Shpallje
15.10.2018
Oд 09.10.2018 до 12.10.2018година во Атина, Грција, се одржa работен состанок на Националните координатори за соработка со ЕЕА и претставниците од Европската агенција за животна средина – ЕЕА.
На состанокот учествуваше Националниот координатор за соработка со ЕЕА, Светлана Ѓорѓева и Ристо Јордановски, Асистент Координатор за соработна со ЕЕА. На овој состанок, Република Македонија и претставниците од Министерство за животна средина и просторно планирање, имаа координативна улога за подготовка на пленарните седници и работната агенда на состанокот, преку учество во таканаречената Тројка на членови, избрани од 39-те земји членки и соработнични со ЕЕА.
Како дел од агендата, работните сесии и консултации се однесуваа на изработката на новиот SOER2020 – извештај за состојбата и перспективата на животната средина во Европа. Се одржаа и презентации поврзани со новите електронски алатки за унапредување на комуникацијата помеѓу земјите членки на EIONET мрежата, и можностите за унапредување на процесите за планирање на работни активности.
Помеѓу клучните точки за дискусија беа и процесот на евалуација на Европската агенција за животна средина, од страна на Европската Комисија, за што беше реализирана и поделба во работни групи за оценување на критериумите за ефикасност, релевантност, кохезијата и додадената вредност на работата на ЕЕА. Дел од агендата беа и презентациите кои се однесуваат на планските документи на ЕЕА, со фокус на известувањето од Управниот Одбор на ЕЕА, реорганизацијата на Агенцијата, новата стратегија за работа и поставувањето на приоритети на Агенцијата.
Како дел од последниот ден од агендата, се одржа редовна координација помеѓу претставниците од земјите од Западен Балкан и ЕЕА, со новиот Програмски раководител на ЕЕА – Пол Мекаливи. На оваа координација се разменија идеи за планирањето на изработка на Стратегија за соработка и интегрирање на земјите од Западен Балкан во работата на ЕЕА, можностите за планирање на тематски активности поддржани во рамки на IPA програмата од страна на ЕУ како и продолжувањето на процесите за јакнење на капацитетите на земјите од Западен Балкан, кон ефикасно исполнување на обврските за известување кон ЕЕА.