Воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад е единственото трајно, одржливо и безбедно решение.

Kumtesat
Апел за поддршка и разбирање во интерес на граѓаните и општините
Воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад е единственото трајно, одржливо и безбедно решение.
08.11.2024

Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на протестите на жителите на Кочани ја информира јавноста и засегнатите граѓани дека државата е длабоко навлезена во процесот на воспоставување на регионален систем за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот регион што треба да резултира со трајно, одржливо и безбедно управување со отпад.

Самиот процес е комплексен и опфаќа повеќе работни задачи. Досега се набавени возила и опрема за собирање на отпадот за сите општини во двата региона( вкупно 18) во вредност од 8 милиони евра. Во моментов во тек е затварање на нестандардните депонии и ѓубришта во Источниот Регион, се очекува во најбрзо време да започне и во Североисточниот Регион – Прва фаза (околу 8 милиони евра), а претстои изградба на Централна постројка за управување со отпад која се состои од погон за селектирање, постројка МБТ, депонија, постројка за композитор, зелена точка за Источен и Североисточен регион во Св Николе и шест локални капацитети за управување со отпад - претоварни станици, постројки за компостирање и зелени пунктови за Источниот и Североисточниот регион. Последните две активности се со вкупна вредност од повеќе десетици милиони евра, за што постапката за јавна набавка е објавена и се очекува договорот да биде склучен, по што се очекува  во првата половина од 2025 година да започнат градежните работи. Предвидениот рок за завршување на градежните работи е 18 месеци.

Во втора фаза, следува затварање на сите нестандардни депонии во двата региони, по што целокупниот отпад ќе се одлага на Централната депонија во Св. Николе преку трансфер станиците.

Крајни корисници на проектите се двата региона, општините и јавните комунални претпријатија и за таа цел повикуваме на максимална посветеност на општините од Источниот и Североисточниот регион и на јавните комунални претпријатија во исполнување на обврските кои веќе ги имаат преземено за непречена реализација на проектите.

Обврската за управување на општинските нестандардни депонии кои во првата фаза ќе останат отворени (се до изградбата на Централната постројка во Св. Николе) и имаат обврска да го примаат отпадот од веќе исчистените и затворени нестандардни депонии во одреден број општини, останува на општините и јавните комунални претпријатија, а Владата останува посветена да ги помогне со цел воспоставување регионалниот систем според највисоките европски и светски стандарди.

Во однос на депонијата во Кочани информираме дека таа има обврска да го прима отпадот од општините Виница, Чешиново, Облешево и Зрновци. Свесни за недоволните капацитети за управување со депонијата на Јавното комунално претпријатие што неодамна резултираше со палење на отпадот на Кочанската депонија, како Влада излеговме во пресрет и обезбедивме поддршка со механизација за безбедно тековно управување со локацијата во Кочани.

Пожарите кои се случуваа во минатото не зависат од количината на отпадот, туку од несоодветното управување со локацијата. Обврската на трите општини (Зрновце, Чешиново и Облешево и Виница) да го носат отпадот на локацијата останува, се до воспоставувањето на регионалната депонија односно трансфер станиците, бидејќи во овие општини исчистени се сите локации за отстранување на отпад и нема да се дозволи отварање на нови загадени жаришта.

Забраната за пристап до локацијата за депонирање не е решение и не оди во прилог на почиста животна средина туку само ја влошува состојбата за која веќе се потрошени неповратни средства. Само со продолжување на утврдените активности ќе може да се обезбеди  контролирано отстранување на отпадот за сите 4 општини и што ќе се применува се до конечно затворање на локацијата во Кочани.

Во прилог доставуваме фотографии од сите локации во трите општини пред чистењети/затворањето и потоа, како и за локацијата во Кочани каде е прикажана состојбата пред интервенцијата и потоа. Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт останува посветена да го поддржи процесот на управување на депониите кои ќе продолжат да функционираат до изградбата на Централната постројка во Св. Николе, а истовремено ги повикува граѓаните да имаат разбирање и го поддржат процесот со цел зачувување на здравјето на населението и животната средина. 

 

Во прилог е линк до фотографиите како изгледале депониите пред и по интервенцијата во општините во регионот

 

https://www.sendbig.com/view-files/?Id=24ad5dcf-c872-867f-0af8-a80bec5907e0-9vMv  

Submitted by alfa4 on 08.11.2024 - 13:33