ИЗВЕШТАЈ од јавна расправа по Нацрт на Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категоријата III – Споменик на природата

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на ден 14.09.2023 година во општина Охрид одржа Јавна расправа за Нацрт на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата. Согласно член 95 став 2 од Законот за заштита на природата, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата по одлуката на Владата ја спроведува јавната расправа по предлогот. Јавната расправа се спроведува на подрачјето на општината на чија што територија се наоѓа заштитеното подрачје. Истата се одржа со цел за транспарентност и вклучување на засегнатите страни и локалното население во понатамошниот тек на постапката за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје.

На јавната расправа учествуваа претставници од: општина Охрид, општина Дебарца, преставник од Канцеларијата на УНЕП во Виена (online), Даниел Богнер, меѓународен експерт и изготвувач на Студијата за валоризација на Споменик на природа Охридско Езеро,кој бил ангажиран од Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН); ЈУ НП Галичица, ЈП Колекторски систем – Скопје, Еколошко здружениеОхрид SOS, Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“,Институт за Еколошко-биолошко истражување „Натура Друштво за заштита на природата на Македонија, Здружение на природни национални богатства, „Фри Пас Охрид Алтернативен туризам“, АД ЕСМ ХЕЦ „Црн Дрим Струга“, Заедница на МК ЈУ НП Галичица, ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид Регионален зелен центар Охрид, Фондот за доверба во Охридско-Преспанскиот регион, Еко Лаг – Охрид и др.

Организатор на јавната расправа за Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата е Министерството за животна средина и просторно планирањево соработка со Општина Охрид. Јавната расправа ја отвори и водеше модератор Андон Бојаџи.

Воведниот дел на јавната расправа започна со јавно обраќање на Министерот за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова во кој посочи дека донесување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III- споменик на природата e од исклучително значење со кој ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствен природен феномен во согласност со одредбите на Законот за заштита на природата и критериумите и стандардите на IUCN. Со законот ќе се создадат услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Со воведно обраќање до засегнатите страни и пошироката јавност по основ на Нацрт на законот за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата се обрати и Секретарот на општина Охрид, и преставник од Канцеларијата на УНЕП во Виена, Соња Геберт, кои исто така ја истакнаа својата заложба за давање силна подршка на процесот на ревалоризација на Охридското Езеро за зштитено подрачје – Споменик на природата и ја изразија својата силна решителност и институционална кохезија во насока на заштита на инзворедните природни вредности на Охридското Езеро поради своите уникатни светски природни и културни вредности како и геоморфоошките и хидролошките карактеристики. Донесувањето на Законот е голем исчекор од аспект на спроведување на обврските од националното законодавство, но и исполнување на ЕУ обврските во однос на заштитата на видовите и живеалиштата од европско значење, како и обврските кон меѓународните конвенции и договори ратификувани од нашата земја а се поврзани со заштита на природата.

Студијата за валоризација на Охридското Езеро ја презентираше Даниел Богнер – тим лидер на експертскиот тим кој учествувал во изготвувањето на студијата., Тој истакна дека Охридското Езеро е место со исклучителна важност поради своите уникатни природни и културни вредности. Ваквата констатација се заснова на направената проценка на расположливите податоци и документи, како и на консултации со засегнати страни. Сепак, езерото има ограничен капацитет на еколошка носивост кога станува збор за влијанието на човекот. Затоа, Охридското Езеро треба повторно да се прогласи за заштитено подрачје во категоријата „Споменик на природата“ според Законот за заштита на природата.

Претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање ја презентираа Нацрт верзијата на предлог законот за прогласување на Охридското езеро за заштитено подрачје, начинот на управување, досегашни превземени активности и идни активности.

По завршување на презентациите, јавната расправа продолжи со поставување на прашања, забелешки и коментари на претставници на повеќе граѓански здрруженија (Трајче Талевски – СОС и Институт за Еколошко-биолошко истражување „Натура“,Искра Стојковска и Ања Ѓорѓиевска – Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“, Сашо Кировски-Здружение на природни национални богатства, Борис Ставревски- Заедница на МК, Лазо Наумовски-Екологист, Слафко Милевски-АД ЕСМ ХЕЦ „Црн Дрим Струга“).

Забелешките од претходнонаведените претставници се однесуваа против одредени законски одредби, особено против решението за формирање на Јавното претпријатие кое ќе управува со Охридското езеро, како и забелешки по однос на студијата.

