Реџепи: Заедно можеме да изградиме одржлива, чиста и просперитетна иднина за нашата планета

Државниот секретар за животна средина и просторно планирање Неби Реџепи, имаше обраќање на Панел дискусијата насловена како: „Паметно енергетско планирање – Предизвици и можности за Македонија“.

Nebi Rexhepi 1Во своето обраќање тој истакна дека во време на соочување со предизвиците на климатските промени, намалените ресурси на фосилни горива и напорите за намалување на емисиите на стакленичките гасови, транзицијата кон обновливи извори на енергија, како што се фотоволтаиците и ветерниците е од суштинско значење и не претставува само избор туку императив. Денес, кога се наоѓаме на крстопат каде што нашите одлуки ќе имаат трајно влијание врз животната средина, нашето општество и економијата, правилното планирање на просторот и заштитата на животната средина, природата и здравјето на луѓето мора да биде приоритет на нашите напори.

При тоа тој нагласи дека мудрото енергетско планирање е повеќедимензионален процес кој бара хармоничен спој на различни аспекти поради што секогаш мора да се внимава искористувањето на истиот простор и истите ресурси да не доведе до конфликтни ситуации, туку тоа да биде усогласено и хармонизирано во една заедничка развојна политика – нешто што најдобро се постигнува преку просторното планирање.

Nebi Rexhepi 1Тој информираше дека изработката на Просторниот план на Државата, чија задача е да го постигне токму тоа, е во тек и дека истиот ќе биде поткрепен од новиот Закон за просторно планирање чиј текст во моментов е во нацрт фаза.

Во својот завршен дел тој потенцираше дека паметното енергетско планирање, кое го зема просторното планирање како основа, е единствениот пат напред. Тоа е пат кој бара предвидливост, посветеност и соработка од сите нас – владините институции, невладините организации, научната фела, граѓанскиот сектор, дипломатскиот кор и инвеститорите. Само заедно можеме да изградиме одржлива, чиста и просперитетна иднина за нашата планета.