Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, вчера, оствари работна средба со претставници од Светска Банка на која се разговараше за можностите за поддршка на активности кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот и ќе ја забрзаат транзицијата кон употреба на обновливи извори на енергија во нашата земја. На состанокот присуствуваа и претставници од Македонискиот информативен центар за животна средина и од Секторот за Европска Унија.
На состанокот, заменик министерката Оџаклиеска говореше за тековните и планирани активности за намалување на загадувањето и за важноста од ефикасен инспексциски надзор во животната средина. Се дискутираше и за можностите за синергија со проектите кои ги спроведува Светската банка во областа на енергетската ефиканост, имајќи предвид дека енергетскиот сектор, особено емисиите кои произлегуваат од согорување на фосилни горива и примената на енергетски неефикасни печки во домаќинствата и административните капацитети, се клучен извор на емисија на цврстите честички кои се критична загадувачка супстанца кај нас.
Претставниците од Светска банка изразија подготвеност за поддршка во имплементација на Плановите за подобрување на квалитетот на воздухот на локално ниво, како и за поддршка и соработка со ИПА проектите кои се спроведуваат на национално ниво.