Населбата ,,Мило” во Берово ќе добие канализација и ќе се поврзе со колекторскиот систем во градот

reka_berovo_korito(24 јули 2019г.) Започна изградбата на нова канализациска мрежа за отпадни води, за населба „Мило” во Берово. Согласно предвиденото, од Општината, велат дека оваа населба, конечно ќе добие канализација и ќе се поврзе со колекторскиот систем во градот, а ќе бидат опфатени и делови од околното градежно земјиште, каде што во иднина би можеле да изникнат, нови семејни куќи.

-Со тоа ќе се надмине долгогодишниот проблем на жителите од оваа населба и ќе им се подобрат условите за живот, преку што, ќе ја заштитиме и животната средина. Новиот колекторски систем ќе помине од другата страна на река Брегалница, кај просториите на Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга”, со цел да бидат опфатени што поголем број на парцели, кои се наоѓаат во градежниот реон, со што ќе бидат поврзани на веќе постоечкиот систем кај Кафтански мост, на река Брегалница, велат од Општината.

Согласно програмата за уредување на градежно земјиште на Одделението за комунални дејности, изведувачот е веќе воведен во градба, а пообемните градежни работи, како што дополнија, ќе почнат во наредниот период.

Средствата во износ од 3 милиони и 500 илјади денари, за реализација на овој проект, се обезбедени од Министерство за животна средина, со кофинансирање од општинскиот буџет.