На средбата, министерот Меџити ги истакна клучните приоритети и стратешки определби на новата Влада и упати уверување до амбасадорката Агелер дека како владеачко мнозинство, Владата останува и понатаму максимално посветена на продлабочување на меѓусебните односи со најголемиот стратешки партнер и силен сојузник – Соединетите Американски Држави, а дека евроатлантската определба и полноправното членство во Европската Унија остануваат врвен приоритет.
Како прв Заменик на Претседателот на Владата на средбата, Меџити изрази искрена благодарност за поддршката и безрезервната помош што САД во континуитет ја пружаат во насока на реформирање на институциите и зацврстување на демократските капацитети и демократскиот амбиент во нашата држава. Заеднички беше ставот дека се потребни резултати во борбата против политичката корупција која е навлезена длабоко во порите на многу институции. Испораката на правдата мора да биде неселективна и согласно највисоките стандарди на владеење на правото. За да се случи ова, потребни се реформи во правосудниот систем и Владата е решителна оваа борба да ја спроведе до крај.
Двете страни се согласија дека прашањето на политичкиот легитимитет на новата Влада е затворено прашање. Периодот пред што предстои ќе биде искористен за спроведување на успешна транзиција и консолидирање на институциите во државата. Во овој процес од исклучително значење е поддршката на меѓународните партнери, пред се` на Соединетите Американски Држави.
Од позиција на министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, ја информираше амбасадорката Агелер за клучните приоритети на Министерството во насока на безкомпромисната борба со загадувачите на амбиенталниот воздух, согласно највисоките европски стандарди и во рамки на планот за чист воздух. Тој изрази уверување дека заеднички ќе се посветиме на градење на обновливи извори на енергија кои што ќе обезбедат повисоки еколошки стандарди и дека како млада држава, имаме потреба од добри искуства и споделување и размена на знаења, а дека поддршката и помошта од страна на САД во нашите напори за подобрување на државните политики за обезбедување здрава животна средина е повеќе од добредојдена.
И сосема на крај, Меџити уште еднаш искажа уверување до нашиот стратешки партнер дека високо ги цениме сите досегашни инвестиции од САД, како економски, така и во насока на подигање на капацитетот на институциите и општествениот демократски развој.
- Остануваме сигурен гарант дека Република Северна Македонија ќе остане на зацртаниот стратешки правец
– истакна Меџити