МК НИ 050-5 Емисија на основни загадувачки супстанци – CO – јаглерод моноксид

16
МК НИ 050-5
Емисија на основни загадувачки супстанци – CO – јаглерод моноксид
Дефиниција

Овој индикатор ги следи трендовите на јаглерод моноксид (CO).

Единици
  • kt/година (килотони на година)
Клучно прашање за политиката

Каков прогрес е направен во редукција на вкупните емисии на јаглерод моноксид во Република Северна Македонија?

Клучна порака

Во 1990 година вкупните национални емисии на CO изнесуваа 132.4 kt. Во 2020 година емисиите изнесуваат 49.5 kt и се намалени за 63% споредено со 1990 година, што претставува значителен напредок во намалувањето на вкупните емисии на CO.

Намалувањето на емисиите на оваа загадувачка супстанца произлегува од намалената потрошувачка на фосилни горива во домаќинствата и административните објекти како и намалената емисија од транспортот во текот на прегледниот период 1990-2020 година.

Специфично прашање за политиката

Кои различни сектори и процеси имаат учество во емисиите на јаглерод моноксид?

Главен извор на емисии на CO во 2020 година е NFRкатегоријата 1.А.4 – Други сектори (домаќинства, комерцијален, администртивен)со удел од 68.1%, по што следува NFRкатегоријата1.А.3 – Транспорт со удел од 11%. Потоа следуваат категориите 1.А.2 – Согорување во производни индустрии и градежништво) со удел од 9.7% и5 – Отпад со удел од 6.9%.

Останатите NFRкатегориинезначително учествуваат во вкупните емисии на јаглерод моноксид во 2020 година.

Оценка

Вкупните национални емисии на јаглерод моноксид за1990 година изнесуваа 132.4 kt. Во 2020 година вкупните емисии изнесуваат 49.5 kt и во однос на 1990 година се намалени за 63%, додека во однос на 2019 година се намалени за 8%.

Трендот на вкупните емисии на јаглерод моноксид во периодот 1990-2020 година е прикажан на следниот графикон.

 

Графикон 1. Тренд на вкупни емисии на јаглерод моноксид во периодот 1990-2020 годинаCSI 050 CO_Emisii_2022_MK_g1

 

Трендот на вкупните емисии на CO во периодот 1990-2004 е генерално постојан со некои, во одредени години малку поизразени пикови (максимум во 2000 година со вредност од 144.1 kt и поголеми падови во 1991 и 2001 година). Во периодот 2005-2020 година трендот е општо гледано опаѓачки при што во 2005 година се забележува поголемо намалување на вкупните емисии на CO со вредност од 91 kt. Во овој период 2005-2020 година трендот е благо опаѓачки со исклучок на малите растечки пикови во 2012 и 2016 година додека во 2020 година се јавува најниската вредност на вкупни годишни емисии на јаглерод моноксид за целиот прегледен период 1990-2020 година со вредност од 49.5 kt.

Уделот на одделните NFRкатегории во вкупните емисии на CO за 2020 година може да се увиди и од приказот на Графикон 2.

 

Графикон 2: Удел во вкупните национални емисии на CO по сектори во 2020 годинаCSI 050 CO_Emisii_2022_MK_g2

 

 

Клучни извори на емисии на јаглерод моноксид се согорување на фосилни горива од Домаќинствата, комерцијалните и административните објекти и согорување на течните горива од Сообраќајот (Транспортот), во целиот период 1990-2020 година. Ова, може да се забележи од следниот графикон каде се даден емисиите на CO за целиот прегледен период 1990-2020 година по NFR категории.

 

Графикон 3. Eмисии на CO по NFR категории на годишно ниво во периодот 1990-2020 годинаCSI 050 CO_Emisii_2022_MK_g3

 

Од направената анализа на различните NFR категории во прегледниот период може да се донесат следните заклучоци:

NFR категоријата 1.А.4 – Други сектори (домаќинства, комерцијален, административен) во 1990 година учествува во вкупните емисии на CO со удел од 51%, додека во 2020 година, нејзиниот удел е 68%. Во 2020 година емисиите од оваа NFR категорија во однос на 1990 година се намалени за повеќе од половина, односно за 51%, додека во однос на 2019 година се незначително зголемениза 1%.

Може да се каже дека трендот на вкупните годишни емисии на CO од NFR категоријата 1А4 Други сектори генерално зависи од количината на потрошувачка на дрва од страна на домаќинствата, комерцијалните и административните објекти и со одредени мали отстапувања го следи вкупниот тренд на годишните емисии на јаглерод моноксид од сите категории.

NFR категоријата 1.А.3 – Транспорт во 1990 година учествува во вкупните емисии на CO со удел од 39%, додека во 2020 година, нејзиниот удел е 11%. Во 2020 година емисиите од оваа NFR категорија во однос на 1990 година се намалени дури за 90%, додека во однос на 2019 година за високи 29%. Најголем удел во емисиите на CO од оваа NFR категорија има подкатегоријата патнички возила, односно трендот на емисиите на јаглерод моноксид го следи оној на бројот на патнички возила и изминат пат од нивна страна. Треба да се напомене дека за периодот 2005-2020 година применето е ниво 3 на методологија односно моделот COPERT V додека за претходниот период ниво 1 методологија односно постои неконзистеност на применетата методологија на чие изедначување ќе се работи понатаму.

