Презентирани Дигиталната водна книга и Методологија за мониторинг на водните тела

vodnakniga_1По повод одбележување на Светскиот ден на водите, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска имаше воведно обраќање на настанот на кој беа презентацирани дигиталната платформа за Водната книга (база на податоци за управување со водите) и Методологијата за мониторинг на водните тела. Дигиталната Водна книга и Методологијата се изработени за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамки на проектот финансиран од Британската амбасада во Скопје, а кој е менаџиран од Институтот за комуникациски студии преку кампања „Разбистри сè“.

Министерот Нуредини во своето обраќање потенцираше дека со обезбедувањето на јавни податоци за управување со водите и новата легислатива во делот на мониторингот на водите, Министерството им овозможува на граѓаните поголема видливост за состојбата на водните ресурси.

- Со вкрстување на податоците од Водната книга и од мониторингот на Управата за хидрометеролошки работи ќе се овозможи носење одржливи политики и мерки за користење и заштита на водите, но и поголема транспарентност на процесот. Тоа се чекори кои ќе придонесат за соодветно управување со квалитетот на животната средина во нашата држава, и кои нé доближуваат до исполнување на препораките од Европската Унија во процесот на достигнување идно членство во неа – истакна тој, додавајќи дека резултатите од проектот, воедно имаат за цел и да обезбедат и зајакнување на административните капацитети за имплементација и примена на законодавството за управување со водите.

Според промотерите, дигиталната платформа за Водната книга ќе придонесе за транспарентност и учество на јавноста во донесувањето на одлуките во областа на водите и ќе овозможи сите релевантни податоци од Водната книга да бидат јавно и лесно достапни за сите засегнати страни. Правилникот за методологијата за мониторинг на површинските водни тела, пак, претставува подзаконски акт со кој поблиску се пропишуваат начинот на мониторингот и оценката на еколошката состојба на водите.

Оваа година, одбележувањето на Светскиот ден на водите е во знакот на заштита на подземните води и се одбележува под мотото „Подземни води – правење на невидливото видливо“.