Оџаклиеска: Се стремиме кон постигнување повисоки стандарди за добро управување со хемикалиите

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска имаше поздравно обраќање на отворањето на 26-от Конгрес на хемичарите и технолозите на Македонија што деновиве се одржува во Охрид.26 Kongres hemicari

Според неа, глобалната изложеност на загадувачи стана третата планетарна криза, покрај климатските промени и губењето на биолошката разновидност, која ја загрозува иднината на нашата планета, и додаде дека одржливото управување со хемикалиите и отпадот сега се смета за основен камен-темелник во целите за одржлив развој, утврдени во Агендата за одржлив развој за 2030 година.26_Kongres hemicari

- Во таа насока, на национално ниво целосно се обврзавме на декарбонизирана иднина со потпишување на Софиската декларација за зелената агенда за Западен Балкан и Парискиот договор, но и со ратификацијата на конвенциите како Базел, Стокхолм, Ротердам и Минамата, кои се занимаваат со хемикалии и отпад. Министерството за животна средина и просторно планирање, воедно, изработи голем број стратешки документи поврзани со доброто управување со хемикалиите и отпадот кои се сметаат за водич за спроведување на акции за намалување и елиминација на опасните хемикалии. Исто така, нашата држава од 2006 година е посветена на имплементацијата на Стратешкиот пристап за управување со хемикалии (SAICM), на национално и на регионално ниво, вложувајќи многу напори за воведување нов пристап кон постигнување повисоки стандарди за добро управување со хемикалиите – истакна заменик министерката Христина Оџаклиеска.26_Kongres_hemicari

Конгресот на хемичарите и технолозите на Македонија се одржува на секои 2 години, а го организира Технолошко-металуршкиот факултет во соработка со Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет и Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Истиот има меѓународен карактер, а целта е размена на знаења од областа на хемијата и технологијата и нивните сродни науки.