Во врска со забелешката за Јавното претпријатие кое ќе управува со Охридското езеро, претставниците од МЖСПП се произнесоа со мислење дека истото ќе се формира од страна на Владата согласно член 17 став (1) од Законот за јавни претпријатија. Јавно претпријатие за управување, формирано од страна на Владата, исто така може да биде ефикасен модел на управување со доследно следење на законските одредби со целосна посветеност на заштитата на природните вредности при донесувањето на одлуки. Во моментот се работи за две одвоени постапки за прогласување на заштитени подрачја кои МЖСПП ги спроведува согласно Законот за заштита на природата и тоа за Студенчишко Блато и Охридско Езеро. Интенција на Министерството за животна средина и просторно планирање кога ќе бидат во функција двате заштитени поддрачја да се спојат управните тела на Студенчишко Блато и Охридско Езеро како Рамсар подрачје во некое идно догледно време.

Во врска со забелешката којашто се однесува на Студијата за валоризација на Охридското езеро, претставниците на МЖСПП се произнесоа со мислење дека во периодот 2020-2021 година е изготвена студијата во рамки на ГЕФ/УНЕП Проектот: “Постигнување заштита на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и одржување на биодиверзитетот во планирање на користење на земјиштето” (STAR 5), во соработка на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) во Виена и Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) со седиште во Белград, а во координација на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Студијата беше изготвена врз основа на најдобри пракси користени од страна на ИУЦН, како најеминентна и меѓународно призната организација за заштита на природата во светот,којапосветено работи на заштита и зачувување на природата во период од неколку децении.

Студијата е изготвена во согласност со Законот за заштита на природата и Правилникот за содржината на студијата за валоризација и ревалоризација на заштитени подрачја (Службен весник на РМ. бр. 26/2012) .

При изработка на Студијата беа земени во предвид постоечките податоци/леери за природното наследство на Охридското Езеро и беа направени консултации со еминентни научни институции (Хидробиолошки завод-Охрид) и експертска невладина организација со долгогодишно искуство во спроведување на оценки на билошката разновидност и изработка на студии за валоризација ревалоризација на заштитеното подрачје.

Преставник од МЖСПП наведе дека Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро произлегува од Законот за заштита на природа, кој е lex specialis во областа на заштита на природата. Структурата на Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро е пропишана со член 92 став (7) од Законот за заштита на природата и содржи: назив на заштитеното подрачје или природната реткост, категорија на заштита за заштитеното подрачје, географски карактеристики и други основни обележја, картографски приказ со граници на заштитеното подрачје и границите на зоните, типови на зони во заштитеното подрачје, режим на заштита, субјект кој ќе управува и други прашања утврдени со актот за прогласување.

Јавната расправа заврши со обраќањето на Мирјам – Де Коинг , Изврше ент директор на Фондот за природа .Преспа-Охрид (ПОНТ). Таа упати честитки до МЖСПП и Општина Охрид, нагласувајќи дека има напредок во заштитата на природата и дека ПОНТ ќе обезбеди 50% од оперативните трошоци за идниот субјект за управување со Споменик на природа Охридско Езеро, но најпрво треба да се изработи и донесе План за управување со ова заштитено подрачје. Мирјам Де Коинг го поддржа процесот за прогласување на Охридско езеро за споменик на природа.

По завршувањето на јавната расправа преставниците од МЖСПП укажаа дека следува предвидениот законски рок од 10 (десет) работни дена, рок во кој засегнатите страни може да достават дополнитени забелешки и коментари до МЖСПП по основ на Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на ден 15.09.2023 година во општина Струга одржа Јавна расправа за Нацрт на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата. Согласно член 95 став 2 од Законот за заштита на природата, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата по одлуката на Владата ја спроведува јавната расправа по предлогот. Јавната расправа се спроведува на подрачјето на општината на чија што територија се наоѓа заштитеното подрачје. Истата се одржа со цел за транспарентност и вклучување на засегнатите страни и локалното население во понатамошниот тек на постапката за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје.

Организатор на јавната расправа за Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата е Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Општина Струга. Јавната расправа ја отвори и водеше модератор Андон Бојаџи.

На јавната расправа учествуваа претставници од: општина Струга, преставник од Канцеларијата на УНЕП во Виена (Соња Геберт), Даниел Богнер, меѓународен експерт и изготвувач на Студијата за валоризација на Споменик на природа Охридско Езеро, ангажиран од ИУЦН , ЕЛЕМ-ХЕС„Црн Дрим“-Струга, АД „ЕСМ“-подружница Сруга, Здружение за развој и активизам „Аквс“ Струга и МЕД.

