Предлог на Одлука за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел

 

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ

                           

Предлог на Одлука

за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел

   

Скопје, Септември2021 година

 

Врз основа на член 92 став (2), а во врска со член 96 став (3) од Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/04, 14/06, 84/07, 35/10, 47/11, 148/11, 59/12, 13/13, 163/13, 41/14, 146/15, 39/16, 63/16, 113/18 и 151/21), Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на ______________ донесе
Одлука
за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

 

Со оваа одлука се прогласува дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности и природни убавини.

 

Член 2

Називот на заштитеното подрачје е „Заштитен предел – Малешево“.

 

Член 3

Категоријата на заштитеното подрачје e Категорија V – Заштитен предел.

 

Член  4

Со прогласувањето на „Заштитен предел – Малешево” се овозможува:

- зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности;

- спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите;

-  создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство;

-  одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.

 

II.  ГРАНИЦИ НА РАСПРОСТРАНУВАЊЕ

Член  5

 

(1) Границата на „Заштитен предел – Малешево“ почнува на север од место викано (м.в.) Понорница во кота 1577 метри н.в., која што се наоѓа на самата граница помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Потоа границата се спушта на југозапад до изохипса од 1500 метри н.в. и продолжува кон југ следејќи ја изохипсата се до м.в.  Понорница. 

Од овде границата следејќи го патот се спушта кон запад до 1400 метри н.в. и следејќи ја суводолицата ја сече Блатечка река на 1280 метри н.в. 

Од овде на југ по суводолицата  границата се искачува до м.в. Обајата од каде што по суводолицата се спушта во Виничка река и ја сече во непосредна близина на шумскиот пат на 1260 метри н.в. 

Границата ја следи Виничка река низводно во суводолицата од каде што по сувдолицата се искачува на кота 1551 метри н.в. 

Потоа границата продолжува на југ спуштајќи се по сртот до 1400 метри н.в. и ја следи оваа изохипса кон југ и на 1400 метри н.в. ја сече реката Желевица. 

Од овде границата продолжува на југ по суводолицата до 1650 метри н.в. под врвот Орловец, кадешто свртува кон запад и оди до кота 1376 метри н.в.

 

Границата потоа се спушта во југозападен правец и ја сече Негревска река во спојувањето на двата потоци кој што ја прават Негревска река, од каде границата свртува кон југ по сртот и се качува на кота од 1384 метри н.в., а потоа и на кота 1409 метри н.в.

Следејќи ја патеката границата продолжува кон југ заобиколувајќи го м.в. Јудови Ливади на 1400 метри н.в. и се спушта кон југ по суводолицата под кота 1332 метри н.в. и ја сече Пехчевска река на 1040 метри н.в.

Границата го следи шумскиот пат кај м.в. Скалите и врти на југ во близина на м.в. Градиште и минува низ кота 1396 метри н.в, а потоа низ кота 1332 метри н.в. и по сртот продолжува на југ минувајќи низ кота 1243 метри н.в. и кота 1175 метри н.в. 

Од таму границата се спушта по сртот до река Брегалница и ја следи реката по нејзиниот тек кон југозапад се до вливот на потокот Чардаџиски андак во реката Брегалница, од каде границата почнува да го следи потокот Чардаџиски андак до првата суводолица и следејќи ја суводолицата се искачува на кота од 1353 метри н.в. кај м.в. Црн Галов Чукар, 

од каде што по сртот и патеката границата продолжува да се движи во правец југоисток најпрво до кота 1352 метри н.в., а потоа до кота 1404 метри н.в. 

Од таму границата продолжува на исток по шумскиот пат до кота 1490 метри н.в. кај м.в. Пецов Чукар. 

Границата оттаму го менува правецот и по сртот се упатува кон југозапад до кота 1437 метри н.в. и продолжува до кота 1353 метри н.в. кај м.в. Драколов Чукар од каде што границата го следи патот кој оди по сртот кон југ и минува низ кота 1307 метри н.в. и по истиот пат се спушта до кота 1182 метри н.в. кај м.в. Белен.

Границата следејќи го патот се спушта на Клепалска Река и го следи асфалтниот пат кој што води до Беровско Езеро. 

Границата го заобиколува Беровското Езеро од неговата источна страна и минува низ м.в. Пипонски Лаки од каде што продолжува на југозапад покрај м.в. Шабански Преслап минувајќи низ кота 1117 метри н.в., од каде што по сртот се искачува прво до м.в. Лешки, а потоа и до м.в. Рабаџиов Чукар на 1299 метри н.в.

Од таму границата го следи патот кој води кон југ минувајќи низ кота 1339 метри н.в. и стигнува до м.в. Бабин Чукар и продолжува на југоисток по сртот до м.в. Манов Чукар (1399 метри н.в.). 

