Изработена нова методологија за изработка на просторни планови во Република Северна Македонија

Во рамките на подготвителните активностиза изработка на новиот просторен план на државата, а согласно Договорот за изработка на Просторен план на Република Северна Македонија – подготвителни активности, склучен помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање – како носител на активноста и Агенцијата за планирање на просторот – како изработувач, Агенцијатаза планирање на просторот во месец ноември 2020 год. достави до Министерството „Методологија за изработка на просторни планови во Република Северна Македонија“.

Потребата за изработка на оваа нова Методологија произлезе од фактот што постојната, според која е работен постојниот и сè уште важечки Просторен план на Република Македонија, е стара (од 1975 год.) и не одговара на современите услови и потреби за правилен одржлив развој на земјата.

Оваа нова Методологија ќе претставува основа за изработката на нов, современ и корисен Просторен план кој ќе може соодветно да одговори на тековните и идните состојби кои се одвиваат во просторот, но во исто време и ќе претставува основа за конципирање на новиот Закон за просторно планирање кој ќе претставува легислативна поткрепа на просторните политики предвидени во Планот.

Оваа Методологија е ориентирана кон примена на најновите сознанија и искуства од науката и праксата од оваа област. Во изминатите децении, иновативните пристапи во просторното планирање предизвикаа нови идеи и согледувања за просторот и локацијата со грижа за негово одржливо користење и управување. Методологијата, базирана на креативност и иновативност, промовира пристап прилагодлив на брзите и зачестени промени и потреби на современиот човек во користењето и управувањето со просторот.

Европските и светските трендови во просторниот развој на национално и меѓународно ниво подразбираат нов пристап насочен кон интернационализација на сопствените знаења и вештини и приклучување кон светската класа на вредности на одржливиот развој на националниот простор како интегрален дел од европскиот и светскиот простор.