Овој индикатор ги покажува начинот на управување со количините на создаден опасен отпад, односно количините на отстранет, третиран, увезен и извезен, времено складиран опасен отпад од целокупната економска активност во нашата земја.
Опасен отпад е отпадот што по својот состав или концентрации на опасни супстанци може да предизвика опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето и којшто има едно или повеќе опасни својства, како што се: експлозивност, реактивност (оксиданси), запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност и својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина, вклучувајќи го и секој отпад што е измешан со опасен отпад.
Тони (t), метри кубни (m3) и процентен удел на отпадот (%)
На кој начин, односно преку кои процеси се одвива управувањето со опасниот отпад?
Доминантен начин на управување со опасниот отпад од 2011 до 2017 год. е негово сопствено отстранување од страна на деловните субјекти кои го создале, кое се движи во просек од 64,6 %, што е најнеповолен начин на управување со отпадот во однос на последиците по животната средина и здравјето на луѓето. Од 2018 до 2020 год. деловните субјекти пријавуваат во најголем процент (од 66%до 97%) дека времено го складираат опасниот отпад .Во 2021 год. повторно деловните субјекти како доминантен начин на управување со опасниот отпад го наведуваат сопственото депонирање на истиот. додека преработката изнесува околу 5%.
Преработката на опасниот отпад во просек е застапена со 3%. Во 2021 год. Преработката изнесува приблизно 5%. Временото складирање на опасниот отпад е зголемено од 2018 до 2020 год. поради пријавување за времено складирање на опасниот отпад од неколку рудници. Увозот на опасниот отпад кој соодветно се третира, односно рециклира во нашата земја се зголемува од 0,09% во 2011год. до 1,9% во 2020 год., додека извозот е со променливи вредности со текот на времето и во просек изнесува 1,52%.
График 1. Удел во проценти на количеството увезен, извезен и третиран опасен отпад прикажан во тони
График 2. Удел во проценти на количеството увезен, извезен и третиран опасен отпад прикажан во m3
Опфат на податоци: excel
Извор на податоци: Министерство за животна средина и просторно планирање.
Отстранување на опасен отпад
Доминантен начин на управување со опасниот отпад во периодот од2022 до 2023 год. е негово сопственото отстранување од страна на деловните субјекти кое се движи до 99% од вкупно создадениот отпад. Во период од 2011-2018 год. исто така е доминантно сопственото отстранување од страна на деловните субјекти кои го создаваат опасниот отпад, по кое следи отстранување на отпадот, па потоа е застапена преработката на опасниот отпад. Во годините 2019-2020 год. кај деловните субјекти најзастапено е временото складирање, а понатаму следи преработката на опасниот отпад. Времето ќе покаже дали временото складирање на опасниот отпад кое според законската регулатива е дозволено во времетраење од три години е навистина времено складирање или станува збор за сопствено отстранување на отпадот, бидејќи оваа година повторно сопственото отстранување е доминантен начин на управување со опасниот отпад. Многу од деловните субјекти не пријавуваат состојба со претходно складиран отпад, што многу ја усложнува состојбата за вистинско следење на состојбата со управување на опасниот отпад во нашата земја.
Преработка на опасен отпад
Преработката може да се изведе во земјата на негово создавање или во друга земја. Неконтролираното меѓу гранично движење на опасниот отпад и негово отстранување или несоодветен третман, може да предизвика тешки здравствени проблеми кај луѓето и може да ја контаминира водата и почвата. Рециклирање, соодветна инценерација и соодветно отстранување на опасниот отпад во земјата на неговото создавање ја намалува потребата од меѓу гранично движење на опасен отпад и го намалува ризикот по здравјето на луѓето и животната средина.
Увезен и извезен опасен отпад
Во одредени случаи меѓународниот транспорт на опасен отпад е неопходен и оправдан во смисла на соодветно отстранување и третман на отпадот без последици по животната средина и здравјето на луѓето, како што е неговото користење како секундарни суровини или за продукција на енергија. Увозот на опасен отпад во Република Северна Македонија се движи од минимум 815,2 тони во 2012 година, до максимум 6.439 тони во 2019 год. Во 2015 год. увозот отскокнува и изнесува околу 78.595,53 тони, што најверојатно е грешка при известувањето односно доставувањето на податоци од деловните субјекти. Извозот на опасниот отпад е најголем во 2016 год. и изнесува 4.011,32 тони, додека е најмал во 2014 со само 41,94 тони. Податоците за создаден, увезен, извезен и отстранет опасен отпад помагаат во контролата и следењето на неговото движење и отстранување.
Времено складиран опасен отпад
Отпадот кој не може соодветно да се третира или отстрани, времено се складира. Времено складираниот опасен отпад претставува оној опасен отпад кој чека на отстранување или третман, но не подолго од три години. Временото складирање на опасниот отпад е зголемено од 2018 до 2020 год. Законската регулатива укажува на можноста од три години на времено складирање на отпадот се до неговото конечно справување, односно преработка или отстранување.
- Методологија за пресметка на индикаторот
Видовите на опасен отпад се одредуваат според Листата на видови на отпад 2005 год. Соодветниот третман, како и отстранување на отпадот се во согласност со дефинициите и условите од Законот за управување со отпад 2004 год. Извор на податоци за опасен отпад се Годишните извештаи на деловните субјекти кои создаваат опасен отпад и ги доставуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање.
- Недоследност на методологија
Укажуваме на можната грешка на вкупните податоци и анализи кои произлегуваат од истите бидејќи не сите деловни субјекти кои создаваат опасен отпад доставуваат годишни извештаи. Податоците за создаден опасен отпад не ги користиме од Државниот завод за статистика бидејќи работат со репрезентативни примероци и пресметковни методи кои произлегуваат од тие репрезентативни примероци. Во колку репрезентативните примероци не се соодветно избрани се добива сосема погрешна слика за количините на создаден опасен отпад и негово управување. Поради тоа податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање се разликуваат од истите добиени од Државниот завод за статистика.
Општа цел е избегнување и во најголема можна мера, намалување на количеството на создавање на опасен отпад. Управување со отпадот на начин што е прифатлив за животната средина со висок степен на заштита на животната средина, животот и здравјето на луѓето. Воспоставување на интегрирано управување со отпад и финансиски самоодржлив систем за управување со опасен отпад.
- EUROSTAT
- Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
МК НИ 056 Управување со опасен отпад | EEA – Европска агенција за животна средина | нема еквивалент |
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа | I3 / 117 Waste reuse and recycling I4/118 Final waste disposal |
|
Каталог на индикатори за животна средина | нема еквивалент | |
SDG – Цели за одржлив развој | 11 Sustainablie cyties and communities, 12 Responsivle construction and production 13 Climate action 17 Partnership for the goals |
|
GGI – Индикатори за зелен раст | да | |
Кружна економија | да |