Shpallje
17.09.2019
На ден 23.01.2019 година и 24.01.2019 година, во комплексот на Генералниот директорат за животна средина (Directorate General for Environment (DG Env) во Брисел, Белгија, во соработка со European Commission/Joint Research Centre (EC/JRC), се одржа XXIX Состанок на Националните референтни лаборатории за Квалитет на амбиентен воздух или состанок на AQUILA групата. Еден ден претходно, на 22.01.2019 година се изврши презентација и размена на искуства во врска со low-cost сензорите и сензорските системи за мерење на квалитетот на воздухот.
Во склоп на Министерството за животна средина и просторно планирање работи Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ), којшто е составен од 18 автоматски мониторинг станици за квалитет на воздух, поставени во различни градови на територијатата на Република Македонија.
Покрај овие 18 мониторинг станици, во склоп на ДАМСКАВ се наоѓа и Калибрациона лабораторија, која со оглед на нејзините технички капацитети е референтна лабораторија од областа на Квалитетот на воздухот. Калибрационата лабораторија е опремена со инструменти и еталонски анализатори, кои се користат за калибрација на сите анализатори од мониторинг станиците. Калибрацијата на анализаторите од мониторинг станиците за квалитет на воздух е најважниот дел од работата на анализаторите, бидејќи со калибрацијата анализаторите од станиците се контролираат и подесуваат да покажуваат точни, валидни и веродостојни податоци за концентрацијата на загадувачките супстанци.
На оваа проблематика работи инженерот Љупчо Гроздановски, Советник за калибрација на опремата од ДАМСКАВ, од Сектор Македонски информативен центар за животна средина, односно од Одделението за мониторинг и Калибрационата лабораторија за квалитет на амбиентен воздух.
На XXIX работилница на AQUILA групата се презентираа и дискутираа идните стратегии од областа на Квалитетот на воздухот поврзани со новите легислативи и стандарди, коитреба да се имплементираат и менаџираат во земјите членки на ЕУ, но претставуваат исто така насока и обврска на земјите аспиранти за членство во ЕУ, како што е Република Македонија.
На состанокот се изврши презентација на извршената ревизија на одредени делови од стратегијата за квалитет на амбиентен воздух.
Посебен осврт се даде на тестовите на еквиваленција кои се вршат во моментов, понатаму на резултатите и извештаите за изминатите интерлабораториски компаративни мерења во 2018 за PM10/PM2.5, за PAH-ови, за тешки метали (HM), и за неоргански гасови (O3, NO/NO2, SO2, CO) како и на престојните интерлабораториски компаративни мерења кои треба да се одржат во 2019 година, како и одредувањето на репрезентативноста на мерните места каде што се поставени мониторинг станиците.
Ден пред состанокот на AQUILA групата, на 22.01.2019 година, на истата локација, а за потребите на членовите на AQUILA групата, се одржи презентација и размена на искуства во однос на употребата на таканаречените low-cost сензори и сензорски системи за мерење на квалитетот на воздухот.