МК НИ 036 Побарувачка на товарен транспорт

90
МК НИ 036
Побарувачка на товарен транспорт
Дефиниција

Индикаторот „побарувачка на товарен транспорт” ќе се презентира на два различни начина:

1) За да се измери разграничувањето на побарувачката на товарниот транспорт од економскиот раст се користи волуменот на товарниот транспорт во однос на БДП. Индикаторот за разграничување се дефинира како однос помеѓу tkm (копнен транспорт) и БДП (бруто-национален производ со константа 2000 година во евра). Во прикажувањето на овој индикатор во Република Северна Македонија се зема како основна година 2000=100.

2) Удел на товарниот транспорт од одделните видови транспорт: Овој индикатор се дефинира како процентуално учество на секој вид транспорт во вкупниот копнен транспорт. Единицата е тон-километар (tkm), која претставува превезен тон стока на растојание од еден километар. Тука е вклучен патен и железнички копнен транспорт. Железничкиот транспорт се базира на движење на национална територија, без разлика на националноста на возилото. Патниот товарен транспорт се базира на сите движења на возилата регистрирани во земјата која известува.

Единици

Единицата која се користи е тон-километар (tkm), која превезен тон стока на растојание од еден километар. Тука е вклучен патен и железнички копнен транспорт.

Побарувачката на товарниот транспорт и БДП се прикажани како индекс (2000=100).

Клучно прашање за политиката

Дали процентот на превоз на стока во патниот сообраќај е намален во однос на другите видови транспорт?

Дали побарувачката на товарен транспорт е разграничена од економскиот раст?

Клучна порака

Вкупната побарувачка на товарниот транспорт покажува променлив тренд на опаѓање и растење во разгледуваниот период.Во 2020 година во однос на 1990 година, вкупната побарувачка на товарен транспорт се зголемила за 3,7 пати како резултат на зголемување на патниот товарен транспорт за 4,9 пати, додека кај железничкиот товарен транспорт има пад од 55,7%, што нема поволно влијание врз животната средина.

Односот на товарни километри и БДП во периодот од 2000 до 2020 година го следи променливиот тренд на вкупната потрошувачка на товарен транспорт.

 

График 1: Товарен транспорт по видови во тонски километри (во милиони km)

CSI 036 2022 MK_g1

 

График 2: Учество во проценти на тонски километри на поедини видови товарен транспорт во вкупниот товарен транспорт

CSI 036 2022 MK_g2

 

График 3: Однос помеѓу вкупна побарувачка на товарен транспорт и БДП

CSI 036 2022 MK_g3

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Државен завод за статистика, http://www.stat.gov.mk

Оценка

Побарувачката на товарниот транспорт покажува променлив тренд на опаѓање и растење во разгледуваниот период. Од слика 2 се гледа дека во вкупниот товарен транспорт најголем удел има патниот транспорт и тоа се движи помеѓу 59,6% (2000 година) и 97,2% (2018година), додека железничкиот товарен транспорт има мал удел помеѓу 2,8% (2018година) и 40,4 % (2000 година), во вкупната побарувачка на товарен транспорт. Учеството на железничкиот во вкупниот товарен транспорт после позитивното поместување во 2013 година, со учество од 7,6%, во последните години бележи пад и се движи од 2,8% – 3,3%, што претставува намалување од 55,7% во 2020 година, што го зголемува негативното влијание на транспортот врз животната средина.

Ова е доволен показател дека индикаторот треба да се стреми кон намалување на патниот транспорт за сметка на останатите видови товарен транспорт, затоа што во патниот товарен транспорт се користат скапи течни горива кои при своето согорување значително ја загадуваат животната средина, воздухот, почвата биодиверзитетот и др.