Следејќи го сртот границата продолжува кон исток до м.в. Шуманова Чука, а потоа и до кота упатува кон север до м.в. Влаов Чукар (1356 метри н.в.), продолжувајќи кон исток по шумскиот пат до кота 1366 метри н.в., која што се наоѓа на границата помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и од овде границата на заштитеното подрачје ја следи нацоналната граница кон север и завршува во кота 1577 метри н.в. кај м.в. Понорница.

(2) Вкупната површина на „Заштитен предел – Малешево“ изнесува  11460.89 хектари.

(3) Картографскиот приказ со границите на „Заштитен предел – Малешево“ е даден во Прилог 1 кој е составен дел на оваа одлука.

III. РЕЖИМ НА ЗАШТИТА

Член  6

Во „Заштитен предел – Малешево“ се востановуваат следните зони:

  • Зона за строга заштита;
  • Зона за активно управување  и
  • Зона за одржливо користење.

(2) Картографскиот приказ со границите на зоната за строга заштита, зоната за активно управување и зоната за одржливо користење на Заштитен предел  – Малешево е даден во Прилог 2, кој е составен дел на оваа одлука.

Член 7

(1)  Зона за строга заштита (во натамошниот текст: ЗСЗ) претставува дел од заштитеното подрачје со највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики.

 (2) Зоната за строга заштита зафаќа најмала површина од заштитеното подрачје и истата е поделена на 14 помали локалитети со следните површини:

ЗСЗ 01 – Локалитет – (Кадиица) со површина од 42.60 хектари; 

ЗСЗ 02 – Локалитет – (Трешчен Камен) со површина од 13.26 хектари;  

ЗСЗ 03 – Локалитет – (Пехчевска Река) со површина од 116.47 хектари; 

ЗСЗ 04 – Локалитет – (Еленско Блато) со површина од 13.17 хектари;

ЗСЗ 05 – Локалитет – (Требомирска Река) со површина од  41.10 хектари; 

ЗСЗ 06 – Локалитет – (Крива Река – Љутачка Река) со површина од 14.49 хектари;

ЗСЗ 07 – Локалитет – (Бојчова Ливада) со површина од 1.34 хектари

ЗСЗ 08 – Локалитет – (Мљечначка Река-Стредњачка Река) со површина од 5.64 хектари;  

ЗСЗ 09 – Локалитет – (Ченгино Кале) со површина од  7.58 хектари;  

ЗСЗ 10 – Локалитет – (Извори на Брегалница) со површина од 107.25 хектари;  

ЗСЗ 11 – Локалитет – (Пецов Чукар – Дупев Андак) со поврпина од 34.12 хектари;  

ЗСЗ 12 – Локалитет – (Мурите) со површина од 74.34 хектари;  

ЗСЗ 13 – Локалитет – (Амбариска Река) со површина од 21.98 хектари;

ЗСЗ 14 – Локалитет – (Заменичка Река) со површина од 26.94 хектари.

(3) Вкупната  површина на зоната на  строга заштита на „Заштитен предел – Малешево“ изнесува 520,27 хектари или 4,54% од вкупната површина на заштитеното подрачје.

(4) Во зоната за строга заштита не треба да се спроведуваат активности со кои се загрозува изворноста на природата и нарушува природната рамнотежа. 

(5) Заради одржување на карактеристиките на зоната за строга заштита субјектот надлежен за управување со  заштитеното подрачје е должен да обезбеди постојан мониторинг.

(6) Во зоната за строга заштита дозволени се научно-истражувачки активности согласно членот 24 од Законот за заштита на природата доколку тие не се во спротивност со примарните цели на заштита на подрачјето,  по претходно добиена дозвола од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата во соработка со субјектот надлежен за управување со заштитеното подрачје.

Член 8

(1) Зоната за активно управување (во натамошниот текст: ЗАУ) претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот. 

(2) Зоната на активно управување се наоѓа околу површините на зоната за строга заштита и истата е поделена на десет одделни локалитети со следните површини: 

ЗАУ 01 – Локалитет – (Кадиица) со површина од 304.78 хектари;  

ЗАУ 02 – Локалитет – (Еленско Блато) со површина од 85.80 хектари;  

ЗАУ 03 – Локалитет – (Требомирска Река) со површина од 4.00 хектари; 

ЗАУ 04 – Локалитет – (Крива Река – Љутачка Река) со површина од 23.18 хектари; 

ЗАУ 05 – Локалитет – (Бојчова Ливада) со површина од 5.59 хектари; 

ЗАУ 06 – Локалитет – (Мљечначка Река – Стредњачка Река) со површина од  17.70 хектари; 

ЗАУ 07 – Локалитет – (Ченгино Кале) со површина од 113.49 хектари; 

ЗАУ 08 – Локалитет – (Мурите) со површина од  60.37 хектари;  

ЗАУ 09 – Локалитет – (Амбариска Река) со површина од 39.99 хектари;  

ЗАУ 10 – Локалитет – (Заменичка Река) со површина од 67.70 хектари.  

(3) Вкупната површина на зоната за активно управување изнесува 722,61 хектари или 6,31% од вкупната површина на заштитеното подрачје. 

