На денешниот состанок на Секторската работна група за животна средина и климатска акција со која претседава министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, се разговараше за секторските приоритети и реформи во оваа област што треба да се спроведат на краток и среден рок, земајќи ги предвид релевантните стратегии во секторите, стратешкиот одговор и релевантни цели и индикатори.
- Северна Македонија вложува значителни напори за усогласување на своето законодавство и системи со законодавството и политиките на ЕУ за животната средина и клима – истакна Нуредини во воведното обраќање, нагласувајќи дека отворањето на пристапните преговори со ЕУ ќе го интензивира процесот на усогласување на законодавството и ќе стави нов фокус на спроведувањето.
Според секторските стратегии на МЖСПП што се усогласени со меѓународните договори, и со регионалните стратешки документи, пред се со „Зелениот договор“ и „Зелената агенда“ за Западен Балкан, како приоритетни цели што треба да ги постигне се посочени: Оптимизација на управувањето со водите и намалување на влијанието на цврстиот отпад врз животната средина; Зачувување, обновување и управување со природните ресурси и промовирање на нивната одржлива употреба; Намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот и подобрување на отпорноста на влијанијата од климатските промени и Подобрување на креирањето политики и спроведувањето на законите.
Проценетите трошоци за усогласеност со релевантното законодавство на ЕУ за целиот еколошки сектор се големи и инструментот за претпристапување ќе игра значајна улога во обезбедувањето финансиска поддршка заедно со државниот буџет, мегународните финансиски институции и други донатори.
Целта на состанокот беше не само да се информираат меѓународните донатори и донаторските институции за секторските приоритети, туку и да се повикаат на активно вклучување и пооддршка во постигнувањето на поставените цели.