VIII Шумарство

Резиме
1

 

1. Што се случува?

Силата на шумата е во воздухот што го дава, во сенката што ја прави, во водите што течат низ нејзиното зеленило. Шумата е столб на екосистемот. Затоа шумата треба да се чува и да се сака.Шумите, без разлика на нивната намена, функции, сопственост и слично, од нивното подигање, постојано се изложени на различни штетни влијанија, кои го спречуваат нивниот развој, неповолно влијаат врз нивните приносни способности, ја намалуваат нивната вредност, производството на дрвна маса, и ги намалуваат нивните бројни општокорисни функции.Зголемената експлоатација на шумите, особено бесправната сеча и пожарите, кои во последните години се особено изразени, го загрозуваат опстанокот на шумите.

За површина под шумско земјиште има податоци само од 2010 година. Уделот на површината на шумското земјиште во вкупната површина на земјата од 2010 до 2015 година пораснал за 56,0%, но потоа од 2016 до 2021 година опаѓа за 21,3%. Ова најверојатно се должи првенствено на штетите во шумите предизвикани од пожари и бесправна сеча.

Процентот на пошумена површина со нови шуми има променлив тренд на намалување и зголемување на површините, во однос на 1990 во 2021 година бележи значителен пад од 90,3%.

Уделот на стопански шуми во вкупнатаповршина на шуми, во периодот од 2010 до 2021 година, има пораст од 10%, уделот на повеќенаменските шуми има пад од 2,1%, а уделот на површините на шуми во заштитените подрачја има пад од 2,3%, во вкупнатаповршина на шуми. Ова укажува на фактот дека зголемување има само кај шумите од кои има економски бенефит.

Шумските пожари се еден од најголемите проблеми во шумарството, како и за животната средина во целост. Просечно годишно, вкупната штета од пожарите изнесува 480.266.213,88 денари, бидејќи големо количество на дрвна маса се уништува, што претставува економски проблем. Освен економската штета, пожарите предизвикуваат загадување на животната средина, со просечно годишно уништување околу 8.876,34ha шума, што е голем еколошки проблем, со сериозно негативно влијание на воздухот, почвата, водата, климата, здравјето на луѓето и намалување на животинската популација.

Штетата во шумите направена од бесправна сеча во периодот од 2010 до 2021 година се зголемила 2,5 пати. Во разгледуваниот период бележипроменлив тренд на намалување и зголемување. Штетата во 2010 година била најмала и изнесувала 11.557 м3 за да го достигне пикот во 2019 година, со вкупна исечена дрвна маса од 45.795 м3. Во 2021 во однос на 2020 година има намалување за 0,6 пати на количеството на бесправна сеча.

Разгледувајќи по удел на штета во шумите од бесправна сеча по региони, во вкупната сеча на ниво на држава, најмногу штета се забележува во Скопскиот регион, со удел кој се движи помеѓу 28,4% (2011) и 80,8% (2016), по кој следува Пелагонискиот регион. Во 2021 година, најголем удел во вкупната сеча на ниво на држава, 52%, се забележува во Скопскиот регион, а најмал во Североисточниот регион, 0,3%.

Најголем пад во 2021 година, во однос на годината кога количината на бесправно исечена дрвна маса била најголема, има во Вардарскиот (99,7%), Североисточниот (98,5%) и Полошкиот регион (72%).

Зошто се случува?

Намалувањето на шумскиот фонд, заради штети на шумите, најчесто е како последица на повеќе фактори, кои може да се поделат во две категории: абиотска природа (екстремни температури-суши и мразеви, снег, град, ветер, поројни дождови, кисели дождови и сл.) и биотска природа (човек, инсекти, габи, бактерии, вируси и др.).

За жал, кај нас освен абиотските фактори, на кои неможеме да влијаеме, најчесто несовесните граѓани ги предизвикуваат и најголемите катастрофи и штети на шумите, како што се шумските пожари кои потпомогнати од ветерот, се шират со голема брзина и прават огромни штети. Исто така, бесправната сеча на шумите е предизвикана од човечки фактор, кој заради социјални причини или економски профит, уништува огромни површини со шуми и со тоа ја деградира животната средина.

 

2. Дали имаме национална цел?

2.1.  Шуми и шумско земјиште

Согласно Просторниот план на Република Македонија предвидено е зголемување на површините со шуми и шумско земјиште, односно, во 2020 година уделот во вкупната површина на републиката да изнесува 48,8%.

2.2.  Шумски пожари

Во однос на шумските пожари целта е намалување на бројот на шумските пожари, намалување на опожарената дрвна маса и шумска површина. Истотака намалување на штетите во шумите подразбира и намалување на неконтролирана сеча на шумите.

2.3.  Штети во шумите од бесправна сеча

Намалување на штета во шумите направена од бесправна сеча.

 

3. Дали националната цел е постигната?

3.1.  Шуми и шумско земјиште

Во однос на уделот на шумите и шумското земјиште во вкупната површина на земјата, целта за до 2020 година сеуште не е постигната, но може да кажеме дека заради позитиниот растечки тренд, се движи кон остварување на целта.

Поради немерливоста на останатите национални цели, може да се заклучи следното:

3.2.  Шумски пожари

Во однос на шумските пожари се забележува позитивен опаѓачки тренд последните години, но со оглед на тоа што трендот во целиот период е променлив, може да се заклучи дека има мешан прогрес кон остварувањето на целта.

3.3.  Штети во шумите од бесправна сеча

Намалувањето на штета во шумите направена од бесправна сеча има негативен растечки тренд, заради што може да се констатира дека сме многу далеку од остварување на целта.

 

4. Клучни пораки за темата

Односот на вкупната површина под шума во вкупната површина на земјата се движи помеѓу35,5% и 40,8%, површината под шума била најголема во 2021, а најмала во 1990година, што сеуште претставува мал процент и затоа треба да се зголеми процентот на пошумена површина со нови шуми, кој бележи значителен пад од 90,3% во 2021 во однос на 1990г.

Шумските пожари предизвикуваат загадување на животната средина, со просечно годишно уништување околу 8.876,34ha шума, што е голем еколошки проблем, со сериозно негативно влијание на воздухот, почвата, водата, климата, здравјето на луѓето и намалување на животинската популација, а исто така прават и огромна економската штета.

Штетата во шумите Во разгледуваниот период бележипроменлив тренд на намалување и зголемување. Штетата во шумите направена од бесправна сеча во периодот од 2010 до 2021 година се зголемила 2,5 пати. Во 2021 во однос на 2020 година има намалување за 0,6 пати на количеството на бесправна сеча.

Потребно е да се превземат мерки за одржливо управување со шумите.

 

5. Кои активности се/треба да се превземат?

Политиките за развој на шумарството се утврдени во Националната Стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2014 – 2020, каде се пропишани следниве мерки:

  • подигнување на нови шуми со пошумување на голини и ерозивни земјишта
  • мелиорација на деградирани шуми и шикари
  • нега на шумски култури;
  • санирање на опожарени шумски површини
  • превентивна заштита на шумите и шумските култури
  • сузбивање на растителни болести и штетници во шуми и шумски култури подигнати на голини, површини во кои е извршена мелиорација на деградирани шуми и шикари
  • обезбедување на семе и на шумски саден материјал
  • обезбедување на садници за пошумување земјиште во приватна сопственост
  • примена на релевантната законска регулатива
  • зајакнати контроли на соодветните институции да се справаат со појавите
  • подигнување на јавната свест за последиците од штетата предизвикана во шумите.