МК - НИ 090 Број на население

1
МК - НИ 090
Број на население
Дефиниција

Индикаторот го покажува бројот на население според пописите и проценет број на население на 31.12 во тековната годнина на целата територија на земјата, по статистички региони и по специфични групи на возраст.

Единици
  • Број на население и процент (%) на население
Клучно прашање за политиката

Каков е прогресот во бројот на населението во Република Северна Македонија и како тоа се одразува на рамномерен регионален развој на земјата?

Клучна порака

Со последниот попис направен во 2021 година имаме намалување на бројот на резидентно население за 9,2% во однос на претходниот попис пред 19 години, односно спроведен во 2002 година. Во однос на првиот попис од 1931 година бројот на население е зголемен за 1,9 пати. Со последниот попис, вкупното резидентно население изнесува 1,836,713 жители. Благодарение на позитивниот природен прираст, населението во Република Северна Македонија ја задржува позитивната насока на пораст се до 2018 година, но со значително намалено темпо. Во 2019 и 2020 година има негативен природен прираст и изнесува -0,3 и -3,2 соодветно, што влијае на намалување на бројот на резидентно население.

Разгледувано според старосната структура, може да се заклучи дека македонското население се повеќе старее. Вкупниот број на старо население од 2002 до 2021 година се зголемил за 46%, додека на младото население се намалил за 26,7%. Процентуалното учество на жените за прв пат е поголемо во однос на мажите и процентот изнесува 50,4% наспроти 49,6%.

Разгледувано по статистички региони и земен во предвид новиот попис на населението, бројките прикажуваат пораст на населението само во Скопскиот регион и тоа за 2,54%. Сите останати региони прикажуваат негативен пораст во однос на 2006 година и тоа во проценти од 20,1% во Југозападниот регион и 19% во Полошкиот регион.

Регионалната нерамномерност во растот на населението, како и изразените разлики помеѓу урбаните и руралните средини, доведува до нееднаков притисок врз животната средина, односно во регионите со поголем број на население има зголемен притисок врз транспортот, создавање отпад, зголемено загадување на воздухот, намалување на зелените површини генерално (јавни и приватни), зголемена изградба на објекти, зголемена бучава и други негативни влијанија врз животната средина. Спротивно на претходно кажаното, како последица од падот на бројот на население, притисокот врз животната средина се намалува.

График 1. Население во Република Северна Македонија според пописитеCSI 090 BrojNaNaselenieProcenkiRegioni_2022_MK_g1

 График 2. Проценет број на население во Република Северна Македонија на 31.12, вкупноCSI 090 BrojNaNaselenieProcenkiRegioni_2022_MK_g2

 

График 3. Проценет број на население во Република Северна Македонија на 31.12, по специфични групи на возрастCSI 090 BrojNaNaselenieProcenkiRegioni_2022_MK_g3

График 4. Проценет број на население во Република Северна Македонија на 31.12, по статистички региони, по годиниCSI 090 BrojNaNaselenieProcenkiRegioni_2022_MK_g4

 

График 5. Проценет број на население во Република Северна Македонија на 31.12.2020 година, по статистички региони и по специфични групи на возрастCSI 090 BrojNaNaselenieProcenkiRegioni_2022_MK_g5

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Државен завод за статистика

Оценка

Динамиката на порастот на населението во секоја земја главно се следи врз основа на резултатите од редовните пописи на населението и податоците за природниот прираст и миграциските движења, а како извори за податоци се користат: пописите, матичните книги, регистрите на населението и други извори.

Според податоците од пописите од 1931 до 2002 година се забележува пораст на вкупниот број на население за 1.9 пати, односно според последниот Попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година, Република Северна Македонија има 1,836,713 жители.

Вкупното население од последниот попис во 2021 изнесува 1,836,713 жители и во однос на пописот од 2002 година имаме пад на бројот на жители за 185,834 или пад од 9,2%.

Разгледувано според старосната структура, може да се заклучи дека македонското население сè повеќе старее. Во разгледуваниот период од 2002 до 2021 година, вкупниот број на старото население (65 и повеќе години) покажува тренд на зголемување за 46%. Вкупниот број на младото население (0-14 години) е намален за 26,7% и процентот на работоспособно население (15-64) исто така е намален за 12,5%. Процентуалното учество на жените за прв пат е поголемо во однос на мажите и процентот изнесува 50,4% наспроти 49,6%.

Во периодот од 2006 до 2021 година од проценетиот број на население како и земен во предвид последниот попис, разгледувано по статистички региони, се забележува пад во порастот на населението во сите региони, освен во Скопскиот. Таму процентот на пораст изнесува 2,54%. Сите останати региони прикажуваат негативен пораст во однос на 2006 година и тоа во најголем процент од 20,1% во Југозападниот регион и 19% во Полошкиот регион. Потоа следат Вардарскиот регион со 16,9% и Југоисточниот регион со 13,8%. Соодветно следат и Североисточниот со 12,1%, Пелагонискиот со 10,8% и Вардарскиот со 10%.

Според старосната структура на населението по региони, во 2021 година, најголемо учество на младото население (0-14 години) има во Скопскиот (18,6%), а најмало во Источниот регион (13,8%). Учествотo на старото население (65+) е најголемо во Источниот (21%) и Пелагонискиот регион (19,7%), а најмало во Полошкиот регион (13%).

Од претходно кажаното може да се заклучи дека, за жал на ниво на цела територија на земјата, поради намалување на бројот на родени деца и на природниот прираст на населението, пораст на емиграцијата во странство, како и интензивирање на процесот на демографското страеење, се намалува учеството на младото население, а се зголемува учество на старите лица во вкупното население. Исто така, важно е да се нагласи дека заради процесот на миграција од помалку развиените рурални средини во урбаните средини, има изразена регионална нерамномерност во растот на населението, како и со изразени разлики помеѓу урбаните и руралните средини.

Методологија

Методологија за пресметка на индикаторот

Податоците се преземени од МАКСТАТ базата на Државниот завод за статистика и се анализирани според барањата во дефиницијата на индикаторот.

Цели

Во согласност со Стратегијата за демографски политики на Република Северна Македонија 2015-2024 година, главна стратешка цел е подобрување на постојните демографски трендови во Република Северна Македонија, преку спроведување на долгорочни политики и подрачја на делување, кои директно и индиректно ќе влијаат на демографскиот развој во земјата.

Општи мета-податоци
Тема Социо-економски индикатори Поврзаност со други теми/сектори Сите сектори
Код на индикаторот MK НИ 090 Временска покриеност 2002-2021
Име на индикаторот Број на население Извор на податоци Државен завод за статистика
Класификација по ДПСИР Д Датум на последна верзија 21.06.2022
Тип А Подготвено/ажурирано од: Катерина Николовска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: K.Nikolovska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 090 Број на население EEA - Европска агенција за животна средина IND-48/Outlook 042 -Population trends 1950 – 2100: globally and within Europe
UNECE - Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина 15 - Population trends 1950 – 2100: globally and within Europe
SDG - Цели за одржлив развој со сите цели
GGI - Индикатори за зелен раст не
Кружна економија не
22.11.2022