(4) Во зоната за активно управување може да се вршат активности на управување кои се однесуваат на манипулирање со живеалишта и со видови.

(5) Во зоната за активно управување дозволено е спроведување на активности кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштита на „Заштитен предел – Малешево“ како екотуризам и традиционално екстензивно земјоделство и активности кои се вршат согласно Планот за управување со „Заштитен предел –Малешево“.

Член 9

(1) Зоната за одржливо користење (во натамошниот текст: ЗОК) претставува значителен дел од заштитеното подрачје која не поседува високи вредности за заштитата, каде што се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште.

(2) Зоната за одржливо користење не е поделена на помали локалитети и претставува интегрална целина, која зафаќа површина од 10218,02 хектари или 89,16% од површината на заштитеното подрачје.

(3) Во зоната за одржливо користење дозволени се активностите од зоната за строга заштита од членот 7 од оваа одлука и зоната за активно управување од членот 8 од оваа одлука, како и активности кои се дозволени согласно Планот за управување со „Заштитен предел – Малешево“.

IV.  УПРАВУВАЊЕ

Член 10

Со „Заштитен предел – Малешево“  управува Јавното Претпријатие за стопанисување  со државни шуми ,,Национални Шуми”, со потполна одговорност – Скопје.

Член 11

Јавното Претпријатие за стопанисување со државни шуми ,,Национални Шуми”, со потполна одговорност – Скопје е должно на територијата на „Заштитен предел – Малешево“ да ја спроведува заштитата на природното наследство преку:

  • воспоставување режим на заштита на заштитеното подрачје;
  • преземање мерки за заштита на утврдените зони во заштитеното подрачје;
  • изработка и донесување на Планови за управување со заштитен предел согласно членот 85 од Законот за заштита на природата и Годишни програми за заштита на природата, согласно членот 98 од Законот за заштита на природата;
  • мониторинг на состојбата со природните вредности;
  • спречување на штетни активности од физички и правни лица во заштитеното подрачје, односно обезбедување максимално поволни услови за заштита и унапредување на природата;
  • заштита и зачувување на природните живеалишта од национално и меѓународно значење;
  • заштита и зачувување на билошката разновидност од национално и меѓународно значење;
  • заштита и зачувување на пределската разновидност;
  • заштита и зачувување на специфичните геоморфолошки форми;
  • утврдување на компонентите на биолошката и пределската разновидност и идентификација на заканите;
  • водење евиденција и документација за природните вредности на заштитеното подрачје  (изработка на инвентар за живеалишта, диви видови, геодиверзитет и предели);
  • одржливо користење на природното богатство во интерес на сегашниот и идниот развој;
  • создавање услови за развој на туризмот во согласност со принципот на одржлив развој;
  • остварување на културни, научни, образовни и рекреативни цели, кои во исто време ја одржуваат природната состојба на заштитниот предел;
  • поттикнување на научно-истражувачката работа преку проучувања и истражувања на природните вредности, кои се од интерес за заштита на заштитеното подрачје;
  • издавање на информативен и пропаганден материјал за природните вредности на заштитеното подрачје;
  • подигање на јавната свест, особено во воспитно-образовниот процес за заштита на заштитеното подрачје и
  • вршење на други работи кои придонесуваат за заштита на природните вредности на заштитеното подрачје.

V. ЧУВАРСКА СЛУЖБА

Член 12

Непосредната заштита на „Заштитен предел – Малешево“ ја спроведува чуварска служба, формирана од Јавното Претпријатие за стопанисување со државни шуми ,,Национални Шуми”, со потполна одговорност – Скопје, согласно членот 108 од Законот за заштита на природата.

VI.ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 13

 

Јавно претпријатие за стопанисување со државни шуми ,,Национални шуми”, со потполна одговорност – Скопје во рок од еден месец од денот на влегување во сила на оваа одлука, на својата веб страница ќе ја објави границата на Заштитениот предел Малешево, со надворешни и внатрешни граници (зони) во државен референтен систем и државна картографска проекција.

Член 14

(1) Планот за управување со „Заштитен предел – Малешево“ се донесува во рок од две години од влегувањето во сила на оваа Одлука.

(2) До донесување на Планот за управување од ставот (1) од овој член, Jавно претпријатие „Национални шуми“, со потполна одговорност – Скопје подготвува годишна програма за заштита на природата во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овaа одлука.

(3) До донесувањето на Планот за управување од ставот (1) на овој член активните економски субјекти на подрачјето на „Заштитен предел – Малешево“, продолжуваат да ги вршат активностите во согласност со претходно добиените дозволи, лиценци, склучените договори и/или утврдените планови за работа, во соработка со Јавното Претпријатие за стопанисување со државни шуми ,,Национални Шуми”, со потполна одговорност – Скопје.

Член  15

Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република  Северна Македонија”.

 

 

Предлог Одлука Малешево мкд

 

 

 

Бр.________  Претседател на Владата на Република Северна Македонија

                       Зоран Заев, c.р

__.__.2021 година
Скопје