Остварена средба на министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини со претставници од Европската банка за обнова и развој

Minister_EBRD1Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини одржа работна средба со  директорот Анка Јоана Јонеску и претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), канцеларијата во Северна Македонија.

На средбата беше потврдена досегашната поддршка и соработка на Министерствотоза животна средина и просторно планирање и Европската банка за обнова и развој, како и заложбата за понатамошно развивање на соработката во областа на животната средина. Директорката Јонеску, информираше за неодамна одобрената нова Стратегија за Северна Македонија за нивниот ангажман во земјава во периодот од 2019 до 2024 година.

Според Стратегијата, стратешките приоритети на ЕБОР за следните пет години во земјава се поддршка на конкурентноста преку подобрување на синџирите на вредности, надградба на вештините на работната сила и зајакнување на управувањето, јакнење на регионалната интеграција, „меко” поврзување и поддршка на приближувањето кон ЕУ и поддршка на транзицијата кон зелената економија преку поодржливи енергетски комбинации и поголема ефикасност на ресурсите.

Од особено значење беше и разговорот за проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води за градот Скопје, кој треба да се финансира со средства од ЕБОР и ЕИБ, а договорот за истиот треба да се склучи во 2020 година.

Исто така, се разговараше и за поддршката која Банката ја обезбедува во секторот отпад и регионалното решавање на проблемите со отпадот во Република Северна Македонија.

Министерот Нуредини ја потврди досегашната добра соработка, со уверување дека таквата соработка ќе продолжи и во иднина со цел успешна реализација не само на овие туку и на многу други идни проекти со цел заштита на животната средина и подобрување на живото на граѓаните.