Јавната расправа ја отвори Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Неби Реџепи кој се осврна и го кажа значењето и оправданоста на процесот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија Споменик на природата.

Исто така тој истакна и дека во интерес за секоја земја заради социо-економскиот развој е да се прогласуваат повеќе заштитени подрачја и истите да се користат рационално и одржливо. Соодветно користење на екосистемските услуги што ги пружаат заштитените подрачја се од големо значење за локалното население и локлалната економија. Концептот на заштитени подрачја, нивното соодветно управување и развојот на плаќањето на екосистемските услуги се важни за воспоставувањето на модел за одржливо користење на природните ресурси, но и одржување на екоситемите.

Потоа со воведно обраќање кон засегнатите страни и пошироката јавност се обрати и Претседателот на Советот на општина Струга, Арбереша Влашикоја го истакна значењето на предлогот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје и изготвувањето Нацрт Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата со што ќе се овозможи заштита, соодветно управување и зачувување на природните вредност на тоа подрачје и спречување на нивно понатамошно деградирање што е од големо значење и за локалното население и локалната економија.

Во понатамошниот тек на јавната расправа следуваше презентирањето на Студијата за валоризација на Охридското Езеро од страна на тим лидерот на тимот кој учествуваше во изготвување на студијата- Даниел Богнер и презентирањето на Нацрт верзијата на Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата од страна на претставниците од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Јавната расправа продолжи со поставување на прашања, забелешки и коментари од учесниците на Јавната расправа.

Претсавникот на НВО Струга, Положани постави прашање коешто се однесуваше на вклученоста на експертите во изработка на Студијата за валоризација на Охридското езеро за споменик на природата и дали истата е усогласена на туризмот и заштитата на природата. На поставеното прашање следуваше одговор од страна на преставник од Министерството за животна средина и просторно планирање дека Студијата е изработена согласно Правилникот за содржината на Студијата за валоризација и ревалоризација на заштитени подрачја и истата е изготвена во рамки на ГЕФ/УНЕП Проектот: “Постигнување заштита на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и одржување на биодиверзитетот во планирање на користење на земјиштето” (STAR 5), во соработка на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) во Виена и Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) со седиште во Белград, а во координација на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Студијата беше изготвена врз основа на најдобри пракси користени од страна на ИУЦН, како најеминентна и меѓународно призната организација за заштита на природата во светот,којапосветено работи на заштита и зачувување на природата во период од неколку децении., а Дозволените и забранетите активности ке бидат опфатени со Планот за управување. Во планот за управување ќе биде опфатен туризмот во Посебна програма, во која ќе се утврдат мерки и активности со наведување на клучните засегнати страни.

На поставеното прашање од страна на претставникот на јавната расправа, Арион Мероли коешто се однесува на евентуалното мислењето на IUCN коешто би можело, односно би било добро да се земе во предвид во врска за заедничко тело на управување за Република Северна Македонија и Република Албанија, следуваше одговор од страна на претставникот на МЖСПП, дека министерството постапува согласно националното законодавство, односно прашањето за заедничко управување е согласно билатерални договори.

На поставеното прашање од страна на претставникот на МЕД, режимот на заштита да се дополни по зони, следуваше одговор од страна на претставникот на МЖСПП, дека во Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата е опфатен режимот за заштита и дека во Планот за управување ќе се утврдат дозволените и забранетите активности во секоја од зоните.

Преставник од МЖСПП наведе дека Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро произлегува од Законот за заштита на природа, кој е lex specialis во областа на заштита на природата. Структурата на Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро е пропишана со член 92 став (7) од Законот за заштита на природата и содржи: назив на заштитеното подрачје или природната реткост, категорија на заштита за заштитеното подрачје, географски карактеристики и други основни обележја, картографски приказ со граници на заштитеното подрачје и границите на зоните, типови на зони во заштитеното подрачје, режим на заштита, субјект кој ќе управува и други прашања утврдени со актот за прогласување.

По завршувањето на јавната расправа преставниците од МЖСПП укажаа дека следува законски рок од 10 (десет) дена во кој засегнатите страни може да достават дополнитени забелешки и коментари до МЖСПП по основ на Нацрт на Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природата.

Во понатамошниот тек од постапката за прогласување на Охридското езеро за заштитено подрачје следува владина и собраниска процедура за усвојување на Предлог на Законот за прогласување на Охридското езеро за споменик на природта.