NFR категоријата 1.А.2 – Согорување во производни индустрии и градежништво во 1990 година учествува во вкупните емисии на CO со удел од само 4%, додека во 2020 година, нејзиниот удел е 10%, што не се должи на некоја зголемената емисија на CO од оваа NFR категорија по апсолутна вредност туку намалувањето на емисиите на CO од NFR категориите 1.А.4 – Други сектори и 1.А.3 – Транспорт. Во 2020 година емисиите од оваа NFR категорија во однос на 1990 година се намалени за 18%, додека во однос на 2019 година се намалени за 29%.

NFR категоријата 5 – Отпад во 1990 година учествува во вкупните емисии на CO со удел од само 2%, додека во 2020 година, нејзиниот удел е зголемен и изнесува 7%. Во 2020 година емисиите од оваа NFR категорија во однос на 1990 година се зголемени за 59% (заради зголемената количина депониран цврст отпад), додека во однос на 2019 година за 2%.

Останатите NFR категории се незначителни извори на емисии на јаглерод моноксид.

Опфат на податоци: excel_1, excel_2

Извор на податоци: Министерство за животна средина и просторно планирање

Користените податоци се вкупните национални емисии и емисиите категоризирани по NFR категории кои ЕЕА земјите членки и земјите соработнички ги доставуваат до ЕЕА и Секретаријатот на Обединетите Нации. Податоците се достапни по земја на следната веб страна: https://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/clrtap/inventories/envyixaja.Податоците наведени во овој индикатор се целосно во согласност со испртените податоци.

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Методологијата на пресметка на овој индикатор се базира на пресметани национални емисии и емисии по NFR категории на оваа загадувачка супстанца кои се репортирани до ЕЕА (Европска агенција за животна средина) и UNECE/EMEP (Економската програма на Oбединетите нации за Европа/ Кооперативната програма за мониторинг и евалуација за прекуграничен пренос на аерозагадување кон Конвенција за прекуграничен пренос на аерозагадувањето) во февруари 2022година.

Пресметките се во согласност на Упатствата на ЕМЕП/ЕЕА за инвентаризација на емисии во воздухот од 2009, 2013, 2016 и 2019 година. Во упатствата се дадени емисиони фактори кои се користени во пресметките со исклучок на енергетскиот сектор каде пресметките се направени со користење на национални специфични фактори или примена на податоците од извршените мерења за период 2008-2020 година за оваа загадувачка супстанца за NFR категоријата 1.А.1а, која се однесува за постројки за производство на електрична и топлинска енергија.

  • Извор за користената методологија

Методологијата која се користеше при пресметка и приказ на овој индикатор е дадена во EMEP/EEA Упатствата за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух од 2009, 2013, 2016 и 2019 година кои можат да се најдат на следните линкови (http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2009http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2013http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2016 и https://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2019).

Цели

Во согласност со барањата од националните и меѓународните документи во однос на емисијата на јаглерод моноксид зацртани се следните цели:

  1. Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на загадување на воздухот
    • воведена е инвентаризација по EMEP/EEA Упатството за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух, која како цел има редовна инвентаризација на јаглерод моноксид, во килотони на година, по принципот n-2, каде n е тековната година .
Обврска за известување
  • Обврските за известување кон меѓународни договори-Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на аерозагадувањето (CLRTAP), како и Европската агенција за животна средина (ЕЕА)
  • Годишен извештај од обработени податоци за емисии во воздухот
  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Воздух Поврзаност со други теми/сектори Климатски промени, Домаќинства, Отпад, Енергија,Транспорт, Здравство,Индустрија
Код на индикаторот MK НИ 050 – 5 Временска покриеност 1990-2020
Име на индикаторот Емисија на основни загадувачки супстанци – јаглерод моноксид (CO) Извор на податоци Министерство за животна средина и просторно планирање, Инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздухот за период 1990-2018 година.
Класификација по ДПСИР П Датум на последна верзија 25.07.2022
Тип A Подготвено/ ажурирано од: Павле Малков
Александра Н.Крстеска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта:
p.malkov@moepp.gov.mk
A.Krsteska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 050-5Емисија на основни загадувачки супстанции – јаглерод моноксид (CO) EEA – Европска агенција за животна средина IND-366/CSI 040, AIR 005
Emissions of the main air pollutants in Europe
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа A1/5 – Emissions of pollutants into the atmospheric air
Каталог на индикатори за животна средина 32 – Emissions of the main air pollutants in Europe (EEA_CSI040/APE010)
SDG – Цели за одржлив развој 3 – 3.9.1: Mortality rate attributed to household and ambient air pollution
9 – 9.4.1: CO2 emission per unit of value added
11 – 11.6.2: Annual mean levels of fine particulate matter (e.g. PM2.5 and PM10) in cities (population weighted)
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не
14.11.2022