Ќе се регулира речното корито на Боговинска Река

Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини заедно со амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан и градоначалникот на Боговиње, Бесник Емшиу, учествуваа на настанот за означување на почетокот на работите за регулација на речното корито на Боговинска Река  во Општина Боговиње.

Ќе се регулира речното корито на Боговинска Река

 

Проектот се реализира со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

- Република Северна Македонија е земја подложна на природни непогоди и особено е подложна на ризик од поплави. За да се надминат можните последици од вакви непогоди, швајцарската Влада воспостави Програма за подобрување на отпорноста/флексибилноста кон поплавите во Полошкиот Регион. Основната цел на Програмата е да се поттикнат промени во управување со ризикот од поплави на национално ниво, односно на ниво на речен слив – рече во таа прилика министерот Нуредини.

Програмата ги дефинира најкритичните места за интервенција со структурни мерки преку изградба на нови регулирани речни корита, меѓу кои е и Боговинска Река.  Предвидено е интервенциите што се веќе започнати, да се изведуваат во две фази, а се очекува да се завршат за 6 месеци. Ова ја вклучува и Боговинска Река, чија регулација чини 1,2 милиони евра.

Воедно, Министерот најави дека наредната недела ќе почнат градежните работи за спроведување на мерки за структурна и биоинженерска заштита од поплави во с. Шипковица во општина Тетово, за кои Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедува ко-финансирање од околу 10 милиони денари (10,162,000 МКД) или 49% од вкупниот износ.