9, до 2030 година значително да се намали бројот на смртни случаи и заболувања од опасни хемикалии од воздух, загадување на вода и почва како и целта 11.6 (до 2030 година, да се намали негативното влијание од животната средина во градовите по глава на жител, вклучително и со посебно внимание на квалитетот на воздухот и управувањето со комуналниот и другиот отпад).

Обврска за известување
  • Годишно до Европската агенција за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Здравство Поврзаност со други теми/сектори Воздух, Климатски промени, Почва и користење на земјиште, Земјоделство, Отпад, Енергија, Транспорт, Туризам, Индустрија, Хемикалии, Планирање на просторот,
Код на индикаторот MK НИ 072 Временска покриеност 2019 -2021
Име на индикаторот Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички Извор на податоци МИЦЖС, МЖСПП
ДЗС
анализа ИЈЗ МК
Класификација по ДПСИР И – Импликација Датум на последна верзија 18.10.2022
Тип А Подготвено/ажурирано од: Проф. д-р Драган Ѓорѓев
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: dragan.gjorgjev@medf.ukim.edu.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 072Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 3 – 3.9.1
Crude death rate attributed to household and ambient air pollution (deaths per 100,000 population)
WHO – Светска здравствена организација Ambient Air pollution attributable deaths
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не