МК НИ 013 Земјина покривка

49
МК НИ 013
Земјина покривка
Дефиниција

Овој индикатор ја презентира состојбата на земјината покривка во согласност со номенклатура усвоена на европско ниво со редовно ажурирање на шестогодишни интервали.

Единици
  • Хектари и m2 на жител.
Клучно прашање за политиката

Колку и какви мерки се преземаат за зачувување и планска експлоатација на природните ресурси?

Клучна порака

Информациите за статусот на земјината покривка, со редовните ажурирања на секои 6 години, дава прецизни податоци за ефектите на мерките кои се преземаат за заштита на природните ресурси, како и насоки за понатамошно делување.

Претставено во m2 на жител, во разгледуваниот период, има пораст на површините од 15,1% во типот вештачки површини, додека пад на површината на жител има кај земјоделските површини од 8,4%, шумски и полуприродни области од 6,6% и водни тела од 10,6%.

Постојат повеќе начини како да се влијае на зачувување и планска експлоатација на природните ресурси: преку планирање, вклучувајки просторни планови на ниво на држава, регионални и локални, прогласување на заштитени зони, програми за ревитализација на загрозени области, стратешки пристап кон планирање и имплементација на инфраструктурни објекти на национално ниво, како и строго контролиран процес на урбанизација.

Карта 1. CORINE Land COVER 2018

CSI_013_Pocva2020_karta

 

График 1. Површина на поединечни области според номенклатурата на CORINE

CSI 013 ZemjinaPokrivka 2022 MK_g1

 

График 2. Површина по статистички региони (NUTS3) според номенклатурата на CORINE во хектари

CSI 013 ZemjinaPokrivka 2022 MK_g2

 

Табела 1. Површина на поединечни области според номенклатурата на CORINE, претставено во m2 на жител

  Површина во ha Површина во m2/жител
  2000 2006 2012 2018 2000 2006 2012 2018
Проценет број на жители на 31.12 2,031,112 2,041,941 2,062,294 2,077,132  
Вештачки површини 38,900 41,400 43,000 45,993 192 203 209 221
Земјоделски површини 973,900 939,000 927,976 912,508 4,795 4,599 4,500 4,393
Шуми и полуприродни области 1,587,900 1,548,800 1,556,449 1,516,995 7,818 7,585 7,547 7,303
Мочуришта 2,000 2,000 1,950 2,154 10 10 9 10
Водени тела 59,100 56,400 55,856 53,905 291 276 271 260

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: CORINE Land Cover, Министерство за животна средина и просторно планирање

Оценка

Согласно овој индикатор, во 2018 година повеќе од половината на територијата Северна Македонија беше покриена со шумско и друго полуприродно земјиште (околу 59% од вкупната територија) додека доминантен дел од останатото земјиште припаѓа на земјоделски површини (околу 35,49% од вкупната територија). Истовремено, вештачки површини покривале помалку од 2% (1.8% од вкупната територија) од површината на земјата, а водните тела околу 2.2% (2,1% водни тела и 0.1% мочуришта).

Поради карактеристиките на земјината покривка на територијата на Република Северна Македонија, од 44 можни класификации според Номенклатурата CORINE LandCover, идентификувани се 33 класификација до трето ниво на Номенклатурата.

Иако поедините типови на земјина покривка генерално имаат рамномерна дистрибуција на територијата на државата, гледано од аспект на статистички региони (NUTS3 ниво) може да се констатира одредена разлика во дистрибуцијата. Евидентно е дека вештачките површини се концентрирани најмногу во Скопскиот регион 23,8%, што е логично имајки предвид дека во овој регион е и главниот град на државата.

Земјоделските површини се со најголем процент во Пелагонискиот регион 22,1%, како најголема житница во државата, иако висок процент има и во Вардарскиот 18,6%, Источниот 16,8% и Североисточниот регион 13,2%, каде се лоцирани познати земјоделски капацитети.

Шумските и полуприродните области се најрамномерно распостранети, иако е очигледна повисоката концентрација во Југозападен 17,5% и Вардарскиот регион 15,2% каде се опфатени наголемите планински масиви.

Мочуриштата се лоцирани главно во Пелагонискиот регион 56,6% заради рамничарскиот карактер на делови од регионот и изобилие на водни ресурси.

Водните тела се лоцирани главно во два региона, Југозападен 50,7% и Пелагонискиот 34,7%, каде се опфатени двете најголеми природни езера во државата.

Претставено во m2 на жител, во разгледуваниот период, има пораст од 15,1% само во типот вештачки површини, од 192m2 на жители во 2000 година на 221m2 на жител во 2018 година. Во сите три останати типови на земјина покривка има пад на површината на жител и тоа: земјоделски површини 8,4%, шумски и полуприродни области 6,6% и водни тела 10,6%. Во типот мочуришта нема промени.

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Методологијата за пресметка на индикаторот е дефинирана и усогласена на европско ниво и е непроменета во целиот период на имплементација на проектот, почнувајки од референтна година 1990. Техничкото упатство за изработка на CORINE Land Cover е изработено од страна на Европската агенција за животна средина.

Основа за идентификација на земјината покривка се сателитски снимки. Во зависност од условите, за секоја референтна година се обезбедуваат снимки за два вегетативни периоди во истата година. Дополнително, заради усогласување на ниво на Европа, сите сателитски снимки се обезбедуваат во ист период за сите држави за кои се изработува CORINE Land Cover.

Минималната површина која се евидентира е 25 ha, односно 100 m ширина на полигон. За презентација на податоците честопати се користат и km2.

Освен за иницијалната инвентаризација на земјината покривка, референтна година 1990, во сите други фази процедурата се состои од:

  • Идентификација на промените на земјината покривка во период тековна година – претходна инвентаризација. Минимална површина за евиденција на промени е 5 ha.
  • По идентификација на промените се врши нивна интеграција во финалната база за земјината покривка.

Самиот процес на фотоинтерпретација на сателитски снимки се состои од:

  • Обележување на границите на површини што претставуваат единствени единици на земјината површина на снимка со „лажни“ бои;
  • Користење на клучеви за интерпретација, помошна документација и сателитски/авионски снимки за означување на идентификациски број – класа од номенклатурата;
  • Екстраполација на ова вцртување и идентификација на сите делови на снимката кои изразуваат слични карактеристики: боја, структура и состав.
Цели

Следење на промените на земјината покривка и мапирање на тековната состојба. Промените се следат во шестогодишни интервали. Дополнително, усогласената методологијата и номенклатурата за овој индикатор на ниво на Европа, овозможува интегрирано следење на промените на регионално и европско ниво.

Обврска за известување
  • EEA
  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Почва и користење на земјиште Поврзаност со други теми/сектори Климатски промени, Земјоделство, Домаќинства, Транспорт, Урбанизација, Индустрија
Код на индикаторот MK НИ013 Временска покриеност 2000, 2006 и 2018
Име на индикаторот Земјина покривка Извор на податоци CORINE Land Cover, Министерство за животна средина и просторно планирање
Класификација по ДПСИР П Датум на последна верзија 11.06.2020
Тип А Подготвено/ ажурирано од: Катерина Николовска
Фреквенција на публикување 6 – Годишно Контакт e-пошта:
K.Nikolovska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 013 Земјина покривка EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа E1/70 – Total land uptake
Каталог на индикатори за животна средина 114 – Settlement area per capita
SDG – Цели за одржлив развој 11. Eurostat
11.31 Settlement area per capita
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија да