Оџаклиеска на состанок за текот на спроведувањето на обврските на ОБСЕ од областа животна средина и безбедност

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска учествуваше на состанокот за имплементација на одлуките од економската и еколошката димензија за 2023 година на Организацијата за безбедност и соработка на Европа  – ОБСЕ во областа на животната средина и безбедноста.OSCE

Во воведното обраќање на сесијата посветена на прегледот на спроведувањето на обврските на ОБСЕ, Оџаклиеска потенцираше дека во нашата држава ОБСЕ има промовирано ефикасни алатки за одржлив развој и активно ја поддржува имплементацијата на неколку мултилатерални еколошки договори, како што се Архуската конвенција, Конвенцијата Еспо, Протоколот за стратегиска оцена на животната средина и други.

Сите овие активности имаат значително влијание врз постигнувањето на целите за одржлив развој, особено на оние кои се однесуваат на заштитата на животната средина, управувањето со водните ресурси, намалувањето на ризикот од катастрофи и адаптацијата на климатските промени, како и во подигнувањето на јавната свест за еколошките прашања и во остварување на правата од областа на животната средина преку поддршка на формирање и функционирање на Архус центарот во Скопје.

На состанокот земаа учество високи претставници од земјите учеснички во ОБСЕ, одговорни за меѓународната економска и еколошка политика, претставници од Парламентарното собрание на ОБСЕ и Партнерите за соработка на ОБСЕ, а меѓу другото, се  дискутираше и за поттикнување на доброто владеење и борба против корупцијата од областа на животната средина, како и за зајакнување на соработката во справување со заканите за животната средина.