Вода - Регулатива

Вода
Регулатива
Основен законски пропис со кој е уредена оваа областа води е Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 87/08, 6/09, 161/09, 83/10, 51/11 и 44/12 ) и подзаконските акти донесени врз основа на Законот за води.

Законот за водите е рамковен закон кој ги регулира основните принципи и начела за управување со водните ресурси. Законот е направен според теркот на западно европските закони, со цел да се воспостави една општа правна рамка за регулирање на областа на управување со водите на интегриран и сеопфатен начин. Притоа управувањето со водите ги опфаќа сите мерки и активности за рационално и ефикасно користење на водите, одржливиот развој на водните ресурси, заштита на водите и заштита од штетно дејство на водите. Потребата од интегриран пристап при подготовката на Рамковниот Закон за води, произлегува од фактот што аспектите на управувањето и аспектите на заштитата се суштински поврзани и истите неможат да се регулираат пооделно без да се води сметка за нивната меѓусебна поврзаност. Така, оваа материја се фокусира врз три области и тоа: користење на водите, заштита на водите и контрола на загадувањето и заштита од штетното дејство на водите. Во него директно се пренесени барањата од следните директиви на ЕУ од областа на управувањето со водните ресурси:

  • Рамковната директива за води,
  • Директивата за квалитет на водата наменета за консумирање од страна на човекот,
  • Директивата за квалитет на водата за капење,
  • Директивата за третман на комунални отпадни води,
  • Директивата за искористување на милот добиен со пречистување на отпадни води, и
  • Директивата за заштита на водите од загадување предизвикано од нитрати од земјоделски извори.

Основните цели на законот се: да се обезбедат доволни количества квалитетна вода; да се обезбеди заштита, зачувување и континуирано подобрување на режимот на водите, да се подобри состојбата на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода и да се заштити и унапреди водната средина преку рационално користење на водите, прогресивно намалување на штетните испуштања и постепено елиминирање на емисиите на опасни супстанции, како и ублажување на последиците од штетното дејство на водите и од недостигот на вода. Сепак содржината на законот со тоа не е целосно опфатена. Иако директивите на ЕУ од областа на управувањето со водните ресурси не содржат специфични барања, заради интегрираниот пристап при регулирањето на оваа област, потребно е во законската рамка интегрирање на ефективни одредби со кои ќе се регулира правото на физичките и правните лица да користат води, да испуштаат отпадни води односно испуштаат и фрлаат на материи и супстанции во површински и подземни води, како и да вадат песок, чакал и камен од коритата и бреговите на површински водни тела. Флексибилноста на Европското законодавство дозволува ова прашање да се регулира со почитување на уставно- правната рамка и законодавната пракса на државите.

 

Програмата за управување со водите за 2019 година

Врз основа на член 218 став (1) од Законот за водите (Службен весник на Република Македонија бр. 87/08, 6/09, 161/09, 83/10, 51/11, 44/12, 23/13, 163/13, 180/14, 146/15 и 52/16) Владата на Република Македонија на седницата одржана на 8.1.2019 година донесе ПРОГРАМА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ВОДИТЕ ЗА 2019 ГОДИНА.