На Слика 3 се гледа дека трендот на индексот на вкупната побарувачка на товарен транспорт во однос на БДП покажува променлив тренд на опаѓање и растење, со тоа што во периодот од 2000 до 2006 година доминантен е растечкиот тренд, потоа од 2006 до 2013 година доминантен е опаѓачкиот тренд, по што има променлив тренд на пораст и опаѓање до 2016 година и повторно растечки тренд кој кулминира во 2018 година и се одржува до 2020 година . Тој се индексира со годината 2000=100 со цел да се следат промените во интензитетот на побарувачката на товарниот транспорт во однос на економскиот раст прикажан преку БДП.

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

За да се измери разграничувањето на побарувачката на товарен транспорт oд економскиот раст, се пресметува волуменот (т.е. интензитетот) на товарниот транспорт во однос на БДП. Релативно разграничување се појавува кога побарувачката на товарниот транспорт расте со стапка помала од онаа на БДП. Апсолутно разграничување се појавува кога побарувачката на товарниот транспорт паѓа додека БДП расте или останува константен.

Единица мерка е тонски-км (tkm) што претставува превезен тон стока на растојание од еден километар.

Земјите-членки на ЕУ во согласност со Регулативата за податоци за патниот транспорт и Регулативата на (EC) No 91/2003 за статистики во железничкиот транспорт се базираат на сите движења на патничкиот транспорт на националната територија.

Во согласност со Регулативата (EC) No 1172/98, податоците за патен товарен транспорт се базираат на сите движења на возилата регистрирани во земјата за која се известува. Сите други податоци за транспортот се однесуваат, главно, на движења на домашна територија, без разлика на земјата од каде доаѓа возилото.

  • Извор на користена методологија

– Структурни индикатори на EUROSTAT за транспорт.

– Државен завод за статистика

  • Методолошка несигурност

Сите податоци се засноваат на движењата на државната територија, без оглед на тоа од која држава е возилото. Mетодологијата на собирање на податоци е усогласена на ниво на ЕУ. Извори се EUROSTAT, националните служби за статистика, ECMT, UNECE, UIC, DG TREN.

За да се одговори на прашањето дали побарувачката на товарниот транспорт се разграничува oд економскиот раст, се разгледува интензитетот на товарниот транспорт во однос на промените во реалниот БДП.

  • Несигурност на групите податоци

За целосна слика на побарувачката за транспорт и на соодветните проблеми во животната средина, би било многу корисно податоците да се дополнат со податоци за бројот на возило-километри.

Цели

Сеопфатна цел на Националната транспортна стратегија е да се развие хармонизиран транспортен сектор што е меѓународно компатибилен и интегриран во системот на ТЕН-Т мрежите, што го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, ја зачувува животната средина и ги обезбедува потребите на идните генерации.

Обврска за известување

Меѓународни:

–          Eurostat

Национални:

–          Индикатори за животна средина на РСМ – секоја втора година

–          Статистики во животната средина – секоја втора година

–          Статистички годишник – годишно

–          Одржлив развој – годишно

–          Статистики на транспорт– годишно

–          Индикатори за патнички транспорт на РСМ – секоја втора година

Општи мета-податоци
Тема Транспорт Поврзаност со други теми/сектори ВоздухКлиматски промени,
Енергија, Здравство, Бучава
Код на индикаторот MK НИ 036 Временска покриеност 1990-2020
Име на индикаторот Побарувачка на товарен транспорт Извор на податоци Државен завод за статистика
Класификација по ДПСИР Д Датум на последна верзија 04.10.2022
Тип А Подготвено/ажурирано од: Мартина Спасовска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта:
m.toceva@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 03Побарувачка во товарен транспорт EEA – Европска агенција за животна средина IND-465/CSI 056 , TERM 039 – Passenger and freight transport demand
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа H2 Freight transport demand
Каталог на индикатори за животна средина 158 – Passenger and freight transport demand
SDG – Цели за одржлив развој 9, Indicator 9.1.2: Passenger and freight volumes, by mode of transport
Eurostat sdg_09_50 Share of busses and trains in total passenger transport
11, Sustainable cities and communities
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не